Индекс на рационалност за индустриска сол

  • 03/2011

Просечно постигната цена по која договорните органи купувале еден тон индустриска сол изнесува 6.396 денари. Десет договорни органи ја купиле солта поевтино од просечната цена, а осум од нив поскапо. Соодносот меѓу најниската и највисоката цена изнесува 1 : 5,5. Иако солта се разликува според гранулометрискиот состав, влажноста и чистотата и пакувањето (рефус или пакувана во вреќи), сепак останува клучно прашањето дали овие параметри можат да ги оправдаат толку големите разлики во цените по кои институциите купуваат сол. Оттука, произлегува дека постои можност кај институциите за значително порационални набавки на овој вид на производ. 

Посебни постапки за набавка на индустриската сол за зимската сезона 2011-та имаат спроведено само 6 договорни органи и тоа општина Битола, ЈП Македонија пат - Скопје, Град Скопје, ЈП Улици и патишта - Скопје, ЈКП Тетово и ЈКП Кичево. Сите останати договорни органи, пред сè општините, ја купуваа индустриската сол во рамките на постапките за јавна набавка на услугите за зимско одржување на улици и патишта. 

Општина Битола спроведе отворена постапка за набавка на индустриска сол и ризла. Критериум за избор беше ‘најниска цена‘. Договорот е склучен со една фирма за набавка на 300 тони сол во вкупната вредност 1.072.620 денари со вклучен ДДВ. 

ЈП Македонија пат - Скопје низ постапка за јавна набавка за оваа зимска сезона купи 11.500 тони сол. За докажување на техничка и професионална способност од економските оператори се бараше: листа на главни испораки на понудувачите или кандидатите извршени во последните три години, со вредности, датуми, купувачи (договорни органи или економски оператори), со обезбедување на потврда за извршени испораки издадени од примателите; опис на техничката опременост и оспособеност на економскиот оператор; атест за квалитет на индустриската сол за патишта издаден од надлежна институција во Р. Македонија; сертификат за квалитет на предметната набавка издаден од производителот и податок за потекло на стоката. Во својата тендерска документација Македонија пат прецизно ги дефинира и техничките карактеристики што треба да ги задоволи солта. Критериум за избор беше ‘најниска цена‘. Од две добиени понуди склучен е договор со една во вредност 47.495.000 денари со вклучен ДДВ. 

Град Скопје преку отворена постапка за доделување на договор за јавна набавка има купено 1.500 тони сол. Како минимум критериуми за утврдување на техничката и професионалната состојба од понудувачите се бараше да имаат извршено најмалку три испораки од ист вид во последните три години и задолжително да достават атест или сертификат за квалитет на солта, издаден од надлежна институција во Р. Македонија со кој се потврдува исполнувањето на барањата од техничката спецификација. Критериум за доделување на договор беше ‘најниска цена‘. До Град Скопје беше доставена само една понуда. Договорот е склучен во вредност од 6.991.500 денари со пресметан ДДВ.

ЈП Улици и патишта спроведе отворена постапка за јавна набавка на 500 тони сол. Минимум критериуми за утврдување на техничката и професионалната состојба на понудувачите дефинирани во огласот беа листа на главни испораки; изјава на ангажиран технички персонал и возила без оглед на тоа дали тие му припаѓаат на економскиот оператор и уверенија (сертификати - атести) за докажување на квалитетот. Критериум за избор на најповолна понуда беше ‘најниска цена‘. Од 2 добиени понуди договор е склучен со една фирма во вредност од 2.448.500 денари со ДДВ. 

ЈКП Тетово ги купи потребните 300 тона индустриска сол преку отворена постапка. Во огласот не беа прецизирани минималните критериуми кои компаниите треба да ги исполнуваат за да се квалификуваат за учество на тендерот. Критериум за избор беше ‘економски најповолна понуда‘ со три елементи, цена, начин и рок на плаќање и рок на испорака. 

На повикот биле доставени две понуди по што е избарана една со која е склучен договор во вредност од 1.722.800 денари

Елементи Бодови
 Цена  80
 Начин и рок на плаќање 15 
 Рок на испорака

ЈП Комуналец - Кичево потребните 20 тона сол за одржување на патиштата ги има купено преку постапка за прибирање на понуди со објавување на оглас. Во оваа поедноставена постапка од понудувачите се бараат само изјави дека ги исполнуваат предвидените критериуми за утврдување на способноста. Критериум за избор е ‘економски најповолна понуда‘. 

На тендерот се доставени само две понуди. Договорот е склучен во вредност од 141.128 денари со вклучен ДДВ

Елементи Бодови
 Цена  80
 Начин и рок на плаќање  20 

Сите останати договорни органи кои се вклучени во пресметката на индексот на рационалност за индустриската сол ја купиле преку постапки за јавни набавки за зимско одржување на улици и патишта. Притоа, во случајот на Струга добавувачите за сите 4 дела на кои е поделена општината за зимско одржување, цената на солта ја пресметуваат различно и затоа е земена просечна цена. Истото е случај и во Ѓорче Петров каде општината е поделена на три дела во кои секоја од фирмите што го добиле тендерот пресметува различна цена на индустриската сол.