Велешани и тетовци живеат во најопасна животна средина

  • 02/11/2015

Центар за граѓански комуникации

Рангирањето на македонските градови е направено врз основа на девет индикатори за мерење на квалитетот на животната средина и влијанието по здравјето на луѓето, избрани по примерот на слични вакви истражувања во светот и според расположливоста на податоците во земјава.

Не за секој од индикаторите има податоци за секој од градовите, но со методолошкиот пристап на пресметка анулирано е влијанието на нееднаквата достапност на податоците врз вкупното рангирање. За подобар увид во позиционираноста на секој град, како и на разликите меѓу градовите, направено е индексирање на вкупните бодови.

Истражувањето не покажува некое особено влијание на регионот во кој се наоѓа градот врз квалитетот на животната средина. Оттука може да се заклучи дека квалитетот на животната средина во голема мера зависи од состојбите во самите градови како микро простор.

1. Прилеп

 

Прилеп е меѓу малкуте градови каде што испитувањата не покажале микробиолошки загадени оброци во образовните институции / Фото: Викимедија

Малку подзаборавениот Прилеп се наоѓа на челото на ова рангирање како град со најквалитетна средина за живеење во земјава. Прилеп е на второ место според ниската просечна годишна концентрација на тешки метали во воздухот и според нискиот процент на неисправни физичко-хемиски и бактериолошки анализи на водата за пиење.

Прилеп е меѓу малкуте градови каде што испитувањата не покажале микробиолошки загадени оброци во образовните институции, а добро стои и според годишната стапка на болни од неспецифични респираторни болести и кај децата од предучилишна и кај децата од училишна возраст.

Два индикатора според кој Прилеп котира лошо во рангирањето се бројот на заболени од акутни заразни заболувања и од инфективни заболувања. Сè на сè, животната средина во Прилеп може да се оцени дека е најквалитетна за живеење, нормално, споредено со градовите кои се предмет на оваа анализа.

 

2. Крушево

Крушево стои најдобро или мошне добро, според многу од вклучените индикатори / Фото: Викимедија

Иако Крушево не спаѓа во најголемите градови во земјава, сепак градот е вклучен во речиси сите позначајни официјални мерења на показатели за одредување на квалитетот на животната средина и на последиците врз здравјето на луѓето.

Крушево стои најдобро или мошне добро, според многу од вклучените индикатори. Таму има далеку најниска просечна годишна концентрација на тешки метали во воздухот и најниска годишна стапка на болни од неспецифични респираторни болести кај децата од предучилишна возраст. Втора најниска вредност во Крушево има и на истата оваа стапка, но кај деца од училишна возраст и на бројот на заболени од акутни заразни заболувања.

Најлошо, Крушево стои според процентот на неисправни физичко-хемиски и бактериолошки анализи на водата за пиење, според што е на претпоследно место, веднаш пред Велес, поради што и не е прв град на оваа листа.

 

3. Куманово

 

Најлош индикатор во Куманово е бројот на заболени од акутни заразни заболувања / Фото: Викимедија

Веднаш зад Прилеп и Крушево, на третата позиција според квалитетот на животната средина се наоѓа Куманово. И таму не се пронајдени микробиолошки загадени оброци во образовните институции, а градот стои мошне добро и според нискиот процент на неисправни физичко-хемиски и бактериолошки анализи на водата за пиење. Куманово стои добро и според ниската годишна стапка на болни од неспецифични респираторни болести кај училишните деца.

Најлош индикатор во Куманово е бројот на заболени од акутни заразни заболувања, според кој овој град е на претпоследното место. Зад него, со поголем број вакви заболени е само Скопје.

 

4. Охрид

 

Процентот на болни од неспецифични респираторни заболувања кај предучилишните деца во Охрид е висок / Фото: Prince Roy / Flickr

Туристичкиот град се наоѓа во првата група на градови според квалитетот на животната средина. И овој град е меѓу оние во кои не се пронајдени микробиолошки загадени оброци во образовните институции, а добро котира и според ниската годишна концентрација на тешки метали во воздухот. Меѓу пониските вредности во Охрид се оние на заболени од акутни заразни и инфективни заболувања.

Спротивно, висок е процентот на годишната стапка на болни од неспецифични респираторни заболувања кај предучилишните деца. Охрид се наоѓа некаде во средината на рангирањето според процентот на неисправни физичко-хемиски и бактериолошки анализи на водата за пиење.

 

5. Струмица

 

Струмица има најквалитетна животна средина од анализираните градови од источниот регион / Фото: Викимедија

Струмица е највисоко рангиран град од истокот на земјата според квалитетот на животната средина, иако треба да се има предвид дека во истражувањето се опфатени само три града од овој регион. Од нив, Кочани е следен, на шестата позиција, додека најлошо стои Штип, на третото место од дното на рангирањето.

И во Струмица не се пронајдени микробиолошки загадени оброци во образовните институции, а добро стои и според ниската инциденција на 100.000 жители на инфективните заболувања и нискиот процент на годишната стапка на болни од неспецифични респираторни заболувања кај децата од предучилишна возраст.

Најлош индикатор за Струмица е високата просечна годишна концентрација на тешки метали во воздухот според која се рангира на високото деветто место од сите 14 градови во ова истражување.

Струмица е последна во првата група градови со најквалитетна животна средина.

 

6. Кочани

 

Кочани стои одлично според годишните стапки на болни од неспецифични респираторни заболувања / Фото: Викимедија

Следен на ранг-листата е вториот град од истокот на земјата, Кочани, кој ја предводи втората група градови кои имаат просечни вредности на индикаторите според кои е извршено мерење на квалитетот на животната средина и влијанието врз здравјето на луѓето.

Иако според сите други индикатори стои многу добро и би се нашол кон самиот врв на ова рангирање (на второ или трето место), сепак, Кочани се рангира во средината, или на почетокот од втората половина на листата. Главната причина за ова е убедливо највисоката просечна годишна концентрација на тешки метали во воздухот измерена во 2014 година. Кочани е единствениот град во земјава каде што просечната годишна концентрација е повисока од максимално дозволената.

Спротивно на ова, градот стои одлично според годишните стапки на болни од неспецифични респираторни заболувања и кај децата од предучилишна и оние од училишна возраст.

 

7. Струга

 

За Струга има поограничен број на податоци споредено со другите градови / Фото: Викимедија

Иако блиску до Охрид, Струга се наоѓа три места подолу на оваа ранг-листа според квалитетот на животната средина. Иако за Струга има поограничен број на податоци споредено со другите градови, сепак и таа како Струмица и Кочани стои многу лошо според високата просечна годишна концентрација на тешки метали во воздухот. Според овој индикатор, Струга го зазема 11-то место.

Струга има идентичен процент на неисправни физичко-хемиски и бактериолошки анализи на водата за пиење со Охрид, слично како и бројот на заболени од акутни заразни заболувања.

 

8. Кичево

 

Кичево повеќе од седум месеци градот е со надмината 24-часовна гранична вредност на ПМ10 честички / Фото: Викимедија

Низата градови од втората половина на рангирањето со натпросечно лоши услови на животната средина ја предводи Кичево, за кое исто така има ограничен број на достапни податоци. Сепак, од оние податоци со кои се располага, Кичево зазема две први места – според квалитетот на водата за пиење и според нискиот број на заболени од акутни заразни заболувања.

Спротивно, дури за три индикатори Кичево има натпросечни вредности: годишната стапка на болни од неспецифични респираторни заболувања кај децата од предучилишна и училишна возраст и особено висока вредност кај бројот на денови во годината со надмината 24-часовна гранична вредност на ПМ10 честички. Во Кичево вакви денови се дури 220 во годината или повеќе од седум месеци градот е со надмината 24-часовна гранична вредност на ПМ10 честички. Полошо од Кичево според овој индикатор е само Тетово.

Кон средината на табелата градот е според просечната годишна концентрација на тешки метали во воздухот.

 

9. Скопје

 

Зачудувачки, главниот град не е и со најлоша животна средина во земјата / Фото: БИРН

За многумина зачудувачки, но главниот град не е и со најлоша животна средина во земјата, иако се наоѓа при дното на ова рангирање. Дури половина од вклучените индикатори имаат натпросечни вредности: просечната годишна концентрација на тешки метали во воздухот, број на заболени од акутни заразни заболувања, инфективни заболувања и годишна стапка на болни од неспецифични респираторни болести кај предучилишните деца.

Спротивно, она што Скопје сепак го одвојува од самото дно на ова рангирање, се добрите показатели во однос на квалитетот на водата за пиење и исправноста на оброците во образованието и на храната во продавниците.

Во Скопје има 161 ден или речиси 5,5 месеци во годината со надмината 24-часовна гранична вредност на ПМ10.

 

10. Кавадарци

 

За Кавадарци нема податоци за просечната годишна концентрација на тешки метали во воздухот / Фото: Викимедија

И за Кавадарци нема многу достапни податоци за мерење на квалитетот на животната средина. Од оние расположливи податоци, градот стои добро според нискиот број на денови во годината со надмината 24-часовна гранична вредност на ПМ10.

Околу просекот е според квалитетот на водата за пиење, а високи вредности има според годишните стапки на неспецифични респираторни болести кај децата од училишна, а особено од предучилишна возраст.

Од позначајните, за Кавадарци нема податоци за просечната годишна концентрација на тешки метали во воздухот.

 

11. Битола

 

Битола не може да се пофали со квалитетот на водата за пиење / Фото: Викимедија

Иако блиску до Прилеп кој се наоѓа на чело на рангирањето, соседната Битола се наоѓа на дното според квалитетот на животната средина.

Особено лоши во Битола се индикаторите кои укажуваат на состојбата со здравјето како годишните стапки на неспецифични респираторни болести кај децата и бројот на заболени од акутни заразни заболувања.

Битола не може да се пофали ниту со квалитетот на водата за пиење, а околу просекот е според квалитетот на храната во образованите институции и во малопродажбата.

Меѓу подобрите индикатори во Битола, ако може така да се рече, споредено со другите градови е бројот на денови со надмината 24-часовна гранична вредност на ПМ10 честичките – 136 или 4,5 месеци.

 

12. Штип

 

Дури пет индикатори во Штип имаат натпросечна вредност / Фото: Викимедија

Штип ја предводи последната група градови со најлоша животна средина во земјата, а дефинитивно на последното место според градовите во источна Македонија.

Дури пет индикатори во Штип имаат натпросечна вредност: просечна годишна концентрација на тешки метали во воздухот, процент на микробиолошки загадени оброци во образовните установи, инфективните заболувања и годишните стапки на неспецифични респираторни болести кај децата.

Единствен индикатор според кој Штип е кон врвот е оној за квалитетот на водата за пиење со 0% на неисправни физичко-хемиски и бактериолошки анализи на водата за пиење.

 

13. Тетово

Тетово има дури 285 денови во годината или цели 9,5 месеци со надмината 24-часовна гранична концентрација на ПМ10 / Фото: Еко Герила

Дури пет од индикаторите земени во оваа анализа во Тетово имаат рекордна вредност во земјата. Тоа се бројот на денови со надмината 24-часовна гранична концентрација на ПМ10, годишните стапки на неспецифични респираторни болести кај училишните и предучилишните деца, процентот на микробиолошки загадени оброци во образовните установи и процентот на микробиолошки неисправни прехранбени производи.

Тетово има дури 285 денови во годината или цели 9,5 месеци со надмината 24-часовна гранична концентрација на ПМ10.

Спротивно, во Тетово има низок број на инфективни заболувања (инциденција на 100.000), и неколку други индикатори со просечни вредности.

 

14. Велес

Процентот на неисправни физичко-хемиски и бактериолошки анализи на водата за пиење во Велес е рекорден / Фото: Викимедија

„Приматот“ на град со најнеповолна животна средина во земјата го држи Велес. И тој има дури пет индикатори со натпросечни вредности и еден рекорден – процентот на неисправни физичко-хемиски и бактериолошки анализи на водата за пиење.

Меѓу индикаторите со натпросечна вредност спаѓаат: просечната годишна концентрација на тешки метали во воздухот, инфективните заболувања, како и годишните стапки на неспецифични респираторни болести кај училишните и предучилишните деца.

Меѓу индикаторите според кои Велес стои подобро се исправноста на храната во образовните установи и во малопродажбата.

Во Велес, 24-часовна гранична концентрација на ПМ10 е надмината 148 денови во годината или речиси пет месеци.

Методолошки објаснувања

Рангирањето на градовите е направено според девет индикатори. Како основа за споредување на одделните вредности по градови за секој одделен индикатор е земен републичкиот просек.

Најпрво се пресметани односите меѓу вредностите за секој град и просекот на земјата, а потоа се извршени два вида рангирања на градовите. Едното според збирот од позициите од 1 до 14 што ги зазема градот за секој индикатор, а другото според збирот на релативните отстапувања од просекот за секој индикатор. На крајот, финалното рангирање е направено како средна вредност од овие две рангирања.

Ваквиот сложен начин на рангирање на градовите е направен за што попрецизно да се земат предвид сите специфики на одделните индикатори и соодветно да се валоризираат во вкупното рангирање. Исто така, со вака избраната методологија на пресметка се избегна проблемот со немањето податоци за сите индикатори за секој од вклучените градови.

Изборот на градови е направен врз основа на фактот што за овие градови има најмногу расположливи податоци, односно тие се вклучени во најголем дел од официјалните мерење на состојбите и во статистиките за најважните аспекти од животната средина и здравјето на населението. Станува збор за најголемите градови во земјава (со повеќе од 20.000 жители). Исклучок се Крушево, за кое постојат голем број податоци, иако е меѓу помалите градови, и Гостивар за кој речиси воопшто не постојат податоци од релевантност за ова истражување, а спаѓа меѓу поголемите градови. За таа сметка е вклучено Кочани за кое постојат најголем број од податоците.

Индикаторите кои се вклучени во истражувањето и според кои е направено рангирањето се следниве: (1) Просечна годишна концентрација на тешки метали (аероседимент) мг/м2 (макс.дозв.300) за 2014 год.; (2) Процент на неисправни физичко-хемиски и бактериолошки анализи на водата за пиење за 2014 год.; (3) Број на денови со надмината 24-часовна гранична вредност на ПМ10 честичките (мг/м3) за 2014 год.; (4) Процент на микробиолошки загадени оброци во образовни установи за 2014 год.; (5) Процент на микробиолошки неисправни прехранбени производи за 2014 год.; (6) Број на заболени од акутни заразни заболувања во 2014 год.; (7) Инфективни заболувања инциденција/100.000 за 2014 год.; (8) Годишна стапка на болни од неспецифични респираторни болести кај предучилишни деца за 2013 год. и (9) Годишна стапка на болни од неспецифични респираторни болести кај училишни деца за 2013 год.

Изборот на индикатори е направен водејќи се од слични вакви истражувања во други земји од светот, како и од расположливоста на податоци во земјава.

Извори на податоците се официјални анализи, публикации и статистики на Министерството за животна средина и просторно планирање и на Институтот за јавно здравје на Република Македонија.

Треба да се има предвид дека податоците за индикаторите во ова истражување се последно расположливиот период. Најголем дел од нив се однесуваат за 2014 година, а само мал дел од нив за 2013 година. Оттука, може да се смета дека ова е рангирање за 2014 година.

Ова е битна напомена, бидејќи, иако не е направено подетално истражување за претходните години, сепак, може да се изведе заклучок дека вредностите на индикаторите земени во истражувањето се менуваат од година в година, што може да значи и промена во рангирањето на градовите.

 

Детални податоци по градови за животна средина за 2014 година

 

 

Ова истражување на Центарот за граѓански комуникации е објавено на интернет страницата prizma.mk
во рамки на Проектот за истражувачко новинарство и соработка помеѓу медиумите и граѓанскиот сектор.