Индекс на рационалност за медицински азотен оксид N20

  • 05/2014

Индексот на рационалност за медицински азотен оксид N20 покажа релативно мали разлики во цените. Соодносот на најниската и највисоката цена е 1:1,10 што значи дека највисоката цена е за 10% повисока од најниска цена. Сите набавки се спроведени во јавно огласени тендери, со критериум за избор на најповолна понуда ’најниска цена‘. Количините за набавка не се покажале како пресудни во влијанието врз цената. 

Во изработката на индексот на рационалност за медицински азотен оксид N20 беа вклучени единаесет институции, односно сите што според податоците од ЕСЈН, имале ваков вид на набавка во текот на 2013 година. Сепак, индексот е изработен врз основа на цените за набавка на овој вид на медицински гас од десет здравствени институции. Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје беше исклучен од индексот, бидејќи достави податок за цена на течен азот, а не за побараниот азотен оксид N20. 

Како што може да се види од табеларниот приказ на овој индекс, медицинскиот азотен оксид N20 од шест институции бил купуван по цени што се пониски од просечно постигнатата, три институции по цена што е идентична со просечно постигнатата и само една институција го набавила производот по натпросечно висока цена. Сите институции го купувале медицинскиот азотен оксид N20 како дел од набавка на технички и медицински гасови во кои покрај медицински азотен оксид, најчесто се купувани и кислород и течен азот.

Медицинскиот азотен оксид во отворена постапка за јавна набавка го купиле ЈЗУ Општа болница Гевгелија, ЈЗУ Клиничка болница Тетово, ЈЗУ Клиничка болница Битола и ЈУ од областа на здравството за потребите на јавните здравствени установи, клиники, завод и ургентен центар – Скопје. Постапка со барање за прибирање на понуди за набавки од 5.000-20.000 евра примениле ЈЗУ Општа болница Велес, ЈЗУ Општа болница Охрид, ЈЗУ Општа болница Струга, ЈЗУ Општа болница Кичево и ЈЗУ Општа болница „Д-р Ферид Мурад“ Гостивар. Мала набавка до 5.000 евра, пак, за која исто така се објавува оглас применила ЈЗУ Општа болница Кочани.

Разликите во цените, со оглед на тоа што се минимални, не можат да се објаснат ниту со тоа дали е спроведена е-аукција. Имено, кај дел од институциите во чиишто тендери не биле исполнети условите за одржување на е-аукција, односно имале само една понуда, цените за набавка на овој производ се најниски. Така, 6 институции не одржале е-аукција (ЈЗУ Општа болница Велес, ЈЗУ Општа болница Гевгелија, ЈЗУ Општа болница Охрид, ЈЗУ Клиничка болница Тетово, ЈЗУ Општа болница Кичево и ЈЗУ Општа болница „Д-р Ферид Мурад“ Гостивар), а 4 спровеле (ЈЗУ Општа болница Кочани, ЈЗУ Општа болница Струга, ЈЗУ Клиничка болница Битола и ЈУ од областа на здравството за потребите на јавните здравствени установи, клиники, завод и ургентен центар – Скопје). 

Купени количини на медицински азотен оксид N20

Договорен орган Во килограми
ЈЗУ Општа болница Кочани  60 
ЈЗУ Општа болница Велес 67,5
ЈЗУ Општа болница Гевгелија  262
ЈЗУ Општа болница Охрид  307,5 
ЈЗУ Општа болница Струга 540 
ЈЗУ Клиничка болница Тетово  975
ЈЗУ Клиничка болница Битола 1.500
ЈУ од областа на здравството за потребите на јавните здравствени установи, клиники, завод и ургентен центар – Скопје 8.500
ЈЗУ Општа болница Кичево 90 
ЈЗУ Општа болница „Д-р Ферид Мурад“ Гостивар 372

 

Како што може да се види од табеларниот приказ, малите разлики во цените не се јавиле ниту како резултат на купените количини. ЈЗУ Општа болница Кочани ги купила најмалите количини од азотниот оксид (60 кг), а сепак производот го купила по најниската цена евидентирана во индексот.