БАЗА на сите набавки за КОВИД-19 во земјата (2020 – 2021)

  • 24/08/2022

БАЗА на набавки за КОВИД-19 (2020 – 2021)

 

Од почетокот на пандемијата во март 2020 година до крајот на 2021 година, во земјата се спровел 581 тендер за КОВИД-19, во вкупна вредност од 33 милиони евра. Најмногу пари за КОВИД-19 потрошиле министерствата за здравство и за внатрешни работи, а од короната најмногу се офајдиле фирмите „Д-р Пановски“, „Технички гасови“ и „Биотек“.

 

Повеќе од 2 милијарди денари, или 33,2 милиони евра, ја чинеа земјава јавните набавки на стоки, услуги и работи за заштита од КОВИД-19 спроведени во 2020 и во 2021 година. Од нив, 13,4 милиони евра во 2020 година и 19,8 милиони евра во 2021 година. Двете пандемиски години, имаа многу сличности, но и разлики, кога станува збор за јавните набавки.

Спроведени се 581 тендер и склучени се 1269 договори, најмногу за набавка на стоки.

Во 2020 година спроведени се 400 тендери и склучени се 816 договори за јавни набавки поврзани со КОВИД-19. Најголем дел од набавките, дури 91 %, биле за набавка на стоки, додека само мал дел за услуги (6 %) и за работи (2 %).

 

Во 2021 година, пак, спроведени се 181 тендер за набавки за КОВИД-19 и склучени се 453 договори. Исто така, најголем дел од тендерите биле за набавка на стоки, дури 99 %.

Додека во 2020 година дури 63 % од парите за набавки за КОВИД-19, или 8,5 милиони евра, се потрошени преку нетранспарентната постапка со преговарање без објавување оглас, во 2021 година преку оваа постапка се потрошени само 8 % од парите, односно 1,6 милиони евра.

 

Само министерствата за здравство и за внатрешни работи потрошиле повеќе од една третина од сите пари потрошени за КОВИД-19 набавки.

Кога станува збор за институциите, убедливо најмногу пари за јавни набавки за КОВИД-19 потрошиле две министерства – за здравство и за внатрешни работи. МВР потроши повеќе во 2020 година, а МЗ – во 2021 година. Или, Министерството за здравство во двете години потроши за набавки за КОВИД-19 дури 7,3 милиони евра, додека МВР во овие две години потроши 4,7 милиони евра. Или, двете заедно потрошиле дури 36 % од сите пари потрошени преку тендери за КОВИД-19.

Интересно е што дури пет од десетте најголеми договори за јавни набавки за КОВИД-19 се на Министерството за внатрешни работи.

Вкупно 268 фирми добиле тендер за КОВИД-19 во текот на 2020 и на 2021 година, но дури една третина од сите овие пари им припаднале само на првите три фирми, со најголема вредност на договорите. Или, овие три фирми заедно добиле тендери во вредност од 11 милиони евра, од вкупната вредност на тендерите од 33 милиони евра. Станува збор за фирмите „Д-р Пановски“, која склучила 46 договори во вредност од 5,3 милиони евра, „Технички гасови“, со 20 договори во вкупна вредност од 3,1 милион евра, и „Биотек“, со 44 договори вредни 2,9 милиони евра.

 

Оваа база на податоци е изработена врз основа на податоците за договорите за јавни набавки поврзани со заштита од коронавирусот на Електронскиот систем за јавни набавки. Во неа се опфатени сите договори со предзнакот КОВИД-19 склучени во текот на 2020 и на 2021 година.

Ова истражување и базата на податоци се подготвени од Центарот за граѓански комуникации во рамките на проектот „Набавките за КОВИД-19 во фокусот“, којшто е финансиски поддржан со грант од Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на Соединетите Држави и на УСАИД.

Мислењата изразени во оваа публикација не ги претставуваат неопходно ставовите на Балканскиот фонд за демократија, на Германскиот Маршалов фонд на САД, на УСАИД или на Американската влада.