Индекс на рационалност за завој калико

  • 07/2012

Разликата меѓу најниската и највисоката цена по која е купен овој производ изнесува дури 90%. Констатираните разлики не можат да се објаснат со применетите постапки, ниту со критериумите за избор на најповолна понуда бидејќи доминантно завојот е купуван како дел од медицински потрошен материјал во отворени постапки со критериум за избор 'најниска цена'. Споредбата на сегашниот индекс на рационалност за завои калико со димензии 8 см х 5 м со минатогодишниот покажува дека во рационалноста на набавката на овој медицински потрошен материјал нема подобрувања. Имено, соодносот на најниската и највисоката цена е буквално идентичен со сегашниот и изнесува 1:1,90, а евидентирано е и мало зголемување на просечната цена која ја постигнале договорните органи и сега изнесува 109,5 денари за пакување од 10 завои калико 8х5 наспроти минатогодишната од 105 денари. 

Индексот на рационалност за набавка на завој калико со димензии 8 см х 5 м е изработен врз основа на цените обезбедени од болниците, евидентирани во ЕСЈН како договорни органи. Барањето за цените беше доставено до 23 договорни органи. Сепак самиот индекс опфаќа 13 институции, бидејќи 7 договорни органи не одговорија, а 3 информираа дека не набавуваат таков вид завој. Не одговорија на доставените барања следните институции: ЈЗУ Градска општа болница "8-ми Септември" Скопје, ЈЗУ Клиничка болница Штип, ЈЗУ Општа болница Штип, ЈЗУ Општа болница Кочани, ЈЗУ Општа болница Охрид, ЈЗУ Општа болница Велес, ЈЗУ "Психијатриска Болница" - Демир Хисар. Дека не набавуваат завој со димензии 8х5 известија ЈЗУ Специјална Болница за белодробни заболувања и туберкулоза - Лешок, ЈЗУ Општа болница Дебар и ЈЗУ Специјална болница по гинекологија и акушерство "Чаир" - Скопје. 

Како што може да се види од табелата за индексот на рационалност, седум болници го плаќаат завојот по цена која од просечно постигната е пониска, додека пак шест болници производот го плаќаат по цени кои се повисоки од просечната.  Во набавката на завојот доминираат отворените постапки. Исклучок од ова правило се само Општа болница Гевгелија и Психијатриска болница Негорци каде е применета постапката 'барање за прибирање на понуди со објавување на оглас', но со оглед на тоа што едната институција го купила завојот со цена помала од просечната, а друга со повисока цена произлегува дека и овде не може да се говори за некакво влијание на применетата постапка врз постигнатите цени. Сите болници без исклучок како критериум за избор ја користеле 'најниската цена'. 

Количини на купен завој калико 8х5 

Договорен орган Број на завои
Општа болница Прилеп /
Клиничка болница Тетово  4.500
Општа болница Гевгелија  2.400 
Општа болница Куманово 2.000 
Општа болница Кичево  2.500 
Општа болница „Др. Ферид Мурад“ Гостивар 7.200
Специјална болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ Охрид 3.600
Општа болница Струмица  10.000
Општа болница Кавадарци  2.000
Психијатриска болница Скопје 400
Општа болница Струга  350 
Психијатриска болница Негорци  10
Клиничка болница Битола  2.600 

Како што може да се види од претходната табела, разликите во цените не можат да се објаснат ниту со купените количини. Највисоката цена за набавка на завојот, ја плаќа Клиничка болница Битола за набавка на 2.600 парчиња завои што е блиску до количините за кои некои болници плаќаат по цени кои се и повеќе од 23% пониски од просечните.