Како работеле државните претпријатија во 2014 година?

  • 08/05/2015

Центар за граѓански комуникации 

Секое трето претпријатие во државна сопственост во Македонија прикажало загуба во 2014 година. Вкупните загуби на јавните претпријатија изнесуваат 48 милиони евра и се зголемени за 40% во однос на 2013 година. Најголемите загуби ги евидентирале АД ЕЛЕМ, МЖ Инфраструктура, Аеродроми на Македонија, МЖ Транспорт и ЈП Стрежево Битола.

Клучни показатели

Година Број на претпријатија Број на вработени Вкупни приходи(евра) Вкупна добивка (евра) Вкупна загуба (евра)
2014 101 26.989 698.214.376 29.347.942 48.306.997
2013 101 27.040 699.124.399 30.599.760 34.486.847
Промена 0 -0,18% -0,13% -4,09% +40,07%

Истражувањето ги опфаќа сите претпријатија во државна сопственост (јавни претпријатија и акционерски друштва) основани од Владата или од Советите на општините и Град Скопје кои доставиле годишна завршна сметка до Централниот регистар на Република Македонија. Во рамките на ова истражување се направени рангирања на 101 државно претпријатие според критериумите вкупни приходи, остварени финансиски резултати и број на вработени.

 

Ранг листа на претпријатијата според големината на приходите

Претпријатијата во државна сопственост во 2014 година имале вкупни приходи од 698 милиони евра. Приходите им се движеле од околу 6 илјади евра до 240 милиони евра. 

На врвот на ранг листата на државни претпријатија според големината на приходите  што ги оствариле во 2014 година убедливо е АД ЕЛЕМ со приходи од 240 милиони евра кои се за 5,3% намалени во однос на 2013 година.

  10 државни претпријатија со најголеми приходи во 2014 година

Ранг Јавно претпријатие Остварени приходи во евра Промена во однос на 2013
1 АД ЕЛЕМ 240.930.700 -5,3%
2 ЈП за државни патишта 79.886.114 12,3%
3 АД МЕПСО 66.235.999 33,4%
4 ЈСП Скопје 32.042.543 -2,2%
5 ЈП Македонски шуми П.О.Скопје 26.152.757 -1,2%
6 АД Македонска пошта 22.350.532 -9,7%
7 Македонска Радиотелевизија 21.566.435 -13,2%
8 МЖ Транспорт АД 21.206.509 -3,1%
9 ЈП Водовод и канализација Скопје 19.455.712 -6,7%
10 ЈП Комунална хигиена Скопје 18.791.025 3,1%

Следува ЈП за државни патишта, каде е остварен раст на приходите и тие изнесувале околу 80 милиони евра. На трето место е АД МЕПСО со приходи од 66 милини евра кои се поголеми од претходната година дури за 33%. На четврто место е ЈСП Скопје со приходи од 32 милиони евра, а по него  Македонски шуми со приходи од 26 милиони евра. На шестото место е Македонска пошта со 22 милиони евра, а на седмо место Македонска Радиотелевизија со приходи од 21 милион евра. Во првата десетка според приходите се вбројуваат и МЖ Транспорт, како и скопските јавни претпријатија Водовод и канализација и Комунална хигиена. Впрочем десетте претпријатија со најголеми приходи учествуваат со дури 80% во вкупната вредност на приходите остварени од страна на сите  државни претпријатија вклучени во оваа анализа.

 

Финансиски резултати на претпријатијата

Гледано од аспект на остварените финансиски резултати, 2014 година била понеповолна за државните претпријатија од 2013 година. Нивните вкупни загуби во 2014 година изнесуваат 48 милиони евра, наспроти 34 милиони евра во 2013 година. Во 2014 година дошло и до благо намалување на добивката на државните претпријатија од 30,6 милиони евра остварени во 2013 година на 29,3 милиони евра.  

Во 2014 година, од вкупно 101 претпријатие во државна сопственост кои беа предмет на истражувањето, 36 евидентирале загуба, а 65 оствариле позитивен финансиски резултат. Но, загубите биле значително поголеми од добивките. 

Ранг-листата на државни претпријатија според големината на загубите  покажува дека на врвот е  АД ЕЛЕМ Скопје со загуба од 14 милиони евра што е  за пет ипол пати повеќе од загубата евидентирана во 2013 година. Зголемување на загубата е евидентирано и кај јавно претпријатие за железничка инфраструктура Македонски железници – Скопје, кое минатата година ја завршило со загуба од 7,8 милиони евра  што е за 20% повеќе од негативното салдо кое го имало во 2013 година. 

На трето место е АД за аеродромски услуги Аеродроми на Македонија - Скопје со евидентирана загуба од 7,8 милиони евра што е за 141% повеќе од загубата која ова државно претпријатие ја имало во 2013 година.

Следува Македонски железници Транспорт АД - Скопје кој успеало да ја намали својата загуба од 8,3 милиони на 7,4 милиони евра. 

 

10 државни претпријатија со најголеми загуби во 2014 година

Ранг Јавно претпријатие Остварена загуба во евра Промена во однос на 2013
1 АД ЕЛЕМ Скопје -14.223.452 559,9%
2 МЖ Инфраструктура -7.813.562 19,7%
3 АД Аеродроми на Македонија -7.790.984 141,0%
4 МЖ Транспорт АД -7.406.198 -11,1%
5 ЈП Стрежево Битола -3.980.379 -6,4%
6 ЈП Македонски шуми Скопје -2.125.601 44,9%
7 ЈП Лисиче Велес -984.405 -39,7%
8 Проаква Струга -925.993 -5,3%
9 ЈП Македонија пат  Скопје -812.997 118,6%
10 Повеќенаменска сала Борис Трајковски -680.334 -11,0%

 

На петто место според големината на загубите е јавното претпријатие Стрежево-Битола со негативен финансиски резултата од 4 милиони евра што е помалку за 6,4% од загубата евидентирана во 2013 година. 

Со голем раст на загубата од 45% на шестото место е Македонски шуми П.О.- Скопје со загуба од 2 милиони евра.

Јавното претпријатие за водостопанство Лисиче Велес кое иако ја намалило загубата во однос на 2013 година, сепак на ранг-листата според големината на загубите во 2014 година се наоѓа на седмо место со загуба помала од 1 милион евра. 

Осмото место му припаѓа на меѓу-општинското јавно претпријатие за снабдување со вода за пиење, одведување и пречистување на отпадни и атмосферски води на општина Охрид и Струга за заштита на Охридското езеро – Проаква, Струга со загуба од 926 илјади евра.

Следува јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта Македонија пат – Скопје со загуба од  813 илјади евра која е дуплирана во однос на 2013 година.

Во првите 10 претпријатија според висината на загубата се наоѓа уште и  Друштвото за изградба, управување и издавање на повеќенаменска сала Борис Трајковски со загуба од 680 илјади евра. 

Во рагн-листата на државните претпријатија според големината на добивката во 2014 година   се наоѓаат 65 државни претпријатија. Добивките им се движат од високи 13 милиони евра до минимални  552 евра. 

Во листата на 10 претпријатија со најголема добивка се наоѓаат 6 претпријатија основани на државно ниво и 4 локални претпријатија. Убедливо на врвот е ЈП за државни патишта со добивка од 13,6 милиони евра. Следува МЕПСО, кое во 2014 година остварило голем раст на добивката и годината ја завршило со позитивен финансиски резултат од 8 милиони евра. На трето место е АД за изградба и стопанисување со станбен простор и деловен простор од значење за Републиката со раст на добивката во однос на 2013 година од 44%. Голем раст на добивката е евидентиран и кај ЈП Комунална хигиена-Скопје кое ја завршило годината со позитивен финансиски резултат од околу 1,4 милиони евра. Од 5 до 10 место на листата со најголеми добивки се наоѓаат државни претпријатија чии добивки се под 1 милион евра, а тоа се Македонска Радиотелевизија (699.389 евра) и Македонска Радиодифузија (447.129 евра) како и локалните претпријатија ЈП Комуналец Кавадарци (386.506 евра), ЈП Комуналец Гостивар (321.957 евра), ЈП Улици и патишта Скопје (278.743 евра) и ЈП Паркови и зеленило  Скопје (275.172).

 

 10 државни претпријатија со најголеми добивки во 2014 година

Ранг Јавно претпријатие Остварена добивка во евра Промена во однос на 2013
1 ЈП за државни патишта 13.629.525 -32,1 %
2 АД МЕПСО Скопје 8.153.692 3138,5%
3 АД за изградба и стопанисување со станбен простор и деловен простор од значење за Републиката 8.153.692 141,0%
4 ЈП Комунална хигиена-Скопје 1.363.493 -11,1%
5 Македонска Радиотелевизија 699.389 -6,4%
6 Македонска Радиотелевизија 447.129 44,9%
7 ЈП Комуналец  Кавадарци 386.506 -39,7%
8 ЈП Комуналец Гостивар 321.957 -5,3%
9 ЈП Улици и патишта  Скопје 278.743 118,6%
10 ЈП Паркови и зеленило  Скопје 275.17 -163,4%

 

Финансиски резултати на државните претпријатија за 2014 година

 

 

 

 

 

Ова истражување на Центарот за граѓански комуникации е објавено на интернет страницата prizma.mk 
во рамки на Проектот за истражувачко новинарство и соработка помеѓу медиумите и граѓанскиот сектор.