Рекордни 190 милиони евра за јавни набавки потрошиле општините во 2024 година, а Градот Скопје за прв пат не е прв според вредноста на тендерите
База на податоци за јавните набавки на општините
- 80-те општини и Градот Скопје во 2024 година склучиле вкупно 4.006 договори за јавни набавки во вредност од 11,7 милијарди денари, односно 190 милиони евра.
- Само во 2024 година, вредноста на општинските тендери пораснала за 16 проценти, односно за 26 милиони евра.
- Најголем скок во вредноста на тендерите имаат скопските општини Гази Баба, Аеродром и Кисела Вода.
- Град Скопје за прв пат го загуби приматот и со годишен пад на вредноста на тендерите од 11,5 милиони евра, се наоѓа на шестото место.
- Општините склучиле договори за јавни набавки со 1.210 фирми.
- Дури една четвртина од вкупната вредност на локалните тендери завршила кај само 10 фирми.
- На врвот според вкупната вредност на договорите е ЕДС (Енерџи деливери солушнс) со вредност на договорите од 500 милиони денари, односно околу 8 милиони евра.
- Општините трошат на јавни набавки просечно по 28 % од своите буџети.
- Најголема вредност на набавки по жител има Дојран, 675 евра, а најмала Градот Скопје, само 14 евра.
- Сите податоци за јавните набавки по општини, фирми и години од 2015 година наваму се наоѓаат на Базата на податоци за јавните набавки на општините.
Вредноста на јавните набавки на Град Скопје во 2024 година е намалена за 2,5 пати, додека набавките се зголемени во дури 52 општини
Најголемо зголемување на вредноста на јавните набавки во 2024 година има кај Општина Гази Баба и тоа околу 5,7 милиони евра. Веднаш по неа е Општина Аеродром со годишно зголемување од 5,4 милиони евра, па Општина Кисела Вода со 4,9 милиони евра.
Следуваат општините Битола, Ѓорче Петров и Штип со зголемена вредност на јавните набавки за околу 3 милиони евра, па Струмица со 2,8, Велес со 2,2 милиони евра и Охрид со 2 милиони евра.
Околу милион и пол евра зголемена вредност на јавните набавки имаат општините Кавадарци, Илинден и Арачиново. Општините Крива Паланка и Виница имаат зголемување од околу милион евра, додека кај останатите 38 општини, вредноста на јавните набавки во 2024 година е зголемена за помалку од милион евра.
Намалување на вредноста на набавките во 2024 година во однос на 2023 година има кај вкупно 29 општини. Најголем пад во апсолутна вредност на тендерите во 2024 година бележи Градот Скопје, од дури 11,5 милиони евра, а по него следуваат општините Центар, со пад од 2,2 милиони евра, потоа Радовиш, со намалување од 2 милиони евра, Тетово со 1,5 и Општина Карпош, со пад од околу милион евра.
Воедно, Градот Скопје ја изгуби апсолутната доминација во јавните набавки и сега се наоѓа дури на шестото место со остварена вредност на договорите за јавни набавки во 2024 година од 7,3 милиони евра. Во 2023 година вредноста на договорите за јавни набавки на Град Скопје изнесуваше близу 19 милиони евра, па така во 2024 година Скопје има пад од околу 11,5 милиони евра. Набавките на Градот Скопје во 2024 се драстично пониски од изминативе 7 години и тоа двојно пониски од 2018 година кога биле најниски во оваа седумгодишна низа, а изнесувале околу 14 милиони евра.
Сепак, вредноста на јавните набавки на скопските општини и Градот Скопје во 2024 изнесува 30 % од вкупните набавки на сите 80 единици на локална самоуправа и Градот Скопје. Во 2024 година Градот Скопје и 10-те скопски општини потрошиле близу 58 милиони евра, што е за 5 милиони евра повеќе од претходната година. Ова сè уште е драстично помалку од 2021 година кога уделот на скопските општини и Градот Скопје во вкупните општински набавки бил 45 %.
Гази Баба го презеде приматот како општина со најголема вредност на јавните набавки
Во првата десетка единици на локалната самоуправа со најголема вредност на тендерите се наоѓа Општина Гази Баба со вредност од 11,7 милиони евра, потоа следува Општина Битола со 11,4 милиони и треторангирана е Општина Аеродром со 10 милиони евра.
Следува Општина Штип со 8,7 милиони евра. На средина од табелата е Општина Струмица со 7,8 милиони евра. По неа следува Градот Скопје со 7,3 милиони евра. Општина Кисела Вода e следно рангирана и има јавни набавки од 6,7 милиони евра. Следуваат општините Кавадарци и Куманово со набавки вредни околу 5,9 милиони евра и десетта на листата е Општина Охрид со вредност на јавните набавки во 2024 година од 5,2 милиони евра.
Само 13-те општини кои имаат најголема вредност на јавните набавки, заедно трошат за јавни набавки околу 95 милиони евра што е половина од вкупно потрошената сума за јавни набавки на сите единици на локална самоуправа. Односно првите 13 општини потрошиле за јавни набавки колку што потрошиле останатите 68 општини заедно.
Вредност на јавните набавки над два милиони евра во 2024 година имаат 29 општини, помеѓу еден и два милиони евра вредни јавни набавки имаат 21 општина, следни се 18 општина со вредност на јавните набавки помеѓу половина и еден милион евра, потоа 12 општини имаат договори за јавни набавки во вредност од 200 илјади до 500 илјади евра.
Единствена општина која има вредност на јавните набавки под 200 илјади евра, односно околу 151 илјада евра е Општина Зелениково.
Веднаш по Зелениково на дното на табелата се наоѓаат општините Демир Хисар и Лозово со вредност на набавките под 260 илјади евра, следуваат општините Ранковце, Чешиново-Облешево, Вевчани и Шуто Оризари со набавки вредни под 400 илјади евра.
Вредноста на јавни набавки по жител изнесува од 14 до 675 евра, најмногу потрошил Дојран, најмалку Град Скопје
Во 2024 година, просечно, на јавни набавки по жител потрошени се по 131 евра, што е за 20 евра, односно 18 %, повеќе од 2023 година, кога просекот изнесуваше 111 евра по жител.
Најмногу јавни набавки по жител во 2024 година одделила Општина Дојран, дури 675 евра. Општината втора година по ред издвојува најмногу пари за јавни набавки по жител.
На второ место исто како и во 2023 година е Општина Новаци, со 565 евра, потоа следуваат општините Карбинци и Дебарца, со 355 односно 352 евра по жител.
32 општини одвојуваат помеѓу 100 и 200 евра по жител за јавни набавки, додека 38 општини во 2024 година одделиле помалку од 100 евра по жител.
Најмалку пари за јавни набавки по жител потрошил Градот Скопје. Тој се наоѓа на дното на табелата, со само 14 евра по жител. Едно евро повеќе одделува Општина Шуто Оризари, следуваат Тетово, Демир Хисар и Студеничани.
Сите скопски општини имаат јавни набавки по жител под 170 евра. Општините Гази Баба, Аеродром и Кисела вода имаат 168, 130 и 109 евра по жител, додека јавните набавки по жител на останатите шест општини и Градот Скопје се под 100 евра за жител.
На јавни набавки просечно се потрошени 28 % од буџетите на општините
Гледано во однос на консолидираните буџети на единиците на локалната самоуправа, произлегува дека, просечно, на јавни набавки во 2024 се потрошени 28 % од буџетите на општините и на Градот Скопје, скоро идентично како и претходната година.
Овде треба да се има предвид дека дел од општините имаат склучено и повеќегодишни договори за јавни набавки и оттука плаќањата на обврските од договорите за јавни набавки што се склучени во последните месеци од 2024 година ќе се финансираат од буџетите од наредната година. Поради тоа, јавните набавки во некои општини имаат повисок удел во тековните буџети од реалното.
Седум општини имаат удели на вредноста на јавните набавки во реализираните буџети повисоки од 50 %. Највисок удел има општина Арачиново и тоа 84%, а по неа следува општина Пласница со 70 %. Високи удели имаат и општините Дебарца, Могила, Новаци, Карбинци и Аеродром со удели помеѓу 52 % и 58 %.
Над 30 % од буџетот за јавни набавки трошат 29 општини, по што следуваат 25 општини кои на јавни набавки трошат од 20 % до 30 % од буџетот, 23 од општините имаат удел во буџетите од 10 % до 20 %. Три општини, Шуто Оризари, Демир Хисар и Тетово, како и Градот Скопје имаат удел на вредноста на јавните набавки во буџетот помал од 10 %.
Вредноста на набавките по жител, како и уделот на вредноста на јавните набавки во општинските буџети се дел од параметрите кои можат да се видат на ниво на сите единици на локалната самоуправа во Базата на податоци за јавните набавки на општините во 2024 година.
Една четвртина од набавките на општините завршиле кај десет фирми
Во 2024 година локалните власти склучиле договори за јавни набавки со 1.210 фирми, што укажува на мало намалување во поглед на бројот на фирми со кои биле склучени договори во однос на 2023 година, кога договорите биле склучени со 1.245 компании.
Анализата на податоците укажува на мал пад на концентрацијата на тендерите кај мал број фирми. Првите 10 фирми со најголема вредност на договорите за јавните набавки имаат удел во вкупната вредност на набавките од 25 %, што е за 1 процентен поен помалку од уделите на најголемите 10 добитници во 2023 година.
Идентично како и во последните две години, листата од првите 10 фирми со најголема вредност на тендери кај општините и во 2024 година ја предводи Енерџи Деливери Солушнс ЕДС Скопје, којашто има склучено 42 договори со 38 општини и Градот Скопје, со вредност на договорите од 500 милиони денари, односно околу 8,1 милиони евра.
На второ место е компанијата Фабрика КАРПОШ Скопје со склучени 10 договори во вредност од 360 милиони денари, односно околу 5,9 милиони евра. Станува збор за договори склучени за санација на улици, изградба на фискултурна сала, детска градинка и сл.
На трето место е ЏОВИ КОМПАНИ Ново Село. Со оваа фирма општините склучиле вкупно 10 договори во вредност од 336 милиони денари или 5,5 милиони евра. Седум од договорите ги склучила фирмата ги склучила со Општина Босилово и три со Општина Струмица.
Кога станува збор за поединечните договори, најголемиот поединечен договор за јавна набавка склучен од страна на единиците за локална самоуправа во 2024 година е оној на Општина Струмица со ЏОВИ КОМПАНИ Ново Село во вредност од 279 милиони денари, односно 4,5 милиони евра, за изградба на нов градски пазар.
Вториот тендер по големина во 2024 година е склучен од Град Скопје, и тоа во вредност од 200 милиони денари (3,3 милиони евра) за набавка на електрична енергија со фирмата Енерџи Деливери Солушнс ЕДС.
Третиот според вредност тендер на локално ниво е на Општина Аеродром, склучен со фирмата Друштво за градежништво и трговија ЖИКОЛ ДООЕЛ експорт импорт Струмица, за набавката за доградба на ООУ Блаже Конески, во вредност од 197 милиони денари, односно 3,2 милиони евра.
Кај дури 13 општини една фирма има удел во набавките на општината повеќе од 50 %.
Локалните самоуправи кај кои само една фирма има добиено половина од вкупните набавки на општината за 2024 година се: Желино Дојран, Врапчиште, Струмица, Бутел, Крушево, Старо Нагоричане, Зелениково, Липково, Могила, Арачиново, Босилово и Виница.
Кај половина од општините, третина од спроведените јавни набавки во 2024 година ги реализирала само една фирма. Воочувањето концентрација на една фирма во јавните набавки на одделните општини е и една од главните придобивки на оваа база на податоци за јавните набавки на општините бидејќи овозможува јасен и визуелен приказ на состојбите. Целта на овој податок е да ги алармира локалните власти да преземат активности во насока на стимулирање на конкуренцијата, како и, по можност, поделба на тендерите на делови наспроти нивно окрупнување.
* * *
Податоците за јавните набавки на општините произлегуваат од Базата на податоци за јавните набавки на општините во 2024 година изработена од Центарот за граѓански комуникации, а која ги содржи податоците за сите 4.006 договори за јавни набавки склучени од Градот Скопје и 80-те општини, објавени на Електронскиот систем за јавни набавки. Базата е интерактивна и содржи филтри со кои се овозможува пребарување на тендерите по општини и по фирми, а дава и графички преглед на учеството на фирмите во набавките на секоја општина одделно. Базата содржи податоци и за уделот на набавките во буџетите на општините, како и за вредноста на набавките по жител. Пребарувањето на општините и на фирмите овозможува да се дојде до релевантни сознанија за евентуалната концентрација на одредени фирми во тендерите на одредена единица на локалната самоуправа, што во дадени случаи може да биде последица на реални состојби на пазарот, а во други – да упатува на нелојална доминација на одредени фирми. Базата на податоци за јавни набавки на општините е изготвена за секоја година, од 2015 наваму.