Во кризната 2020 година, општините потрошиле за јавни набавки речиси исто колку и во претходната година

  • 22/06/2021

80-те општини и Градот Скопје во 2020 година склучиле договори за јавни набавки во вкупна вредност од 8 милијарди денари, односно 129 милиони евра. Ова е речиси идентична сума како и претходната година, што значи дека во кризната 2020 година вредноста на јавните набавки на општините и Градот Скопје останала непроменета. Меѓу фирмите, трите со најголема вредност на договори за јавни набавки во 2020 година се: градежната компанија Гранит АД Скопје, енергетската Енерџи Деливери Солушнс ЕДС од Скопје и градежната Пелагонија од Гостивар.

Овие податоци произлегуваат од Базата на податоци за јавните набавки на општините во 2020 година изработена од Центарот за граѓански комуникации, а која ги содржи податоците за сите 3.454 договори за јавни набавки склучени од Градот Скопје и 80-те општини. Базата е интерактивна и овозможува пребарување на тендерите по општини и по фирми, а дава и графички преглед на учеството на фирмите во набавките на секоја општина одделно, Базата содржи податоци и за уделот на набавките во буџетите на општините, како и за вредноста на набавките по жител. Базата на податоци за јавни набавки на општините е изготвена за последните шест години (2015-2020).

 

Раст на јавните набавки имало кај Градот Скопје и 20 општини

Сите 80 општини плус Градот Скопје потрошиле за јавни набавки во кризната 2020 година 7,932 милијарди денари, односно 129 милиони евра. Единиците на локална самоуправа склучиле вкупно 3 454 договори за јавни набавки со 1 164 фирми.

Гледано на ниво на единиците на локалната самоуправа вредноста на јавните набавки бележи раст кај Градот Скопје и 20 општини, додека пак намалување е евидентирано кај 61 општина.

Најголеми скокови во вредноста на јавните набавки во однос на претходната година се забележани кај Градот Скопје, од 10,3 милиони евра, кај Општина Гостивар од 5 милиони евра и кај скопски Аеродром за 2,7 милиони евра. Најголеми падови, пак, во вредносен износ се забележани кај Општина Липково за 2,8 милиони евра, Тетово за 2,4 милиони евра и Штип и Прилеп по околу два милиони евра.

Во релативна смисла најголеми скокови и падови во вредноста на јавните набавки во 2020 година во однос на претходната година се забележани кај помалите општини. Притоа, со најголем процентуален скок се општините Арачиново и Сопиште чии набавки во 2020 пораснале за повеќе од 16 пати, додека пак со најголеми падови во вредноста на тендерите се Центар Жупа и Липково за по 83 %.

Покрај Градот Скопје кој и натаму е на лидерската позиција според вредноста на јавните набавки, само уште четири други општини успеаја да го задржат своето место меѓу десетте единици на локална самоуправа со најголема вредност на јавните набавки. Во оваа листа останаа Аеродром, Битола, Кавадарци и Тетово, а отпаднаа Прилеп, Куманово, Струмица, Липково и Штип. Нови општини што влегоа во топ 10-те се Гостивар, Центар, Кисела Вода, Гази Баба и Струга.

Половина од вкупно потрошените пари на општините за јавни набавки во 2020 година ги потрошиле Градот Скопје и само седум други општини. За континуираната концентрација и доминација на главниот град зборува и податокот дека во Градот Скопје и 10-те скопски општини се трошат дури 45 % од сите пари за јавни набавки на општините.

Градот Скопје склучил договори за јавни набавки во вредност од 31 милион евра – што е една четвртина од вредноста на јавните набавки на сите општини заедно. Или само Градот Скопје за јавни набавки троши колку 59 општина заедно. Оваа лидерска позиција, Град Скопје ја зацврсти со дополнително зголемување на вредноста на набавките за повеќе од 10 милиони евра во 2020 година. Втора според вредноста на набавките во 2020 година е Општина Гостивар со 7,5 милиони евра, додека со 5,6 милиони евра на третото место е скопски Аеродром. Од скопските општини, уште други три општини, покрај Градот Скопје и Аеродром, се во првите десет според вредноста на јавните набавки. Тоа се Центар, Кисела Вода и Гази Баба. 

На дното на табелата, односно општини со најмала вредност на јавните набавки се неколку мали општини. Последна е Центар Жупа која е единствена општина со набавки под 100.000 евра. Покрај неа, со ниски износи на набавки се Вевчани, Ранковце, Градско, Зрновци, Сопиште и Конче.

 

 

По жител се трошат од седум до 401 евро  

Продолжува трендот на исклучително големи разлики меѓу единиците на локалната самоуправа кога станува збор за вредноста на јавните набавки ставена во однос на бројот на жители.

И годинава апсолутен лидер е Општина Новаци која за јавни набавки троши дури 401 евро по жител, наспроти Шуто Оризари која за јавни набавки има да потроши само 7 евра по жител.

Просечно, по жител, се трошат по 56 евра. Притоа, само 29 општини трошат за јавни набавки повеќе пари од овој просек, додека останатите 52 трошат помалку пари од просекот на земјата.

Покрај Новаци, која со 401 евро е недостижна на врвот, со јавни набавки поголеми по 100 евра на жител се и Илинден, Карбинци, Македонска Каменица, Зелениково, Чучер-Сандево и Кавадарци, како единствена од поголемите општини која троши повеќе од 100 евра набавки по жител.

Гледано во однос на буџетите на единиците на локалната самоуправа произлегува дека просечно на јавни набавки во 2020 се потрошени само 17 % од буџетите на општините и на Градот Скопје, што е намалување во однос на претходната година, кога овој процент изнесуваше 21 %. Ова упатува на заклучокот дека скромен дел од буџетските пари се инвестирани во стоки, добра и услуги кои можеле да придонесат кон подобрување на условите за живот на граѓаните. На ниво на општини, уделот на јавните набавки во нивните буџети се движи од само 4 % во Шуто Оризари до 43 % во Гостивар. 

Вредноста на набавките по жител, како и уделот на вредноста на јавните набавки во општинските буџети се дел од параметрите кои можат да се видат на ниво на сите единици на локалната самоуправа во Базата на податоци за јавни набавки на општините во 2020 година. 

 

Пораст на концентрацијата на фирмите на локалните тендери 

Во 2020 година локалните власти склучиле вкупно 3 454 договори за јавни набавки со 1 164 фирми што е за 5,6 % помалку од бројот на фирми со кои биле склучени договорите во 2019 година.

Првите 10 фирми со најголема вредност на јавните набавки имаат удел во вкупната вредност на набавките од 23 %, што е за 4 процентни поени повеќе од 2019 година кога уделот изнесуваше 19 %.

Листата од првите 10 фирми со најголема вредност на тендери кај општините во 2020 година ја предводи градежната компанија Гранит од Скопје, по што следуваат енергетската компанија Енерџи Деливери Солушнс ЕДС од Скопје и градежната Пелагонија од Гостивар.

Интересно е што само две фирми кои и во 2019 година биле меѓу првите десет, успеале да останат на таа листа и во 2020 година. Тоа се тогашниот лидер Ју-Бај од село Бојане, кој во 2020 година, пак, падна на четвртата позиција и вицешампионот од 2019 година – Пуцко Петрол кој според вредноста на локалните тендери, во 2020 година е на 6-тата позиција.

Во однос на бројот на склучените договори, и во 2020 година апсолутен лидер е кочанската фирма Рики-Јуниор со 82 договори, дури 15 повеќе од претходната 2019 година. На второ место со по 39 договори се Пуцко Петрол и АД Осигурителна полиса, а на трето место е Македонски Телеком со 41 договор.

Базата на податоци за јавни набавки на општините во 2020 година содржи филтри за пребарување за сите фирми кои имаат склучено договор за јавна набавка. Прегледот овозможува да се види бројот и вредноста на договорите, како и општините со кои се склучени тие договори. Пребарувањето на општините и на фирмите овозможува да се дојде до релевантни сознанија за евентуалната концентрација на одредени фирми во тендерите на одредена единица на локалната самоуправа, што во дадени случаи може да биде последица на реални состојби на пазарот, а во други да упатува на нелојална доминација на одредени фирми. 

Најголемиот договор за јавна набавка склучен од страна на единиците за локална самоуправа е на Градот Скопје со градежната компанија Гранит од Скопје во вредност од 6 милиони евра за втората фаза од изградбата на булеварот АСНОМ во скопски Аеродром. Втор по вредност е исто така тендер на Град Скопје, од 2,6 милиони евра, со фирмата Ју-Бај од скопското село Бојане за реконструкција на булеварот Никола Карев. Третиот според вредност тендер на локално ниво е на Општина Гостивар во вредност од 2,3 милиони евра со тетовската фирма Аќуа-Инженеринг за изградба на фекална и атмосферска канализација во општината. 

 

Малку пари за заштита од КОВИД-19 

Трошоците на единиците на локалната самоуправа поврзани со кризата со КОВИД-19 вкупно изнесуваат 10 милиони и 578 илјади евра. Буџетски трошоци поврзани со кризата во 2020 година имале 73 општини и Градот Скопје, од вкупно 81 единица на локалната самоуправа. Овој износ претставува само 1,4 % од вкупните буџети на општините во кризната 2020 година.

Но, и оваа вкупна бројка на потрошени пари од општинските буџети за заштита од КОВИД-19 од 10,5 милиони евра не ја дава вистинската слика за потрошените пари на општините за заштита од КОВИД-19, затоа што дури 10 од овие 10,5 милиони, односно 94 % од сите буџетски трошоци на општините во врска со короната се направени од Град Скопје. Тоа значи дека останатите 73 општини заедно потрошиле само 600 илјади евра што е помалку и од еден промил од нивните буџети.

Доколку, пак и од потрошените средства на Град Скопје се одземат оние што како субвенција се додадени на Јавното сообраќајно претпријатие поради неговите потешкотии во работењето, односно сума од 8,6 милиони евра, произлегува дека сите општини заедно за заштита од короната потрошиле 2,4 милиони евра, што е 0,3 % од сите општински буџети. 

Најголем дел од овие средства, пак, се потрошиле за набавка на заштитни маски, ракавици, средства за дезинфекција и за одржување на јавни површини.

Покрај Скопје, единствена друга општина со поголем износ на потрошени буџетски средства за заштита од короната е Куманово со околу 100 илјади евра. Следни, со суми од околу 50 илјади евра се Кисела Вода, Центар, Битола и Велес. 

Малиот износ на буџетски трошоци за заштита од КОВИД-19, дел од општините го образложуваат со добиените донации пред се од приватни субјекти (фирми и граѓани) и Владата и други државни институции.  

 

Оваа база на податоци за јавните набавки на општините во Република Северна Македонија за 2020 година е подготвена од Центарот за граѓански комуникации со поддршка на  американскиот народ преку Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Содржината во оваа база на податоци  е одговорност на авторите и не ги изразува ставовите на Агенцијата на САД за меѓународен развој или на Владата на Соединетите Американски Држави.