Индекс на рационалност за урбана опрема – клупи

  • 06/2013

При набавката на клупи, изработени од дрво со метална конструкција со стандардни димензии, евидентирани се значајни разлики во цените кои ги плаќаат општините и тие се движат од 4838 до 12188 денари. Соодносот на најниската и највисоката цена изнесува дури 1:2,52, што значи дека највисоката цена е за 152% повисока од најниската. Разликите во цените ќе беа уште поголеми доколку се занемареа фактите од што се изработени клупите и нивните димензии, бидејќи некои општини плаќале за клупи од медијапан или од метал и дрво, но со поинакви димензии и по повеќе од 30.000 денари за клупа. Со цел да се дојде до што е можно пообјективна споредба, индексот е изработен само за оние општини кои набавиле клупи во стандардните димензии и од стандарден материјал (дрво/метал). Овој индекс е еклатантен показател дека рационалноста во трошењето на јавните пари не се постигнува само со формална примена на правилата во јавните набавки. Имено, најниската цена во овој индекс е постигната во тендер спроведен од страна на Општина Ѓорче Петров, каде што е применета отворена постапка, но со оглед на тоа што е добиена само една понуда, не е спроведена е-аукција. Наспроти ова, во набавката на Општина Македонска Каменица, иако завршила со е-аукција, цените на клупите се највисоки. 

Барањата за информации за цените по кои се купени клупите беа доставени до 14 договорни органи. Сепак, индексот е изработен само за пет, бидејќи за сите 14 останати институции не можеше да се обезбеди споредливост на купените клупи поради различниот материјал за нивната изработка или димензиите (Општина Карпош, Општина Кавадарци, Општина Крива Паланка, Општина Неготино, Центар за развој на Вардарски плански регион и ЈПКД Комуналец - Струмица). Општина Велес ја најави, но не ја достави побараната информација, Општина Илинден побараните податоци ги прогласи за деловна тајна, а општина Гази Баба, пак, имаше склучен рамковен договор со три фирми со кои треба да се спроведе е-аукција пред непосредната набавка на клупите. Како што може да се види од претходната табела, цените во овој индекс се движат од 4.838 до 12.188 денари. Притоа, просечната цена што е постигната за набавка на клупа изнесува 8.711 денари. Две општини клупите ги купиле по цена пониска од просечната, а три со значајно повисоки цени. Овие разлики не можат да се објаснат со применетите постапки бидејќи сите вклучени општини користеле постапки за кои објавиле оглас, и тоа: Ѓорче Петров, Аеродром, Кисела Вода и Македонска Каменица примениле отворени постапки, а само Општина Прилеп спровела постапка со барање за прибирање понуди. Сите пет општини како критериум за избор на најповолна понуда ја користеле најниската цена. Електронска аукција не е одржана само во набавките на општините Ѓорче Петров и Кисела Вода, што секако зборува дека и овој инструмент за зголемување на рационалноста во трошењето на јавните пари не секогаш ги дава очекуваните резултати. Имено, општината што најевтино ги платила своите клупи не спровела е-аукција, додека, пак, општината (Македонска Каменица) која ја платила највисоката цена за клупите спровела е-аукција. 

Количини на купени клупи

Договорен орган број на клупи
Општина Ѓорче Петров  140 
Општина Аеродром  120 
Општина Прилеп  40
Општина Кисела Вода  120
Општина Македонска Каменица  18 

 

Гледано од аспект на купените количини, приказот во горенаведената табела покажува дека навистина постои поголема разлика во бројот на клупите (140) што ги набавила Општина Ѓорче Петров, постигнувајќи најниска цена, во однос на бројот на клупите купени од страна на Општина Македонска Каменица (18), чии цени на набавка се највисоки. Сепак, фактот дека општините Аеродром и Кисела Вода купиле исти количини, а цените им се повисоки, зборува дека и во овој индекс разликите не се јавуваат како резултат на вкупната вредност на набавката.