Индекс на рационалност за хартија за печатење и фотокопирање

  • 03/2017

Цените по коишто е купувана хартијата за печатење и фотокопирање (бела боја, А4 формат од 80 грама) се движат од 122 до 346 денари. Соодносот на најниската и највисоката цена е 1:2,84, што значи дека цената што ја платило ЈЗУ Центар за јавно здравје Велес е за 184% повисока од онаа на ОУ Раде Кратовче од Кочани. Просечната цена по којашто е купувана хартијата изнесува 181 денар за еден топ хартија.

Со оглед на тоа што индексот на рационалност за хартија за печатење и фотокопирање беше изработуван и во 2011 и во 2012 година, произлегува дека во 2016 година институциите хартијата ја купуваат по пониска цена отколку пред 4, односно 5 години. Во 2011 година просечната цена за овој производ изнесувала 211 денари за топ хартија, додека, пак, во 2012 година 196 денари. Но, наспроти намалувањето на цената, сега е констатирана најголема разлика во цените за набавка на хартијата. Имено, во 2011 година, Индексот на рационалност покажа дека соодносот на најниската и највисоката цена изнесувал 1:1,97 додека, а пак во 2012 година, соодносот на најниската и највисоката цена за набавка на хартија за фотокопирање изнесува 1:1,88, што значи дека највисоката цена била повисока за 88% од најниската цена од 156 денари за 1 топ хартија.

Разликите во цените во индексот изработен врз основа на цените постигнати во постапки за јавни набавки спроведени во 2016 година се многу поголеми.

Сите институции ја набавувале хартијата во постапки што биле транспарентни и за коишто бил објавен оглас. Оттука, разликите во цените не можат да се објаснат со применетите постапки. Економска оправданост за разликите не може да се најде ниту во купените количини на хартија. 

Во изработката на индексот на рационалност за хартија се вклучени сите договорни органи коишто во првите два месеци од 2016 година објавиле оглас за овој вид набавка. Побараните податоци се добиени од сите институции. Како што може да се види од изработениот индекс на рационалност, просечно постигната цена за набавка на 1 топ хартија изнесува 181 денар. Притоа, 13 институции ја купувале хартијата по пониска цена од просечно постигнатата, и тоа од 9,04% до 48,36%, додека, пак, 8 институции плаќале натпросечно висока цена, и тоа од 0,55% до 47,69%.

Големите разлики во цените не можат да се толкуваат како последица на применетите постапки, со оглед на фактот што сите институции спровеле соодветни постапки во согласност со Законот за јавни набавки (барања за прибирање понуда или отворени постапки, во зависност од вредноста на тендерите) со критериум за избор на најповолна понуда ’најниска цена‘.

Во однос на електронската аукција, анализата на податоците упатува на заклучокот дека таа не е спроведена само во постапката на ЈЗУ Клиничка болница Тетово, каде што имало само една прифатлива понуда, додека во сите останати тендери било спроведено електронско намалување на цената. Притоа, како што може да се види од табеларниот приказ, ЈЗУ Клиничка болница Тетово не ја купило хартијата по највисока цена.

Врз постигнатите цени не влијаеле ниту купените количини. Како што може да се види од следниот табеларен приказ, ОУ Раде Кратовче Кочани, кое хартијата ја купува по најниска цена, има купено едно од најмалите количини на хартија за печатење и фотокопирање, наспроти ЈЗУ Центар за јавно здравје Велес, којшто има купено дури 1.700 топови хартија, односно 17 пати повеќе. 

 

                                         Количини на купена хартија за печатење и фотокопирање  

                         Договорен орган                                      Број на купени   топови хартија   Отстапување од просечната цена 
ОУ „Раде Кратовче“ Кочани  100 -48,36%
ЈЗУ Универзитетска клиника за ендрокринологија    700 -28,37%
ЈП Комуналец Кичево  300 -27,46%
ЈЗУ Универзитетска клиника за дигестивна хирургија  40 -26,57%
ЈЗУ Универзитетска клиника за нефрологија  1200 -26,57%
НУ Македонски народен театар-Скопје  150 -23,13%
ЈЗУ Завод за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања-Охрид  950 -21,48%
ЈЗУ Геронтолошки завод 13 Ноември – Скопје   700 -18,30%
Здравствен дом – Пробиштип  200 -16,77%
Општина Македонски Брод  200 -16,03%
Факултет за биотехнички науки  150 -13,84%
ЈЗО Општа болница Велес  1862 -9,70%
ЈЗУ Специјална болница по гинекологија и акушерство  „Мајка Тереза“ – Скопје  500 -9,04%
ЈЗУ Здравствен дом Куманово  500 +0,55%
ЈЗУ Клиничка болница Тетово  2600 +1,09%
АД Електрани на Македонија – Скопје  (Подружница ХЕЦ Маврово) 300 +8,59%
Општина Чешиново-Облешево  150 +10,40%
СОУ Гимназија „Мирче Ацев“ – Прилеп / +18,83%
Ревизисико тело за ревизија на инструментот за претпристапна помош  200 +27,02%
Универзитет „Св.Кирил и Методиј“ Економски факултет Скопје  500 +33,46%
ЈЗУ Центар за јавно здравје Велес  1700 +47,69%

 

Оваа состојба на отсуство на каква било економска оправданост за разликите во цените за набавка на хартија го отвораат сомнежот дека можеби некои други критериуми и влијанија одиграле улога, наспроти пазарните механизми.