Индекс на рационалност за мобилен фискален апарат

  • 05/2015

Воведувањето нови фискални каси со вграден ГПС модул стана законска обврска за даночните обврзници која мораше да се имплементира од мај до октомври 2014 година. Оттука, многу државни институции на национално и на локално ниво во текот на 2014 година спроведоа тендери за набавка на новите апарати. Се набавуваа фиксни (неподвижни) и мобилни (подвижни), фискални апарати. Сепак, разликите што беа констатирани во видот на фиксните фискални апарати (едни кои можат да се поврзат со компјутер и други кои се без таква опција) ја оневозможија изработката на индексот на рационалност за фиксните фискални апарати. Поради тоа, индексот е изработен само за мобилните фискални апарати. Сепак, останува нејасно зошто договорни органи од иста дејност, како на пример во здравството, набавуваат фиксни (статични) фискални апарати кои имаат различни перформанси, што секако значи големи разлики во цените кои се плаќаат за ваков вид апарати. Така, на пример, Здравствениот дом на Скопје своите статични фискални апарати ги купувал по 11.180 денари, Универзитетски стоматолошки клинички центар „Св. Пантелејмон“ – Скопје по 12.876 денари, Општата болница „Д-р Ферид Мурад“ од Гостивар по 13.724 денари, Здравствениот дом – Струмица по 14.632 денари, Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство Скопје по 18.290 денари, а Градска општа болница „8 Септември“ – Скопје по 19.941 денар. Произлегува дека цените по кои се платени фиксните фискални апарати од страна на некои договорни органи се повисоки од малопродажните цени на добавувачот. Ваквите примери секако ја доведуваат во прашање смислата на самите постапки за јавни набавки, кога преку нив се постигнуваат дури и повисоки цени од пазарните.

Гледано во однос на мобилните фискални апарати, произлегува дека институциите ги купувале нив по цени од 10.894 денари до 16.772 денари. Притоа, соодносот меѓу најниската и највисоката цена изнесува 1: 1,54, што значи дека ЈЗУ Здравствен дом Скопје купила за 54% поскапи апарати отколку Јавното комунално претпријатие Струмица. Вака констатираните разлики не можат да се објаснат со купените количини, применетите постапки, ниту, пак, со критериумите за избор на најповолна понуда. Она што е карактеристично за 14 овие постапки е малиот број понудувачи, што само кај институциите кои платиле најниски цени изнесува по тројца. 

Во изработката на овој индекс беа вклучени 16 договорни органи кои постапките за јавна набавка на фискален апарат ги спровеле во периодот јануари-јули 2014 година. Сепак, со оглед на веќе констатираните разлики во видот на фиксните фискални апарати, индексот е изработен само за осум институции кои набавувале мобилни фискални апарати.

Како што може да се види од табеларниот приказ на индексот на рационалност за овој производ, просечната цена што е постигната за набавка на овој апарат изнесува 14.706 денари. Три договорни органи ги купиле апаратите по цени пониски од просечната, а пет над просечната цена.

Сите договорни органи фискалните апарати ги купиле преку законски предвидените постапки, меѓу кои доминира барањето за прибирање понуди до 5.000 евра. Само Здравствениот дом на Скопје применил отворена постапка, со оглед на поголемиот број на апарати што ги купувал и оттука и повисоката вредност на тендерот. Сите, без исклучок, го користеле критериумот за избор „најниска цена“. Сепак, на тендерите максималниот број на учесници е три 15 понудувачи и тие се евидентирани во постапките на ЈПКД Комуналец Струмица, ЈП за јавни паркиралишта Паркинзи на Општина Центар и ЈЗУ Здравствен дом Струмица. Една понуда е евидентирана кај ЈП Комуналец Битола, додека кај сите останати имало по 2 понудувачи, што сепак овозможило и одржување е- аукција. Разликите во цените за набавка на мобилните фискални апарати не може да се објасни ниту со купените количини.

Количина на купените фискални апарати

Договорен орган Број на купени фискални апарати Отстапување од просечната цена
ЈПКД Комуналец Струмица 11 -35,0%
ЈП за јавни паркиралишта Паркинзи на Општина Центар 10 -9,9%
ЈЗУ Здравствен дом Ресен 2 -4,6%
АСУЦ Боро Петрушевски на град Скопје 8 +0,3%
ЈЗУ Здравствен дом Струмица 2 +7,1%
ЈП Комуналец Битола 1 +8,0%
ЈП за управување и заштита на повеќенаменското подрачје ЈАСЕН Скопје 4 +8,0%
ЈЗУ Здравствен дом на Скопје ЦО Скопје 20 +12,3%

Како што може да се види од претходниот табеларен приказ, Здравствениот дом Скопје, кој и ги купил најголемите количини од овој апарат, ја платил и највисоката цена. Имајќи предвид дека апаратите се купувани од страна на различни добавувачи, очигледно е дека разликите во цените во крајна линија се резултат на условите кои тие ги диктираат. Но, во услови кога сите доставуваат апарат со стандардизирани перформанси во согласност со Законот за регистрирање на готовинските плаќања, нејасно е како добавувачите успеваат да ги сочуваат овие високи разлики во цените на нивните апарати.