Индекс на рационалност за здравствен преглед

  • 03/2012

Со оглед на тоа што сите агенции извршуваат функција која им е доверена од државата, а не се приватни установи, идејата на овој индекс е да се открие дали постои некаква усогласеност во однос на парите што се користат за здравствени прегледи на вработените или, пак, тоа зависи од парите што им стојат на располагање на институциите и од нивните индивидуални буџети. Соодносот на најниската и највисоката цена во овој индекс изнесува 1:6,3, што значи дека највисока цена која е платена за здравствен преглед е за 530% повисока од најниската.  Притоа, секако дека оние агенции кои платиле и до 6 пати повеќе за задолжителен здравствен преглед на своите вработени им обезбедиле дополнителни прегледи од оние што ги имале вработените во агенцијата каде што за оваа услуга се платени најмалку пари. Оттука, дилемата која се отвора со изработката на овој индекс на рационалност е дали овој трошок треба да биде утврдуван врз основа на некои правила или, пак, врз основа на висината на приходите што ги остваруваат агенциите. Прашањето е зошто некој на државна сметка би добил поширок корпус на здравствени прегледи наспроти друг. Дотолку повеќе што вака констатираните разлики во парите потрошени за здравствен преглед не соодветствуваат со природата на работното место на вработените во агенциите. Имено, нема никаква економска оправданост за значително потемелен здравствен преглед на вработените и менаџерите во Агенцијата за супервизија на осигурувањето отколку на вработените во Агенцијата за вработување или во Агенцијата за цивилно водухопловство, каде што има дури и контролори на летање.

Инаку, индексот е изработен врз основа на доставени барања за цената која се плаќа за здравствен преглед по вработен. Барањата беа доставени до сите 22 агенции. Сепак, Агенцијата за иселеништво на Република Македонија и Агенцијата за поддршка на претприемништвото на Република Македонија одговорија дека во текот на 2011 не ја користеле оваа услуга. Агенцијата за разузнавање на Република Македонија соопшти дека нејзините податоци се со доверлив карактер, додека пак Агенцијата за електронски комуникации, Агенцијата за храна, Агенцијата за супервизија на капитално финансиско пензиско осигурување и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот – Струга воопшто не одговорија на доставени барања.

Во овој индекс, просечно постигнатата цена за здравствен преглед на вработените е 1.460 денари по вработен. Девет агенции имаат цени пониски од просечните, додека пак шест агенции имаат цени кои се повисоки од просечната.

Овој индекс покажува исклучително голема разлика за која нема оправданост со оглед на природата на работата на самите агенции. Воедно, вака високите разлики ја отвораат дилемата зошто се прави разлика помеѓу вработените во агенциите и со кое право некој вработен на државна сметка би добил поширок корпус на здравствени прегледи наспроти друг. Притоа, значајно е да се нагласи дека вака констатираните разлики не произлегуваат од природата на работата на агенциите, туку очигледно од расположливиот буџет.

Воедно, значајно е да се нагласи дека агенциите вклучени во индексот се доминантно основани од Владата. Собранието на РМ се јавува како основач само на Агенцијата за супервизија на осигурувањето, на Агенцијата за пошти и на Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор. 

Постигнатите цени на здравствените прегледи не се резултат на применетите постапки за јавни набавки. 

Имено, во однос на применетите постапки за склучување договори за здравствен преглед на вработените, доминира постапката за прибирање понуди без објавување оглас. Со оваа постапка договорите ги склучиле и двете агенции кои ги постигнале најголемите разлики во цените, Агенцијата за вработување, со најниска цена, и Агенцијата за супервизија на осигурувањето, со највисока цена. Освен нив, преку оваа постапка договорите ги склучиле уште осум агенции, и тоа Агенцијата за цивилно воздухопловство, Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор, Агенцијата за управување со одземен имот, Агенцијата за планирање на простор, Агенцијата за странски инвестиции, Агенцијата за администрација, Агенцијата за стокови резерви и Агенцијата за државни патишта. Кај сите нив постапката е соодветно применета, бидејќи договорите им изнесувале помалку од 5.000 евра. 

Три агенции воопшто не примениле постапка за јавна набавка, со оглед на тоа што вредноста на нивните договори не надминувала 500 евра без ДДВ, за што, во согласност со исклучоците од Законот за јавни набавки, не се применува постапка за јавна набавка. Станува збор за Агенцијата за млади и спорт, Агенцијата за енергетика на РМ и Агенцијата за пошти. 

Постапката барање за прибирање понуди со објавување оглас е применета кај Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, додека пак единствената отворена постапка е применета од страна на Агенцијата за катастар на недвижности, што е и логично со оглед на вредноста на договорот. 

Од следната табела произлегува дека агенции со поголем број вработени користеле здравствени прегледи со пониска цена. 

 

                                  Број на вработени за кои е обезбеден здравствен преглед

Договорен орган Број на лица
 Агенција за катастар на недвижности  966
 Агенција за вработување на РМ 145 
 Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој 110 
 Агенција за странски инвестиции 45-60 
 Агенција за администрација 59 
 Агенција за државни патишта 51 
 Агенција за цивилно воздухопловство 50 
 Агенција за млади и спорт 37 
 Агенција за планирање на просторот 28 
 Агенција за стокови резерви 27 
 Агенција за супервизија на осигурувањето 20 
 Агенција за управување со одземен имот 12 
 Агенција за пошти 11 
 Агенција за енергетика на РМ
 Агенција за регулирање на железничкиот сектор