Раст на општинските тендери во 2021 година за 42 %
80-те општини и Градот Скопје во 2021 година склучиле договори за јавни набавки во вкупна вредност од 11 милијарди денари, односно околу 183 милиони евра. Ова е досега најголемиот скок на вредноста на јавните набавки на единиците на локалната самоуправа од дури 42 %. Склучени се 3.752 договори за јавни набавки со 1.157 фирми. Но, половина од вредноста на тендерите им припаѓа на само 25 фирми. На врвот според вкупната вредност на договорите е градежната компанија Жикол Струмица преземајќи и го приматот на градежната компанија Гранит АД Скопје која беше прва во 2020 година.
Овие податоци произлегуваат од Базата на податоци за јавните набавки на општините во 2021 година изработена од Центарот за граѓански комуникации, а која ги содржи податоците за сите 3.752 договори за јавни набавки склучени од Градот Скопје и 80-те општини. Базата е интерактивна и овозможува пребарување на тендерите по општини и по фирми, а дава и графички преглед на учеството на фирмите во набавките на секоја општина одделно. Базата содржи податоци и за уделот на набавките во буџетите на општините, како и за вредноста на набавките по жител. Базата на податоци за јавни набавки на општините е изготвена за последните седум години (2015-2021).
Четвртина од вредноста на тендерите се на Градот Скопје
Градот Скопје и 80 општини потрошиле за јавни набавки во 2021 година 11 милијарди денари, односно 183 милиони евра. Прoизлегува дека во 2021 година се потрошени дури 51 милион евра повеќе отколку во 2020 година.
Раст на вредноста на јавните набавки е забележан кај Градот Скопје и 59 општини наспроти падот кај 21 општина. Најголеми скокови во вредноста на јавните набавки во однос на претходната година се забележани кај Градот Скопје од 15 милиони евра, кај Општина Центар од 5,5 милиони евра и кај Општината Гази Баба од околу 5 милиони евра. Најголеми падови, пак, во вредносен износ се забележани кај Општина Чучер Сандево за околу 630 илјади евра, Карпош 483 илјади евра и Аеродром 475 илјади евра.
Во релативна смисла најголеми скокови и падови во вредноста на јавните набавки во 2021 година во однос на претходната година се забележани кај помалите општини. Притоа, со најголем процентуален скок се општините чии набавки во 2021 пораснале за повеќе од 3 пати и тоа се општините Сарај и Липково, додека пак со најголеми падови во вредноста на тендерите во релативна смисла се Зелениково со 59 % и Арачиново 82 %
Градот Скопје и во 2021 година е неприкосновено на врвот според вредноста на договорите за јавни набавки од 46 милиони евра чиј удел изнесува дури 25 % во набавките на сите единици на локалната самоуправа. За споредба Градот Скопје потрошил на јавни набавки колку 60 општини заедно.
За големата доминација на скопските општини во однос на трошоците за јавни набавки говори податокот дека во Градот Скопје и 10-те скопски општини се потрошени околу 82 милиони евра односно дури 45 % од сите пари за јавни набавки на општините.
За разлика од 2020 година кога зад Градот Скопје во вредноста на јавните набавки беа општините Гостивар и Аеродром, во 2021 година второто и третото место им припадна на општините Центар и Гази Баба. Притоа, вредноста на набавките на Општина Центар скокнала за 149 % и изнесува околу 9 милиони евра. Со висок скок од 145% е и Општина Гази Баба чии набавки во 2021 година изнесуваат 8 милиони евра.
Во листата на 10 единици на локалната самоуправа со најголема вредност на јавните набавки покрај Градот Скопје и општините Центар и Гази Баба се и Општина Гостивар со вредност на јавните набавки од 7,9 милиони евра, Општина Куманово со вредност на јавните набавки од 6,2 милиони евра, Општина Кавадарци со вредност на јавните набавки од 5,3 милиони евра како и општините Тетово и Аеродром со вредности на јавните набавки од по 5,2 милиони евра.
Над еден милион евра имаат 33 општини, следни се 20 општини со вредност на јавни набавки помеѓу половината и еден милион евра, потоа 21 општина имаат договори за јавни набавки во вредност од 200 илјади до 500 илјади евра и на крајот се 6 општини чии јавни набавки се вредносно под 200 илјади евра.
На дното на табелата, со убедливо најмала вредност на јавните набавки е Општина Арачиново со 82 илјади евра. Веднаш пред нејзе е Општина Теарце со јавни набавки од 165 илјади евра, потоа општините Центар Жупа, Јегуновце и Зрновци со по 160 илјади евра и Вевчани со 136 илјади евра.
На јавни набавки по жител се потрошени од 7 евра до 252 евра
Просечно на јавни набавки по жител во 2021 година се потрошени по 84 евра. На врвот во 2021 година, по неколку години доминација на Општина Новаци, е Општина Карбинци со 252 евра вредност на јавните набавки по жител. На второ место е Новаци со 250 евра, потоа следуваат Општина Центар со 209 евра по жител и Општина Илинден со 201 евро. Сите останати општини имаат вредност на јавни набавки под прагот од 200 евра по жител.
На дното се Општина Арачиново со 7 евра по жител и Општина Теарце со само 9 евра.
Произлегува дека Општина Карбинци која е на врвот потрошила 3 пати повеќе од просекот во државата, додека пак Општина Арачиново потрошила 12 пати помалку.
Со оглед на тоа што просечно на јавни набавки по жител во 2021 година се потрошени по 84 евра значи дека 29 општини трошат за јавни набавки повеќе пари од овој просек, додека останатите трошат помалку пари од просекот на земјата.
Во групата на општини со вредност на јавни набавки по жител поголема од 150 евра се само 12 општини, од кои поголеми се само Општина Центар (43.893 жители) и Општина Кавадарци (35.733 жители).
Вредноста на набавките по жител, како и уделот на вредноста на јавните набавки во општинските буџети се дел од параметрите кои можат да се видат на ниво на сите единици на локалната самоуправа во Базата на податоци за јавни набавки на општините во 2021 година.
Концентрацијата на локални тендери кај мал број фирми
Во 2021 година локалните власти склучиле вкупно 3.752 договори за јавни набавки со 1.157 фирми што е скоро идентичен број со бројот на фирми со кои биле склучени договорите во 2020 година.
Првите 10 фирми со најголема вредност на јавните набавки имаат удел во вкупната вредност на набавките од 24 %, што е скоро идентична со уделот во 2020 година.
Листата од првите 10 фирми со најголема вредност на тендери кај општините во 2021 година ја предводи градежната компанија ЖИКОЛ ДООЕЛ експорт импорт од Струмица која има склучено вкупно 21 тендер со вредност од 22 милиони евра, по што следуваат Македонски Телеком со 31 договор вредни 7 милиони евра и Друштвото за градежништво, производство, услуги и трговија ИЗГРАДБА-КОМЕРЦ ДООЕЛ експорт-импорт Скопје со 11 договори во вредност од 5 милиони евра.
Интересно е што ниту една од трите компании што ја предводеле листата во 2020 година не се наоѓаат на врвот на листата во 2021 година. Станува збор за компаниите Гранит Скопје, Енерџи Деливери Солушнс ЕДС Скопје и Пелагонија од Гостивар.
Во однос на бројот на склучените договори, и во 2021 година апсолутен лидер е кочанската фирма Рики-Јуниор со 85 договори со вредност од 205 илјади евра. На второ место е АД Осигурителна полиса со склучени 50 договори од кои добар дел се и мали договори вкупно вредни 50 илјади евра, а на трето место е Друштво за проектирање,инженеринг,услуги и трговија ИНТ ГЛОБАЛ ИНЖЕНЕРИНГ АВ увоз-извоз ДООЕЛ Битола со вкупно 39 договори кои вредат околу 300 илјади евра.
Најголемиот договор за јавна набавка склучен од страна на единиците за локална самоуправа е на Градот Скопје со Друштво за градежништво и трговија ЖИКОЛ ДООЕЛ експорт импорт Струмица во вредност од 18,5 милиони евра за изградба на раскрсница улица „Скупи“ и булевар „8-ми септември“, раскрсница булевар „8-ми септември“ и булевар „Никола Карев“, булевар „Никола Карев“ и улица „Словенечка“. Втор по вредност е исто така тендер на Град Скопје, од 6,5 милиони евра, со фирмата Македонски Телеком за набавка и имплементација на систем за паметно осветлување и платформа за дигитален град. И третиот според вредност тендер на локално ниво е на град Скопје во вредност од 4 милиони евра со Друштво за транспорт градежништво и трговија ВАТО ДОО Студеничани за изградба, реконструкција и одржување на улица „Борис Трајковски“ од крстосница во населба „Пинтија“ до кружен тек пред мост на Маркова река, фаза 2.
Базата на податоци за јавни набавки на општините во 2021 година содржи филтри за пребарување за сите фирми кои имаат склучено договор за јавна набавка. Прегледот овозможува да се види бројот и вредноста на договорите, како и општините со кои се склучени тие договори. Пребарувањето на општините и на фирмите овозможува да се дојде до релевантни сознанија за евентуалната концентрација на одредени фирми во тендерите на одредена единица на локалната самоуправа, што во дадени случаи може да биде последица на реални состојби на пазарот, а во други да упатува на нелојална доминација на одредени фирми.