Индекс на рационалност за антифриз

  • 07/2012

Во набавката на антифриз се евидентирани големи разлики помеѓу цените по кои институциите плаќаат за 1 литар од овој производ. Соодносот на најниската и највисоката цена изнесува дури 1:2,25, што значи дека највисоката цена е за дури 125% повисока од најниската. Во овој индекс, генерално, разликите во цените можат да се објаснат со применетите постапки за јавни набавки и со купените количини. 

Во однос на индексот на рационалност за антифриз, барања за доставување информација беа испратени до сите договорни органи што за оваа намена објавиле оглас во период од 6 месеци, од септември 2011 година до март 2012 година. Станува збор за 11 институции на национално и на локално ниво. Одговори не доставија само МЈП „Проаква“ и ЈЗУ Клиничка болница – Штип. Сепак во индексот се вклучени 5 институции, со оглед на тоа што 4 други (ЈП „Македонија пат“, ЈП „Комунална хигиена“, ЈП за комунална дејност „Комуналец“ Гевгелија и ЈП „Нискоградба“ Охрид) купиле антифриз концентрат. Просечната цена која е постигната за набавка на 1 литар антифриз изнесува 87,91 денар и две институции го купувале по цени кои се пониски по просечната, а три над просекот.  Применетите постапки и купените количини на договорите може да се доведат во врска со постигнатите цени. Имено, двете институции (ЈСП Скопје и „Електрани на Македонија“) со цени пониски од просечните, спровеле отворени постапки и склучиле договори кои се вредносно повисоки од договорите на 12 трите институции (ЈКП „Пролетер“ – Ресен, Народна банка на РМ и ЈКП – Сопиште) чии цени се повисоки од просечната. ЈСП Скопје, кое и ја постигнало најниската цена за антифриз, реално има набавено значително поголеми количини од другите институции. 

                                                          Количини на купен антифриз

Договорен орган Купени количини во литри
 ЈСП Скопје  30.000
 АД „Електрани на Македонија“  200
 ЈКП „Пролетер“ – Ресен 205 
 Народна банка на РМ 19 
 ЈКП Сопиште 50 

Постигнатите цени покажуваат респонзивност и на применетите критериуми за избор. Имено, единствените две институции (ЈКП „Пролетер“ – Ресен и ЈКП – Сопиште) кои користеле критериум за избор ,економски најповолна понуда‘ постигнале цени повисоки од просечната. Притоа, ЈКП „Пролетер“ – Ресен во критериумот ,економски најповолна понуда‘ ги вклучил следните елементи: цена – 50 бода, квалитет – 20 бода, начин на плаќање – 10 бода, рок на испорака – 10 бода и економичност – 10 бода. Додека, пак, ЈКП Сопиште ги евалуирал следните елементи: цена – 75 бода, рок на плаќање и начин на плаќање – 25 бода.

Иако се исклучени од индексот на рационалност поради тоа што купиле антифриз концентрат, можеби е значајно да се нагласи дека разлики во цените се јавуваат и кај овие договорни органи. Така, ЈП „Нискоградба“ – Охрид го купувала концентратот по цена од 127 денари за литар, ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје за 168 денари за литар, ЈП „Македонија пат“ плаќа 178,40 денари за литар концентрат антифриз, а ЈПКД „Комуналец“ – Гевгелија 196 денари. Разликата помеѓу најниската и највисоката цена и во набавката на концентриран антифриз изнесува 1: 1,54%, што значи дека ЈКПД „Комуналец“ плаќа за 54% повисока цена од ЈП „Нискоградба“ Охрид.