Индекс на рационалност за работна облека

  • 06/2013

Цената по која е купувана работната облека како дел од ХТЗ-опремата од страна на комуналните претпријатија се движи од 1.263 до 4,956 денари за комплет што вклучува панталони и јакна. Соодносот на најниската и највисоката цена изнесува дури 1:3,92, што значи дека највисоката цена која ја плаќа МЈП Проаква за набавка на работната облека за својата регионална единица во Струга е за речиси трипати (292%) повисока од цената која за облека со истата намена ја плаќа ЈП Камена река од Македонска Каменица. Гледано од аспект на спроведените тендери, позначајната разлика меѓу двете јавни претпријатија што ја плаќаат најниската и највисоката цена за набавка на работна облека е во поставените критериуми за оценување на способноста на фирмите понудувачи. Притоа, ЈП Камена река не поставило услови што требало да ги исполнат понудувачите за учество на нивниот тендер, додека, пак, МЈП Проаква барало фирмите да имаат претходно искуство и богата референтна листа. 

Во изработката на индексот на рационалност за работна облека беа вклучени сите јавни претпријатија што во текот на 2012 година и првите два месеци од 2013 година имале ваков вид на набавка. 

Преку Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН) беа евидентирани 11 договорни органи што објавиле оглас за овој вид набавка. Но, дел од јавните претпријатија не ги доставија побараните информации. Притоа, ХС Злетовица - Пробиштип достави одговор дека цената по која ја купувале работната облека не е информација од јавен карактер, со што не постапи во согласност со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Доставувањето на информацијата го избегна и ЈП Охридски Комуналец - Охрид со постојано одложување на побараниот одговор, додека, пак, од ЈП Улици и патишта - Скопје информираа дека дел од тендерот наменет за набавка на ХТЗ-опрема им е поништен. Оттука, индексот вклучува рангирање на 8 институции, со тоа што МЈП Проаква, кое спровело еден тендер за оваа набавка но во два дела, е вклучено со две различни цени кои ги плаќа за облеклата за работните единици Струга и Охрид. Како што може да се забележи од индексот, постојат големи разлики меѓу јавните претпријатија во набавката на овој производ. Притоа, шест договорни органи за услугата плаќаат цена пониска од просечната, а три склучиле договори со цени повисоки од просечно постигнатата.  Големите разлики во цената не можат да се објаснат со спроведените постапки за јавни набавки. За сите тендери биле објавени огласи за јавни набавки, што значи дека се спровеле транспарентни постапки. Притоа во сите тендери како критериум за избор на најповолна понуда се користела најниската цена, а на крајот кај сите е спроведена и електронска аукција за намалување на цените од понудувачите. Единствената значајна разлика меѓу двете институции што ја плаќаат најниската и највисоката цена за набавка на работна облека е во поставените критериуми за оценување на способноста на фирмите понудувачи. ЈП Камена река применило постапка на барање за прибирање понуди до 5.000 евра, поради што во тендерската документација, во согласност со Законот за јавните набавки, но не поставило критериуми за оценување на економско- финансиската и техничко-професионалната способност на фирмите понудувачи како услов за учество на тендерот. Од друга страна, МЈП Проаква,кое спровело поголем тендер преку отворена постапка, од фирмите барало биланс на состојбата и на успехот за последните три години, како и претходно искуство во последните три години со доставување референтна листа. Притоа во документацијата не беше прецизирано кој е минимумот во однос на овие критериуми што фирмите треба да го исполнат, што секако дека не е правилно. Воедно, во тендерот на јавното претпријатие од Струга се барало од фирмите да докажат дека нивните производи ги задоволуваат општите ИСО стандарди за квалитет и важечките норми, стандарди и А-тестови за ваков вид набавка што важат во Република Македонија. Со ова се потврдува проблемот со поставувањето високи критериуми што треба да ги исполнат фирмите за да учествуваат на тендерите, нотиран во редовниот мониторинг на јавните набавки што го спроведува Центарот за граѓански комуникации. Притоа, преку несразмерно високите критериуми се врши ограничување на конкуренцијата и фаворизирање на големите компании. Во обид да се испита евентуалната поврзаност на разликите во цените со купените количини, во рамките на индексот за работна облека е даден и приказ на бројот на облекла купени од страна на јавните претпријатија.

Број на купени работни облекла 

Договорен орган Број на одела
ЈП Камена река-М. Каменица  25
ЈП Комуналец-Битола 200
ЈП Комунална чистота-Богданци  /
ЈП Стипион 2011-Штип  100
ЈП Солидарност-Виница 86
ЈП Стрежево-Битола  /
ЈП Комуналец-Крива Паланка 50
МЈП Проаква за водовод-Охрид 76
МЈП Проаква за водовод-Струга  44

Како што може да се види од претходната табела, разликите во цените евидентирани во овој индекс не можат да се објаснат со купените количини, бидејќи институцијата што ја постигнала најниската цена не е добавувач на најголемиот број работни облекла.