Индекс на рационалност за контејнери за отпад

  • 07/2015

Цените по кои општините и локалните комунални претпријатија ги купувале металните контејнери за отпад од 1,1 м3 се движат од 12.383 до 18.502 денари. Соодносот на најниската и највисоката цена изнесува 1:1,49, што значи дека цената по која контејнерите ги купил Комуналец Гевгелија е за 49% повисока од цената која за контејнерот ја платил Комуналец од Свети Николе. Вака констатираните разлики не се резултат на спроведените постапки, во кои доминантно имало високо ниво на конкуренција, меѓу три и шест понудувачи. Разликите не се резултат ниту на купените количини бидејќи ЈП „Охридски Комуналец“ ги има купено најголемите количини, односно 100 контејнери, а цената која ја плаќа за нив е во групата на натпросечно високи цени.

Во изработката на овој индекс беа вклучени постапките за јавни набавки за оваа услуга спроведени во периодот од април 2013 до април 2015 година, од страна на 15 договорни органи. Во индексот сепак се вклучени само 8 институции кои купувале метални контејнери со димензии од 1,1 м3. ЈП Комунална хигиена -Скопје, ЈКП Никола Карев – Пробиштип и Општина Струга доставија информации дека набавиле само пластични контејнери, додека пак 14 ЈП „Комуналец“ - Неготино, ЈП „Комуналец“ – Кавадарци и ЈП „Исар“ – Штип не ги доставија побараните информации и покрај законската обврска за тоа. Како што може да се види од табеларниот приказ на индексот на рационалност за контејнери за отпад, просечната цена по која се купувани контејнерите изнесува 16.688 денари. Три институции контејнерите ги купувале по цени кои се пониски од просечно постигнатата и тоа од 4,52% до 34,77%, додека пак пет институции купувале контејнери по цена која е повисока од просечната од 5,28% до 9,80%. Сите договорни органи примениле транспарентни постапки за јавни набавки. Со исклучок на комуналните претпријатија од Охрид и Струмица кои примениле отворени постапки, сите останати користеле постапка со барање за прибирање понуди. Критериумот за избор на најповолна понуда во сите постапки е „најниска цена“. Во сите овие постапки имало високо ниво на конкуренција, што овозможило во сите нив да се спроведе планираната е- аукција. Оттука, причините за разликите во цената констатирани во индексот не може да му се припишат на начинот на кој се спроведени постапките. Отсуството на јасна економска логика во цените кои се постигнати низ постапките постои и од аспект на купените количини.

Број на купените контејнери

Договорен орган Број на купени контејнери Отстапување од просечната цена
ЈКП „Комуналец“ - Свети Николе 20 -34,77%
Општина Богданци 15 -7,16%
Општина Гевгелија 40 -4,52%
ЈП „Комуналец“ - Крива Паланка 5 +5,28%
ЈП „Охридски Комуналец“ - Охрид 100 +5,40%
ЈПКД „Комуналец“ - Струмица 20 +5,72%
ЈКП „Илинден“ - н. Илинден 20 +7,90%
ЈПКД „Комуналец“ - Гевгелија 19 +9,80%

Како што може да се види од табеларниот приказ на количините, ЈП „Охридски Комуналец“ ги има купено најголемите количини, односно 100 контејнери, а цената која ја плаќа за нив е 5,40% повисока од натпросечно високи цени, но за дури 42,46% повисока од најниската цена.