Индекс на рационалност за платнен фластер

  • 03/2011

Соодносот на најниската и највисоката цена по која е купуван овој производ е 1:1,5 односно највисоката цена е за 54% повисока од најниската. Пет клиники фластерот го купувале по цена под просечната, а четири над неа.  Дека критериумот ,најниска цена‘навистина не значи избор на ниска цена, говори податокот дека овој критериум бил применет кај сите три клиники чии цени за набавка на фластер се повисоки од просечната. Овој индекс на рационалност е направен врз основа на цените по кои овој основен медицински потрошен материјал го купуваат клиниките. 

Со цел да се обезбедат потребните податоци за изработка на овој индекс на рационалност, барање за цената по која се купува платнен фластер со димензии 5 см х 5 м беше доставено до сите 29 клиники регистрирани во Електронскиот систем за јавни набавки. Добиени се одговори од 17 клиники, со тоа што 7 одговорија дека фластерите за нив ги набавува Јавната установа од областа на здравството за потребите на јавните здравствени установи, универзитетски клиники, заводи и ургентни центри, и тоа за Клиниките за хематологија, за пулмологија и алергологија, за неврологија, за пластична и реконструктивна хирургија, за урологија и за детска хирургија. Универзитетската клиника за психијатрија достави известување дека не користи фластери, а одговор не беше добиен од дури 12 универзитетски клиники, и тоа од Клиниките за дигестивна хирургија, за гастроентерохепатологија, за дерматологија, за детски болести, за инфективни болести и фебрилни состојби, за максилофацијална хирургија, за неврохирургија, за ревматологија, за ендокринологија, за токсикологија, за клиничка биохемија и за радиологија. Оттука, индексот на рационалност за набавка на платнен фластер е направен врз основа на споредба на цените за набавка на пакување од 10 платнени фластери 5x5 од девет клиники. Како што може да се види од индексот на рационалност, во набавката на платнени фластери 5х5, соодносот на најниската и највисоката цена на клиниките е 1:1,5 односно највисоката цена е за 54% повисока од најниската. Просечната цена по која е купуван фластерот изнесува 334 денари за пакување од 10 фластери. Пет клиники фластерот го купувале под просечната цена, а четири над неа.  Значајно е да се напомне дека највисоката цена по која се купувани платнените фластери е на ниво на малопродажните, што секако е нелогично ако се имаат предвид дополнителните трошоци за еден фластер да се најде на продажба во аптека. Гледано од аспект на применетата постапка за јавна набавка, разликите во цените можат да се сметаат за очекувани само кај Универзитетскиот стоматолошки клинички центар „Св. Пантелејмон“ Скопје, бидејќи набавката е направена со прибирање на три понуди и без објавување оглас. Сите останати клиники спровеле отворени постапки со објавување оглас за доделување договор. Во сите клиники фластерите биле купувани како дел од медицински потрошен материјал и набавката била делива по ставки. Дека критериумот ,најниска цена‘ и навистина не значи избор на ниска цена, говори податокот дека овој критериум бил применет кај сите три клиники чии цени за набавка на фластер се повисоки од просечната. За разлика од тоа, од петте клиники со цени пониски од просечната, три примениле критериум за избор ,економски најповолна понуда‘ со бодирање на ,рок на плаќање‘ или ,квалитет‘. Најголем број на бодови за квалитетот на фластерите (30 од можни 100 бода) бил даден од Јавната установа од областа на здравство за потребите на јавните здравствени установи, универзитетски клиники, заводи и ургентни центри. 

Соодносот на цените со купените количини покажува само делумна поврзаност. Имено, највисоката цена за набавка на фластери е платена за набавка на најмалите количини (Универзитетски стоматолошки клинички центар „Св. Пантелејмон“), но во исто време, најниската цена е постигната кај набавка која исто така може да се оцени како мала (Клиника за очни болести). 

Купени количини на платнен фластер

Договорен орган Број на платнени фластери
Универзитетска клиника за очни болести  300
Универзитетска клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“  6 500
Универзитетска клиника за кардиологија  1 000
Универзитетска клиника за нефрологија 4 000
Јавна установа од областа на здравство за потребите на јавните здравствени установи, универзитетски клиники,заводи и ургентни центри  18 000
Универзитетска клиника за уво, нос и грло  1 000
Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија 2 000
Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство  1 500
Универзитетски стоматолошки клинички центар „Св. Пантелејмон“ 60