За новогодишно украсување општините потрошиле 785 илјади евра, 78% од вредноста е концентрирана кај една фирма

  • 14/01/2026

База на договори за украсување за новата година 2026

ù Тендери за новогодишно украсување имале 36 општини

ù Најмногу пари потрошила Општина Штип, 81 илјада евра

ù Градот Скопје и пет други скопски општини заедно потрошиле 185 илјади евра – сите со една иста фирма

ù Штип потрошил за украсување 111 денари по жител, а Скопје 8 денари

ù На 81 % од тендерите за украсување немало конкуренција, односно учествувала само по една фирма

ù Една иста фирма, Линк Медиа Плус, добила 78 % од вредноста на сите тендери за украсување во земјава

ù 94 % од договорите за јавна набавка за украсување се склучени во декември, на нецели две недели од новата година

 

 

Тендерски постапки за украсување во пресрет на новата 2026 година спровеле 36 општини. Во најголем дел, тендерите за новогодишно украсување ги спровеле самите општини, а во помал дел, овие тендери ги спровело некое од нивните локални јавни претпријатија. 

31 од овие 36 општини доставиле податоци за склучените договори за украсување до Електронскиот систем за јавни набавки, заклучно со 12 јануари 2026 година. Преостанатите 6 општини сè уште не доставиле известувања за склучените договори, иако законскиот рок е само 10 дена по склучување на договорите.

Вкупната вредност на веќе склучените и објавени договори за украсување изнесува 48.297.986 денари, односно 785.333 евра. Сепак, се очекува вредноста на трошоците за новогодишно украсување да расте со доставување на информациите од преостанатите општини (Гостивар, Струга, Пробиштип, Пехчево и Крива Паланка), како и Општина  Новаци која има набавка на услугата за новогодишен огномет.

Анализата на вредностите на договорите покажува значителни разлики во трошоците за новогодишно украсување меѓу општините, без јасно образложение за обемот и содржината на услугите. Највисокиот договор достигнува над 80 илјади евра, додека други општини за истата намена издвоиле неколкукратно помали износи.

 

Штип води според потрошените пари за  новогодишно украсување

Најмногу пари за новогодишно украсување потрошила Општина Штип склучувајќи договор со фирмата Линк Медиа Плус од Скопје во вредност од 4.998.480 денари, односно 81.276 евра.

Градот Скопје е на второ место со договор склучен со истата фирма во вредност од 4.271.600 денари, односно 69.457 евра.

Доколку кон трошоците за украсување на Градот Скопје се додадат и трошоците од другите скопски општини (Центар, Чаир, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров и Карпош) произлегува дека во Скопје за украсувањето за дочек на новата година се потрошени 17.521.584 денари, односно 284.904 евра. Ова е повеќе од една третина од сите пари потрошени за украсување во земјата.

Покрај Град Скопје и сите други 6 општини од градот склучиле договор со фирмата Линк Медиа Плус од Скопје.

Гледано според бројот на жители произлегува дека Штип потрошил по 111 денари  по жител за оваа намена, а Град Скопје 8 денари по жител.

 

10 ЕЛС СО НАЈГОЛЕМИ ДОГОВОРИ ЗА НОВОГОДИШНО УКРАСУВАЊЕ

Носител на договорот

Фирма

Вредност во евра

Општина Штип

ЛИНК МЕДИА ПЛУС Скопје

81.276

Град Скопје

ЛИНК МЕДИА ПЛУС Скопје

69.457

Општина Охрид

ЛИНК МЕДИА ПЛУС Скопје

66.713

Општина Центар

ЛИНК МЕДИА ПЛУС Скопје

64.852

ЈП Паркиралишта Струмица

ЛИНК МЕДИА ПЛУС Скопје

57.523

Општина Чаир

ЛИНК МЕДИА ПЛУС Скопје

57.503

Општина Македонска Каменица

ЛИНК МЕДИА ПЛУС Скопје

34.038

 Општина Прилеп

ЛИНК МЕДИА ПЛУС Скопје

31.956

Општина Радовиш

ЛИНК МЕДИА ПЛУС Скопје

31.946

Општина Битола

ГРИН ВЕЈ Битола

31.553

На дното, со трошоци за украсување пониски од 10.000 евра се општините Неготино (9.590 евра), Куманово – ЈП Куманово Паркинг (9.402 евра), Ресен (9.210 евра), Дојран (8.927 евра), Свети Николе (6.407 евра), Градско (5.756 евра), Демир Капија (5.756 евра), Богданци (4.855 евра), Сопиште (4.056 евра) и Новаци (2.878 евра).

 

Нема конкуренција на тендерите за украсување

Тендерите за новогодишно украсување се спроведувани главно без конкуренција.

Просечниот број понуди по еден тендер изнесува само 1,15 што е далеку под препорачаниот минимум за обезбедување пазарна конкуренција.

Притоа, во дури 27 од вкупно спроведените 32 тендерски постапки била доставена по само една понуда. Вредноста на договорите во кои била доставена по само една понуда изнесува дури 91 %. Отсуството на конкуренција ја доведува во прашање реалноста на трошоците на украсувањето. 

 

КОНКУРЕНЦИЈА НА ТЕНДЕРИТЕ ЗА НОВОГОДИШНО УКРАСУВАЊЕ

Број на доставени понуди

Број на договори

Вредност во евра

Удел

1 доставена понуда

27

716.010

91%

2 доставени понуди

5

69.323

9%

Вкупно

32

785.333

100%

 

Од вкупно склучените 32 договори за украсување на единиците на локалната самоуправа, дури 15 се со Линк Медиа Плус, во вкупна вредност од 37.825.726 денари, односно 615.052 евра. Произлегува дека Линк Медиа Плус добила 78 % од вредноста на сите вакви договори.

Повеќе од еден договор успеале да добијат уште две фирми, ДИМЕНЗИЈА 360 од Скопје за трите општини од југот Валандово, Гевгелија и Дојран, како и фирмата ГРИН ВЕЈ од Битола, која освен со Општина Битола склучила договор за украсување и со Општина Ресен.

Останатите 12 фирми кои имаат склучено договор за новогодишно украсување се носители на по само еден договор.

 

ФИРМИ КОИ ГИ ДОБИЛЕ ТЕНДЕРИТЕ ЗА УКРАСУВАЊЕ

Фирма 

Број на договори

Вредност во евра

Удел

Линк Медиа плус скопје

15

615.052

78%

ДИМЕНЗИЈА 360  Скопје

3

  40.817

5%

ГРИН ВЕЈ Битола

2

40.763

5%

Преостанати 12 фирми

12

88.701

12%

Тендерите за новогодишно украсување традиционално се склучуваат доцна во годината.

Дури 30 од 32 договори се склучени во декември, со тоа што на дел од нив потписот е ставен нецели 2 недели пред новата година. Ваквото постапување е проследено и со непочитување на законската обврска до Електронскиот систем за јавни набавки да се достави известување за склучениот договор, најдоцна 10 дена од денот на склучувањето. Голем дел од општините не го почитувале овој законски рок.

Доцното објавување на огласите за јавна набавка, и оттука склучување на договорите во декември, сериозно ја ограничува можноста за учество на повеќе фирми, бидејќи кратките рокови ги фаворизираат фирмите кои и претходно биле ангажирани и веќе располагаат со соодветна опрема.

*          *          * 

Основа за пресметка на трошењата на општините за новогодишно украсување се податоците преземени од Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН). Во истражувањето се вклучени сите единици на локалната самоуправа кои имале ваков вид на набавка во 2025 година.