Индекс на рационалност за метални архивски ормани

  • 03/2016

Цените по кои се купувани металните архивски ормани, со речиси идентични димензии, се движат од 6.476 до 14.293 денари. Соодносот на најниската и највисоката цена е 1:2,21, што значи дека цената што ја платило Министерството за животна средина и просторно планирање е за 121% повисока од онаа на Основниот суд Скопје 2. Сите институции ги набавувале орманите во постапки кои биле транспарентни и за кои бил објавен оглас. Суштинската разлика што е констатирана низ анализата на тендерските документи е дека во постапката на Министерството за животна средина и просторно планирање, во делот за набавка на ормани била добиена само една понуда и не е спроведена електронска аукција. Оваа состојба го потврдува правилото дека во очекување на електронска аукција, понудувачите првично нудат повисоки цени коишто, поради немањето услови за негативно наддавање, остануваат и како конечни цени. Големите разлики во цената за набавка на архивски ормани не може да се доведат во директна врска со купените количини.

Во изработката на индексот на рационалност за метални архивски ормани се вклучени 10 договорни органи кои, за овој вид набавка и со конкретни димензии на орманите, објавиле оглас во периодот јануари 2014 – ноември 2015 година. Од сите институции се добиени побараните податоци. Во нив е потврдено сознанието коешто е добиено и претходно од тендерските документации – дека сите ормани се со висина од 190 до 200 сантиметри, ширина од 80 до 95 сантиметри и длабина од 40 до 50 сантиметри. Констатираните мали разлики во димензиите не влијаеле врз цената, бидејќи двете институции кои имаат најниска и највисока цена (Основен суд Скопје 2 и Министерство за животна средина и просторно планирање) купиле ормани со идентични димензии, и тоа висина од 200 сантиметри, ширина од 80 сантиметри и длабина од 40 сантиметри. Оттука, во изработката на индексот за метални архивски ормани се вклучени сите 10 институции одбрани на почетокот на процесот.

Како што може да се види од индексот на рационалност, просечно постигната цена за набавка на 1 орман изнесува 8.727 денари. Пет институции ги купувале архивските ормани по пониска цена од просечно постигнатата, и тоа од 1,34% до 32,76%, додека, пак, пет институции плаќале натпросечно висока цена, и тоа од 0,06% до 38,94%.

Олку големите разлики во цените на металните архивски ормани не се последица на применетите постапки. Со исклучок на Управата за водење на матичните книги, каде што е применета отворена постапка, сите останати институции спровеле тендер со барање за прибирање понуди. Ова значи дека се применети транспарентни постапки кои требале да овозможат еднакви услови за сите понудувачи. Воедно, кај сите постапки е користен критериумот ’најниска цена‘. Кај сите постапки била планирана електронска аукција за намалување на првично дадените цени. Сепак, планираната е-аукција не се одржала само во тендерот на Министерството за животна средина и просторно планирање, каде што во делот за набавка на метални архивски ормани се јавил еден понудувач.

Големите разлики во цената за набавка на архивски ормани не можат да се доведат во директна врска со купените количини. 

Број на купени метални архивски ормани

Договорен орган Број на купени ормани Отстапување од просечната цена
Основен суд Скопје 2     25 -34,76%
Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ Скопје - Ректорат   3 -28,85%
Апелациски суд Штип 14 -25,01%
Управен суд  12 -12,61%
Универзитет за информатички науки и технологии – Охрид 4 -1,34%
Општина Аеродром  40 +0,06%
Град Скопје  10 +0,06%
Општина Радовиш  9 +1,39%
Управа за водење на матичните книги  100 +12,89%
Министерство за животна средина и просторно планирање  3 +38,94%

Како што може да се види од табеларниот приказ, најголемиот број ормани ги има купено Управата за водење на матични книги, дури 100, но сепак цената по која се купени тие е една од највисоките. Во исто време, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје - Ректорат и Министерството за животна средина и просторно планирање имаат купено ист број ормани, односно по три, а имаат голема разлика во цената од дури 111%.