Индекс на рационалност за бехатон-плочки без вклучен трошок за нивно поставување

  • 03/2012

Во индексот на рационалност за набавка на бехатон-плочки без вклучен трошок за нивно поставување, соодносот на најниската и највисоката цена е 1:1,41, односно општина Чашка за 1 метар квадратен плочки платила 41% повеќе од општина Маврово-Ростуше. 

Важно е да се нагласи дека постојат и разлики од следниот тип: едни институции набавуваат плочки за сите улици или тротоари заедно, други набавуваат за секоја улица и тротоар посебно, а трети дури спроведуваат посебни постапки за плочки и посебни за нивна монтажа.  

Во овој индекс на рационалност, како што веќе се нагласи, највисоката цена е за 41% повисока од најниската. Според цените по коишто општините ги купувале бехатон-плочките, произлегува дека просечно постигнатата цена за 1 метар квадратен изнесува 413,62 денари. Под просекот се наоѓаат три општини,  додека пак над просекот се две општини.Всушност, во овој индекс екстремите се во двете најниски и последната највисока цена. 

Разликите во цените не можат целосно да се објаснат со примените постапки за јавни набавки, дотолку повеќе што и двете општини – онаа со најниската и онаа со највисоката цена, ја примениле истата постапка „прибирање понуди без објавување оглас“. Две општини, Теарце и Струмица, кои осцилираат кон просечно постигнатата цена примениле постапки „барање за прибирање понуди со објавување оглас“ со „најниска цена“ како критериум за избор на најповолна понуда. Единствената општина што применила отворена постапка и реално постигнала една од најниските цени за набавка на бехатон-плочки е Свети Николе. Притоа, таа е единствената што во изборот на најповолна понуда го користела критериумот „економски најповолна понуда“, каде што цената носела 70 бода, а рокот на плаќање 30 бода. Овој факт дополнително го потврдува малото влијание кое избраните постапки и применетите критериуми го имаат врз постигнатите цени, што секако не е поволно.

Разликите во цените не можат да се оправдаат ниту со купените количини. Како што може да се види од следната табела, Општина Теарце ги има купено најмалите количини, а сепак е меѓу општините со цени под просечно постигнатите. Сепак, дека количините можат да иницираат спуштање на цените, потврдува случајот на Општина Свети Николе, која ги има набавено рекордно високите количини од 10.000 м2 по цена која не е најниска, но е сепак меѓу пониските. Влијание на купените количини врз цената може да се констатира и во случајот на општина Струмица, каде што цената е пондериран просек од три набавки на бехатон-плочки, при што најниската цена (390,58 денари за 1 м2 плочки) е постигната во набавка на најголемите количини. Ова секако значи дека општините мора да се стремат годишните набавки на бехатон-плочки да ги групираат и дури и да ја одвојуваат нивната набавка од нивното подоцнежно монтирање. 

                                                          Купени количини на бехатон-плочки 

Договорен орган Количина во м2
 Општина Свети Николе  10.000
 Општина Струмица 3.634 
 Општина Маврово и Ростуше 1.000 
 Општина Чашка 600 
 Општина Теарце 135