ТРЕТ ИЗВЕШТАЈ ОД МОНИТОРИНГОТ НА ИТНИТЕ ЈАВНИ НАБАВКИ ПОВРЗАНИ СО ЗАШТИТА ОД КОРОНАВИРУСОТ

  • 20/05/2020

 

База на податоци, договори за итни јавни набавки

ГЛАВНИ НАОДИ

- Вредноста на договорите за итните јавни набавки поврзани со заштита од коронавирусот надмина 3,2 милиони евра и досега се склучени 142 договори. 
-  Дури 71 % од вредноста на склучените договори отпаѓа само на пет фирми.
-  Во отсуство на упатство или стандардни обрасци за набавка, продолжуваат значајните разлики во цените. Во овој период, најголеми разлики се забележуваат кај скафандерите и ракавиците. Скафандерите се купувале по цени од 262 до 1.156 денари, а ракавиците од 2,83 до 9,32 денари за парче.
- За повеќе од половина од склучените договори (59 %), институциите ја прекршиле законската обврска да ги објават договорите во рок од десет дена од потпишувањето.
-  Во секој втор склучен договор за итните јавни набавки поврзани со коронавирусот се преговарало само со еден понудувач.
-  Сѐ уште нема информации за исходот од владините огласи за интервентни набавки на маски и ракавици.

Вредноста на договорите за итните јавни набавки поврзани со заштита од коронавирусот надмина 3,2 милиони евра.
-  Преку директни преговарања без претходно објавување оглас се склучени 142 договори.
-  Најголема вредност на склучените договори има МВР, кое склучило шест договори во вкупна вредност од 1,9 милиони евра, што е дури 59 % од вредноста на договорите на сите институции. Станува збор за договори за набавка на маски, ракавици, очила, комбинезони и средства за дезинфекција.
-  Второ според вредноста на договорите е Министерството за здравство, со 14 договори во вредност од 321.081 евро за набавка на монтажни контејнери, реагенси, потрошен материјал, дезинфекциски средства и заштитна лична опрема.
-  Дополнително на 142-та договори, објавена е и уште 51 одлука за избор на најповолен понудувач, во вкупна вредност од 701.230 евра.

Пет институции со најголема вредност на набавки поврзани со коронавирусот
(според објавените известувања за склучените договори)

Бр.

Институција

Број на договори

Вкупна вредност во евра

1

Министерство за внатрешни работи

6

1.902.688

2

Министерство за здравство

14

321.081

3

Медицински факултет, Универзитет Св. Кирил и Методиј

5

118.964

4

Градска општа болница „8 Септември“ Скопје

10

102.476

5

Град Скопје

2

72.855

 

Повеќе од две третини од вредноста на договорите отпаѓа на пет фирми.

Тендери за итна набавка добиле вкупно 81 фирма, но 71 % од вредноста им припаѓа само на пет фирми.
Највредни договори за итни јавни набавки се склучени со прилепската фирма „Гифти текс“ за набавка на маски за потребите на министерствата за внатрешни работи и за одбрана.
Втора на листата според вредноста е „Биотек“ од Скопје, која има склучено договор за набавка на маски, ракавици, очила и комбинезони за потребите на МВР.
Според бројот на договори, предничат скопски „Алкалоид“ и битолски „Еуро-фарм“, кои имаат склучено 14, односно 12 договори.


Пет фирми со најголема вредност на договори поврзани со коронавирусот

Бр.

Фирма

Број на договори

Вкупна вредност во евра

1

ГИФТИ ТЕКС увоз-извоз ДООЕЛ Прилеп

2

1.138.192

2

БИОТЕК ДОО експорт-импорт Скопје

1

657.423

3

АЛКАЛОИД АД Скопје

14

247.355

4

БРАКО ДОО увоз-извоз Велес

1

142.114

5

ЕУРО - ФАРМ увоз-извоз ДООЕЛ Битола

12

121.946



Значајни разлики во цените и разногласие во набавките, во отсуство на упатство или стандардни обрасци за набавка.    
    

Најголеми разлики во анализираниот период постојат кај набавката на скафандери и ракавици. Цените на купените скафандери се движат од 262 до 1.156 денари, а на ракавиците за еднократна употреба, со или без талк, од 2,83 до 9,32 денари за парче.
Најеклатантен пример е што комунално претпријатие купило скафандери за еднократна употреба по цена од 1.156 денари, а клиника купила скафандери за повеќекратна употреба со можност да се вријат за цена од 1.052 денари. Притоа, неспоредливи се ризиците од пренесување на вирусот и последиците од ова во двете институции.
Поради отсуство на каква и да е координација меѓу институциите, продолжува купувањето на најразлични видови маски, од оние за еднократна употреба, преку хируршки, платнени, сè до маските со највисока заштита. Најскапо е платена маска ФФП2 и тоа 448,4 денари за маска, а најевтино – двослојна маска за еднократна употреба од 21 денар. 

 

Државните институции и натаму не ги објавуваат навреме склучените итни договори за јавни набавки поврзани со коронавирусот. 

- Институциите директно го прекршуваат Законот за јавни набавки, којшто ги обврзува да ги објавуваат известувањата за склучените итни договори и самите договори во рок од десет дена од нивното склучување.
- Како што се претпостави во претходните два извештаи, биле склучени многу повеќе договори отколку што објавиле институциите. По неколкуте укажувања во претходните извештаи, се забележува почесто објавување на склучените договори.
- За повеќе од половина од склучените договори (59 %), институциите ја прекршиле законската обврска да објават информации за склучените договори, за фирмите со коишто ги склучиле, како и износот што го потрошиле.
- Воедно, кај дел од институциите се забележува дека во договорите не ги наведуваат ниту договорените количини, ниту договорените поединечни цени, со што практично го оневозможуваат увидот во суштинските делови од тендерот.


Секоја втора итна набавка била само со една понуда.

- Дури во 47 % од сите склучени договори за итните јавни набавки поврзани со коронавирусот се преговарало само со еден понудувач.
- Анализата на склучените договори укажува на случаи во кои цената на набавените производи била пониска кога во преговорите биле вклучени повеќе од една понуда.
- За разлика од претходно, по неколкуте укажувања за преговарање со повеќе наместо со една фирма, зголемен е бројот на итни набавки со повеќе од еден понудувач.

С
ѐ уште нема информации за исходот од владините огласи за интервентни набавки на маски и ракавици.
- За овие набавки беа донесени две посебни владини уредби за интервентни набавки – едната за маски, а другата за ракавици.
- Иако и за двете веќе одамна беа објавени огласи и поминаа и роковите за поднесување понуди, досега нема никаква информација за нивниот епилог, за што е укажувано и во претходните два извештаи.

 

ПРЕПОРАКИ

- Договорните органи навремено да ги објавуваат на ЕСЈН известувањата и склучените договори за итните јавни набавки поврзани со коронавирусот, и тоа најдоцна десет дена од денот на склучувањето.
- За поголема транспарентност, договорните органи да ги објавуваат на ЕСЈН и одлуките за избор на најповолна понуда преку инструментот за т.н. доброволна транспарентност, истиот ден кога го информираат и понудувачот со најповолна понуда.
- Договорите за итните јавни набавки поврзани со коронавирусот да ги содржат поединечните цени на набавените производи и услуги, како и детален опис на предметот на набавка.
- Во преговорите за итните набавки да се вклучуваат повеќе фирми за да се зголеми конкуренцијата и да се постигнат пониски цени и повисок квалитет на набавките.
- Да се настојува да се добие најдобрата вредност за потрошените пари.
- Детално да се образложуваат потребите за итните набавки во одлуката за јавната набавка, со објаснување на причините за набавка на потребниот производ или услуга, квалитетот и количините.
- Надлежните институции да изработат упатство за набавка на производи за заштита и спречување на ширењето вируси, водејќи сметка за различните потреби на институциите.

 

Истовремено со избивањето и раширувањето на кризата со коронавирусот, се наметна и потребата од итни набавки на стоки, услуги и работи за заштита и превенција на ширењето на заразата од овој вирус. Поради ова, јавните набавки на овие средства, наместо по редовните, се спроведуваат по скратени и забрзани процедури, имајќи ја предвид итноста во обезбедување на потребните средства за заштита и лекување. Брзањето и фокусот врз другите работи, како здравјето и животите на луѓето, ги зголемуваат и ризиците од случајни и намерни грешки и злоупотреби и на двете страни – и кај тие што набавуваат, и кај тие што продаваат. Поради ова, сè побројни се повиците од домашните и од меѓународните институции за зголемена транспарентност, отчетност и одговорност на властите при итните набавки поврзани со коронавирусот, како и за зголемен мониторинг и контрола од страна на државните органи и граѓанскиот сектор. Ова особено се однесува на земјите како нашата, која има и онака ограничени ресурси и е важно секој денар јавни пари да биде потрошен целосно наменски, целисходно и рационално.  Оттука, Центарот за граѓански комуникации, започна со мониторинг и на итните набавки поврзани со коронавирусот за навремено да детектира одредени слабости во процесот и да даде придонес кон нивно надминување, а со цел заштита на јавните пари и рационално искористување на ограничените ресурси во земјава. Ова е трет извештај од планираната серија извештаи кои се објавуваат периодично. За поцелосен увид на јавноста во набавките поврзани со КОВИД-19, извештаите се проследени и со објавување преглед на договорите и на одлуките за избор во отворен формат на веб-платформата на Центарот за граѓански комуникации, www.opendata.mk.

 

ИТНИТЕ НАБАВКИ ПОВРЗАНИ СО КОРОНАВИРУСОТ И РИЗИЦИТЕ ОД КОРУПЦИЈА

Состојбата со новиот коронавирус и болеста КОВИД-19 и прогласената вонредна состојба во земјава наметнуваат потреба од итни набавки на стоки, услуги и работи поврзани со заштита и превенција на ширењето на заразата од овој вирус. Овие набавки, во согласност со Законот за јавни набавки, се спроведуваат со директно преговарање со фирмите, односно преку постапка со преговарање без објавување оглас, за што на институциите не им е потребно ни претходно мислење од Бирото за јавни набавки.
Вонредноста на состојбата, општиот недостиг на неопходните производи и брзината со која се спроведуваат набавките го зголемуваат ризикот од корупција при примената на оваа, и онака нетранспарентна постапка за јавна набавка. И добавувачите, знаејќи дека институциите се во тесно и немаат голем избор, можат да го искористат овој период за зголемување на цените над вообичаените и реалните.
За да се стесни просторот за можна злоупотреба на и онака скромните јавни ресурси, потребно е да се вложат максимални напори за зголемување на транспарентноста, отчетноста и рационалноста на овие набавки.
Имајќи ја предвид новонастанатата состојба со новиот коронавирус и КОВИД-19 и прогласената вонредна состојба во земјава, се укажува потреба од серија непланирани јавни набавки на стоки, услуги и работи поврзани со заштита и превенција на ширењето на заразата од новиот коронавирус и КОВИД-19.
Со оглед на сериозноста на ситуацијата и прогласената вонредна состојба во земјата, а во согласност со членот 55 став (1) г од Законот за јавните набавки (Сл. весник на РМ 24/19), овие набавки се спроведуваат според постапката со преговарање без објавување оглас: „...доколку поради крајна итност, предизвикана како резултат на настани кои договорниот орган не можел да ги предвиди, роковите за другите постапки не може да се применат. Околностите со кои се оправдува крајната итност во никој случај не смеат да бидат такви за да му се припишат на договорниот орган.“
Исто така, иако за набавките што се спроведуваат со постапката со преговарање без објавување оглас треба да се добие претходно мислење од Бирото за јавни набавки, овие набавки можат да се спроведуваат директно, без претходно обезбедено такво мислење од Бирото за јавни набавки, а во согласност со член 55 став (6), којшто гласи: „По исклучок на ставот (5) од овој член, договорниот орган нема обврска да добие претходно мислење пред да спроведе постапка со преговарање без претходно објавување оглас врз основа на став (1) точка г) од овој член доколку директно се загрозени безбедноста, животот и здравјето на луѓето.“
Имајќи го сево ова предвид, и Бирото за јавни набавки издаде известување до договорните органи на 17.03.2020 година, потврдувајќи ја погоре опишаната состојба: „Ги известуваме сите договорни органи кои треба да извршат набавки во постапка со преговарање без објавување оглас од причини од крајна итност, дека набавките кои се директно поврзани со епидемијата од COVID-19 вирусот можат да ги реализираат без претходно да бараат мислење од Бирото за јавни набавки, согласно со членот 55 став (6) од Законот за јавните набавки, а со цел потребите да се задоволат во најкус можен рок без какво било одлагање. Потребно е причините соодветно да се образложат во одлуката за јавна набавка. Останатите барања за мислење согласно член 55 став 5 од Законот за јавните набавки треба да се доставуваат по пошта до архивата на Бирото.“
Поради сево ова, притоа имајќи предвид дека постапката со преговарање без оглас и онака е најмалку транспарентна постапка, а во тие рамки итните набавки со себе носат уште поголем ризик од корупција поради брзината со која се спроведуваат и фокусот на јавноста врз други прашања, уште повеќе се наметнува потребата од засилен мониторинг на спроведувањето на овие набавки. Ова важи уште повеќе поради и онака ограничените ресурси во земјава, како и потребата секој денар јавни пари да биде искористен на најрационален можен начин.
Освен тоа, три други прашања особено се наметнуваат во услови на итни набавки. Првото е дали цените по коишто се набавуваат производите се разумни и според пазарните услови, бидејќи во вакви услови постои зголемен ризик тие да бидат неразумно високи. Второ, дали се почитува рокот на испораката на набавените стоки, услуги и работи бидејќи навременоста на испораката е клучен фактор во услови на криза, а и причина за итната набавка. Трето, дали секој договорен орган детално ја образложил причината за набавката со сите елементи – вид, количина, квалитет и рок, како што тоа го бара законот.