Индекс на рационалност за работни чевли

  • 06/2013

Цените по кои се купувани работни чевли (високи кожени) се движат од 870 до 2596 денари. Во индексот на рационалност за овој производ соодносот на најниската и највисоката цена изнесува 1:2,98, што значи дека највисоката цена за чевлите платена од Град Скопје е за 198% повисока од најниската евидентирана во набавката на ЈКП Комуналец - Прилеп. Некои институции ги купувале чевлите како дел од ХТЗ-опремата за вработените, а други како дел од службената униформа, но и кај едните и кај другите станува збор за високи кожени чевли. Град Скопје, кој за набавка на чевлите платил највисока цена, е единствената институција што за оваа набавка, според податоците од ЕСЈН, не спровела е-аукција. 

Индексот на рационалност за работни чевли е изработен врз основа на податоци обезбедени за тендерите што ги спровеле 8 договорни органи во текот на 2012 година и првите два месеци од 2013 година. Побараните податоци не ги достави само ДООЕЛ ФОРТ Осломеј. Како што може да се види од горниот табеларен приказ на Индексот на рационалност, просечната цена што за работни чевли ја плаќале анализираните институции изнесува 1452 денари. Притоа, шест институции ги купиле чевлите по цени кои се пониски од просечната и се движеле од 870 до 1383 денари, а две институции по значајно повисоки цени од 2446, односно 2596 денари. Со оглед на тоа што сите институции купувале кожени високи чевли, произлегува дека прилепското комунално претпријатие купило речиси 3 чифта чевли за истата цена за која Град Скопје купил само еден чифт. Големите разлики во цените не можат да се објаснат со применетите постапки за јавни набавки, ниту, пак, со критериумите за избор на најповолна понуда. Најголем дел од договорните органи, односно ЈКП Комуналец – Прилеп, ЈКП Водовод – Битола, Општина Аеродром и Град Скопје ја спровеле постапката – барање за прибирање на понуди со оглас за набавки над 5000 евра. ФОД Новаци АД ЕЛЕМ Скопје, ЈКП Водовод – Кочани и ЈП Македонија пат – Скопје, пак, спровеле отворени постапки, а постапка за прибирање понуди со објавување оглас за мала набавка до 5.000 евра применила Управата за хидрометеоролошки работи.

Во однос на критериумот за избор на најповолна понуда, значајно е да се нагласи дека договорните органи кои плаќаат најниска, односно највисока цена за набавка на чевлите во изборот ја користеле најниската цена. Од осумте институции, само три (ФОД ДООЕЛ Новаци АД ЕЛЕМ, ЈКП Водовод - Кочани и ЈП Македонија пат – Скопје) примениле критериум за избор – економски најповолна понуда, и тоа ФОД Новаци цената ја бодувал со 70, а квалитетот со 30 бода, Водовод Кочани покрај цената со 60 бода, го оценувал и квалитетот со 40 бода, додека, пак, Македонија пат покрај цената со 80 бода, го оценувала и рокот за плаќање со 20 бода. Оттука, повеќе од јасно е дека разликите во цените не се последица на применетите постапки, ниту, пак, на критериумот за избор бидејќи сите постапки се спроведени јавно, а оние јавни претпријатија што освен цената бодувале и други елементи не ги постигнале највисоките цени. Она што е значајно да се издвои е дека само тендерот спроведен од Градот Скопје, каде што чевлите се платени по највисока цена, не завршил со е-аукција, додека кај сите останати е-аукцијата била спроведена. Купените количини на чевли дадени во следниот табеларен приказ само делумно ги објаснуваат разликите во цените. 

Количини на купени работни чевли

Договорен орган Број на чевли
ЈКП Комуналец – Прилеп  374
ЈКП Водовод Битола  99
Општина Аеродром  100
ФОД ДООЕЛ Новаци 172 
ЈКП Водовод - Кочани /
ЈП Македонија пат - Скопје  770
Управа за хидрометеоролошки работи 
Град Скопје 

Град Скопје, кој платил највисока цена за чевлите, навистина ја купил убедливо најмалата количина, но значајно е да се нагласи дека во рамките на тендерот не се купувале само чевли, туку и работни униформи (службени облекла) и обувки за вработените и тоа во два посебни дела, едниот наменет за вработените во Град Скопје (возачи, угостителски работници, хаузмајстор и општ работник) и вториот наменет за комуналните редари во Град Скопје и општините. За отстапувањето од економската логика поголеми количини да се набават по пониска цена, најдобро говори тендерот на ЈП Македонија пат – Скопје, кое купило убедливо најголем број чевли, но не ја постигнало најниската цена.