База на податоци: Сите автомобили на Владата и општините

  • 18/10/2018

 

Патнички возила на министерства и општини

 

 

Министерствата и општините поседуваат вкупно 2.645 автомобили, од кои 2.008 се со набавна вредност од 33 милиони евра, додека за 637 патнички возила институциите немаат или не доставиле податоци за набавната вредност. Министерствата имаат 2.215 возила вредни 27,2 милиони евра, додека општините имаат 430 возила во вредност од 5,7 милиони евра.

Убедливо најмногу возила поседува МВР – 1.559, односно 70% од возилата на министерствата. Следни се Одбрана со 142 возила и Земјоделство со 108 возила. Кај општините води Град Скопје со 36 возила, следен од Карпош со 16 и Кичево со 14 возила.

И централната и локалната власт најмногу возат Шкоди, Фолксваген и Форд. Сепак, сите пет најскапи возила се Мерцедеси купени од министерствата за внатрешни работи (572.780 евра), за надворешни работи (81.301 евра) и за финансии (76.768 евра), како и општините Свети Николе (77.839 евра) и Кавадарци (70.075 евра).

Просечна цена на купените патнички возила е 16.690 евра кај Владата и 15.051 евра кај општините. Просечна старост на возилата е 12,5 години. Најмлад возен парк имаат министерствата за локална самоуправа и за животна средина, во просек по 8,5 години, додека најстари возила имаат министерствата за правда и за информатичко општество, просечно по 16 години.

Во однос на бројот на возила спрема бројот на вработени, произлегува дека најмалку возила по вработен има Општина Дебар, а најмногу Општина Арачиново. Во Дебар, едно возило опслужува 61 вработен, а во Арачиново само 2 вработени.

Оваа база на податоци содржи 15.870 поединечни податоци за возилата – сопственик, марка и модел на возилото, кога е произведено, а кога е набавено и набавната вредност. Центарот за граѓански комуникации ги обезбеди изворните податоци преку барања за пристап до јавни информации доставени до 97 институции. Беа потребни повеќе од три месеци само за да се приберат информациите. Обработените и процесираните податоци се направени достапни во отворен формат за натамошна употреба. На овој начин се надминува дел од проблемот на ниската транспарентност за имотот на државните институции воопшто.

Загрижува фактот дека од 2645 автомобили, дури за 637, односно за секој четврти автомобил, институциите немаат или не доставуваат податок за набавната вредност. Така, Службата за општи и заеднички работи на Владата, на пример, не достави податоци за вредноста на ниту едно од 113-те патнички возила кои ги поседува, меѓу кои се наоѓаат и 40-те Пасати за потребите на Владата, а според податоците од Електронскиот систем за јавни набавки, секој еден чини по 40.237 евра. Не помогна ниту жалбата доставена до Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, бидејќи Комисијата веќе со месеци не може да одлучува полноправно бидејќи има само два од петте членови. Жалби се доставени до девет од вкупно 97-те институции вклучени во истражувањето.

Кај општините, податоци за вредноста на возилата не открија Општина Тетово и Општина Сарај. 

Инаку, од 2.645-те автомобили, 561 се возила кои на институциите им се донирани или отстапени на користење од друга институција. 

 

grafikon za koli

 

Возен парк на министерствата и Владата

Анализата на добиените податоци покажува дека од сите 15 министерства, со најмногу патнички возила располага Министерството за внатрешни работи, и тоа 1.559. Ова министерство е прво рангирано и според потрошената сума за набавка на возилата, која што изнесува 22 милиони евра. Сепак, МВР не достави податоци за 324 возила поради – како што образложуваат – потребата за секое од овие возила да се отвораат поединечните досиеја за што би било потребно и неколку месеци, бидејќи станува збор за постари возила.

Второ рангирано според бројот на возила е Министерството за одбрана кое има 142 возила, но поседува податоци за набавната вредност само на 43 возила. За останатите 99 возила, од министерството информираат дека се набавени пред 2015 година и за нив книговодствената документација е уништена согласно со Законот за архивски материјали.

Трето рангирано според бројот на возила е Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, кое за набавка на 108 патнички возила платило 1,3 милиони евра.

По одделни министерства, најмногу пари за набавка на едно патничко возило досега платило Министерството за внатрешни работи и тоа дури 572 илјади евра. Станува збор за набавката на возилото од производителот Мерцедес модел C600 во 2012 година. Ова возило, набавено од МВР а предадено на трајно користење на СОЗР, не беше ставено на списокот на ниту една од овие две институции. МВР образложи дека „со одлука на Влада автомобилот од МВР премина во трајно користење на Службата за општи и заеднички работи, од таа причина истото го нема во доставениот табеларен приказ на возила со кои располага МВР.“ СОЗР, пак, одговори дека „списокот на возила што ви го доставивме на увид ги содржи сите активни возила или поточно сите возила што ги користи Службата. Тука не се влезени возилата кои се хаварисани, не се во возна состојба, како и возилата кои се времено дадени на користење на друго министерство. Со еден збор списокот ги содржи сите возила кои во тој момент Службата ги користела секојдневно за извршување на услугата Превоз. Споменатото возило во моментот на подготвување на списокот не се користело од страна на Службата. Тоа е доделено со одлука на Владата меѓутоа Службата не го користела затоа го нема на списокот. Вашето барање се однесува на сите возила што ги користи Службата“. Сепак, за целосност на базата, возилото – кое е веќе добро познато во јавноста – е додадено на списокот и тоа кај набавувачот, односно МВР.

Второто најскапо купено возило е кај МНР. Станува збор за Мерцедес Е430/4М купен во 2001 година за 81.301 евра, повторно од МВР и даден на користење на МНР.

На трето место е Мерцедес Е240 на Министерството за финансии купен во 2005 година за 76.767 евра.

Статистиката на набавени возила според производителот, покажува дека во возниот парк на министерствата и Владата доминира Шкода со вкупно 447 возила, а потоа следува Фолксваген со 329 и Форд со 162 возила.

 

 vlada najcesti

 

 

Возен парк на општините

Најмногу пари за набавка на патнички возила помеѓу единиците на локална самоуправа, согласно базата на податоци изработена од Центарот за граѓански комуникации, потрошил Град Скопје и тоа 472 илјади евра за купени 36 возила.  

Следуваат Карпош со 303 илјади евра за набавени 16 возила и Охрид со потрошени 293 илјади евра за 13 возила. Струга, пак, потрошила 206 илјади евра само за 7 возила.

Најнови и најскапи возни паркови имаат општините Демир Капија и Чаир. Демир Капија има две возила купени за 102 илјади евра, додека Чаир, за 4 возила, сите купени во 2016 година, потрошила 138 илјади евра.

Просечната набавна вредност на едно возило кај општините е 15.051 евро.

По одделни општини, најмногу пари за набавка на едно патничко возило досега потрошила општината Свети Николе, која во 2010 година купила автомобил Мерцедес ЦДИР 320 за кој платила 77.839 евра. Потоа следува општина Кавадарци која во 2005 година исто така за Мерцедес, марка Е200 Компресор, платила 70.075 евра, а општина Струга во 2011 година потрошила 68.247 евра за набавка на Ауди А6 Куатро. Следни се општините Гостивар која поседува Ауди А6 набавен во 2014 година за 65.595 евра и Демира Капија, која за набавка на Фолксваген Пасат 2.0 ТДИ во 2014 година платила 62.656 евра.

Најново возило, вредно 49.000 евра, поседува Општина Дебар, додека пак најстар возен парк има Општината Старо Нагоричане, каде трите возила имаат просечна старост од 24 години.

Според одделни производители, кај општините исто така доминираат автомобилите Шкода со вкупно 61 возило, потоа следува Фиат со вкупно 38 возила и Фолксваген и Форд со по 35 автомобили.

 

opstini najcesti

 

 

Оваа база на податоци е единствен приказ на податоците за дел од имотот на Владата и општините. Република Македонија е меѓу ретките земји во светот во која ниту Владата, ниту граѓаните немаат сумарен увид на сиот имот во сопственост на државата (недвижен, движен, акции и удели во трговски друштва), а со тоа и во сопственост на сите нејзини граѓани. Тоа значи дека никој во земјава нема увид ниту во обемот на тој имот, во начинот на којшто се управува со тој имот, располагањето со тој имот, како и условите под кој тој имот се става на располагање на други лица и субјекти. Ова отвора широк простор за недомаќинско работење и управување со имотот на граѓаните, за злоупотреба и корупција, но и за негово ненаменско и неефикасно користење.

Ако се има увид во тој имот, тогаш најмалку ќе може да се искористи дел од тој имот за попродуктивни и понаменски цели, пр. во делот на социјалната заштита или заштедување на јавни средства (пр. институции коишто сега плаќаат наемнина за просторот да се сместат во простор сопственост на државата што ќе се заштедат непотребни расходи и сл.). Изработка на јавно достапен (преку интернет) регистар на имотот во сопственост на Република Македонија (недвижен, движен, акции и удели во трговски друштва) што ќе придонесе за поотворена, поодговорна и поотчетна влада, поефикасно искористување на јавните средства и намалување на корупцијата.

 

Оваа база на податоци за патничките возила на Владата, министерствата и општините во Република Македонија во 2018 година е овозможена со поддршка од американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) преку Проектот за граѓанско учество во Македонија. Оваа содржина е одговорност на Центарот за граѓански комуникации и не ги изразува ставовите на УСАИД или Владата на САД.