Индекс на рационалност за огревно дрво

  • 03/2012

Овој индекс открива една неочекувано голема разлика во цените по кои општините и локалните училишта го купуваат огревното дрво. Констатираните разлики во цените најдобро ги отсликува податокот дека највисоката цена за 1 м3 дрва за огрев, која изнесува 4.366 денари, е за дури 121% повисока од најниската цена од 1.972 денари. Оттука, соодносот на најниската и највисоката цена констатирана во индексот на рационалност за огревно дрво изнесува 1: 2,21. Притоа, разликата во цените не може да се објасни со видот на огревното дрво, бидејќи разликата во цените за 1 м3 дрва од даб и од бука изнесува од 50 до 100 денари. Воедно, разликите не произлегуваат ниту од квалитетот на огревното дрво, бидејќи сите купуваат дрва од прва класа. Kако снабдувачи на огревните дрва, освен Македонски шуми, се јавуваат и Националните паркови Маврово и Пелистер, како и приватни фирми. Големи разлики во цените по кои го продаваат огревното дрво постојат и кај самите подружници на Македонски шуми, каде што цените се движат во опсегот од 2.271 денар до 3.741 денари за 1 кубен метар дрва, што говори за разлика од цели 65%. Инаку, просечно постигната цена за набавка на 1 кубен метар дрва од страна на општините и училиштата во земјава изнесува 3.090 денари, што е на ниво на малопродажните цени. Ова, гледано од економски аспект е крајно нелогично ако се има предвид дека купуваните количини од страна на општините и училиштата се многукратно поголеми од оние што ги купуваат домаќинствата во малопродажбата.

Во изработката на овој индекс беа вклучени 28 договорни органи кои, за набавката на огревно дрво, имаа објавено оглас за јавна набавка на Електронскиот систем за јавни набавки. Сепак, во самиот индекс се вклучени 23 општини и училишта, бидејќи од пет договорни органи не беше добиен податокот за количините и цените по кои е купен 1м3. Во листата на оние од кои не ги добивме побараните податоци се општините Кавадарци, Василево, Зелениково, Студеничани и Старо Нагоричане. 

Огревното дрво главно го купуваат општини или училишта кои се јавуваат како носители на набавката за сите институции што во општината имале потреба од огревно дрво. Значи, едно училиште купува за сите во општината или, пак, општината ја реализира набавка за потребите на сите училишта. 

Индексот изработен низ споредба на цените по кои се купува 1 кубен метар огревно дрво покажува значителни разлики во цените. Она што е карактеристично за овој индекс е што просечно постигната цена (просек од цените по кои 23-те договорни органи вклучени во индексот ги купиле дрвата) изнесува 3.090 денари, што е значително над малопродажната цена која Македонски шуми ја објавија на почетокот на сезоната – 2.200 до 2.300 денари за 1 кубен метар. Во праксата, и тоа во набавки кои достигнуваат и по стотици кубици дрво, цената на Македонски шуми за 1 кубен метар дрва достигнува и до 3.741 денар, односно дури 66% над најавената малопродажна цена.

Овде се наметнува и прашањето како се одразува ваквата состојба врз рационалноста во трошењето на јавните пари. Со оглед дека за два договорни органи нема податоци за купените количини и за вредноста на договорите, според достапните податоци од 21 договорен орган, вкупната вредност на набавките изнесува 294.162 евра за купени количини од 5.963 м3 огревно дрво. Доколку истите количини се купени според најниската цена која е постигната во анализираните институции, тогаш за оваа количина на огревни дрва ќе се потрошеле 191.204 евра, со што би се заштедиле дури 35% од парите. Доколку, пак, овие количини се купени според цената најавувана од Македонски шуми (2.250 ден.), тогаш за нив ќе се плателе 218.158 евра, што е 26% помалку од реално потрошеното. 

Овие разлики во цените не можат до крај да се објаснат со применетите постапки за јавни набавки. Објаснување можеби има во случаите на општина Сопиште и општина Кичево, кои се наоѓаат во листата на институции со цени повисоки од просечната со оглед на тоа дека примениле нетранспарентни постапки за јавна набавка, и тоа барање за прибирање понуди без објавување оглас (Општина Сопиште) и со преговарање без објавување на оглас (Општина Кичево). Но, сите останати договорни органи примениле постапки за коишто бил објавен оглас, и тоа или со барање за прибирање понуди со оглас, или преку отворени постапки. Дека применетите постапки, како и критериуми за 12 избор на најповолна понуда не се клучни детерминанти за постигнатите цени во набавката на огревно дрво, говори податокот дека и најниската цена (општина Маврово) и највисоката цена (општина Арачиново) се постигнати низ постапки за прибирање понуди со објавување оглас. Притоа, што е дури и парадоксално, најниската цена е постигната во постапка во која критериум за избор е „економски најповолна понуда“, во која цената носела 80 бода, рокот на испорака 10 бода и рокот и начинот на плаќање 10 бода, додека пак највисоката цена е постигната во постапка каде што критериум за избор на најповолна понуда бил „најниска цена“. 

Разликите во цените во набавката на огревно дрво само делумно можат да се објаснат со купените количини. Општина Маврово-Ростуше, која ја постигнала најниската цена и навистина има купено и една од најголемите количини од 715 кубни метри, што е количина втора по големина по општина Виница, која своите 1.120 м3 дрва исто така ги платила по цена пониска од просечно постигнатата во индексот. Но, во истовреме, дел од институциите кои платиле цени повисоки од просечната исто така имаат купено големи количини, и тоа: општина Радовиш 522 м3, општина Јегуновце 393 м3 и општина Брвеница 354 м2. Со купените количини од 210 м3 не може да се оправда ниту највисоката цена, во случајот на ОУ „Ѓерѓ Кастриоти Скендербеу“ - Арачиново. Од друга страна, институции како општина Македонски брод и ОУ „Манчу Матак“ од с.Кривогаштани, и покрај малите купени колични од 50 м3, односно 60 м3, имаат постигнато цени кои се наоѓаат меѓу потпросечните. 

Следи приказ на купените количини од страна на анализираните договорни органи и споредба на тие количини со разликата меѓу цените. Заради подобар увид, рангирањето во следната табела е направено според големината на набавените колични, а не според отстапувањето на цените за дрвата од просечните. 

 

                                                      Купени количини на огревно дрво

 

Договорен орган Количина во м3
 Општина Виница  1.120
 Општина Маврово и Ростуше 715 
 Општина Битола 681 
 Општина Радовиш 522 
 СОУ „Гошо Викентиев“ – Кочани 446 
 Општина Јегуновце 393 
 Општина Брвеница 354 
 ОУ „Пашко Васа“ – Групчин 300 
 Општина Дебар 255 
 ОУ „Ѓерѓ Кастриоти Скендербеу“ Арачиново 210 
 ОУ Дебрца с.Белчишта 200 
 ООУ „Димче А. Габерот“ – Демир Капија 195 
 ОУ „Манчу Матак“ с.Кривогаштани 190 
 ОУ „Мануш Турновски“ ПО – Ново Село 150 
 Општина Пехчево 150 
 ОУ „Видое Подгорец“ – Ново Село 137 
 ОУ „Гоце Делчев“ с.Босилово 100 
 Општина Сопиште 80 
 ОУ „Страшо Пинџур“ Јосифово 55 
 Општина Македонски Брод 50 
 Општина Велес 14 
 ЕЛС Општина Демир Хисар 14 
 Општина Кичево рамковен