Индекс на рационалност за физичко обезбедување

  • 12/2011

Во набавката на физичко обезбедување, евидентирани се огромни разлики помеѓу цените по кои институциите плаќаат 1 час за оваа услуга. Соодносот на најниската и највисоката цена изнесува дури 1:5, што значи дека највисоката цена е за дури 400% повисока од најниската. Разликите во цените само делумно можат да се објаснат со бројот на ангажирани извршители за физичко обезбедување, како и со применетите постапки за јавни набавки. 

Во однос на индексот на рационалност за физичко обезбедување, барања за доставување информација беа испратени до сите договорни органи што за оваа намена објавиле оглас во 2011 година. Станува збор за 23 институции на национално и локално ниво. Одговори доставија 20 институции, со исклучок на ОУ „Даме Груев“ - Градско, НУ Музеј на Македонската борба за државност и самостојност и Општина Струга. Со оглед на различните методологии за пресметка на трошоците за оваа услуга кај осум институции, иако одговорија на барањето за пристап, врз основа на доставените податоци не можеше да се дојде до цената за 1 час физичко обезбедување. Станува збор за договорните органи Општина Новаци, Македонска радиотелевизија, ЈЗУ Општа болница Струмица, Агенција за катастар на недвижности, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, ЈЗУ Здравствена станица „Железара“ - Скопје, ЈЗУ Геронтолошки завод „13 Ноември“ - Скопје, Фонд за здравствено осигурување на Македонија. Оттука, во индексот на рационалност за овој вид услуга се вклучени само 12 договорни органи. Индексот на рационалност за физичко обезбедување е направен врз основа на споредба на цени за 1 час физичко обезбедување во 12 договорни органи.

Соодносот на најниската и највисоката цена во овој индекс е висок 1:5, што претставува огромна разлика која говори за дисторзија на пазарот во поглед на овој вид услуги. Како што може да се види од табелата на Индексот на рационалност за физичко обезбедување, просечно постигнатата цена за оваа услуга изнесува 124 денари. Притоа, седум институции услугата ја плаќаат под оваа цена, а пет над неа.

Огромните разлики во цените за набавка на оваа услуга, сепак, само делумно можат да се објаснат со бројот на ангажирани извршители за физичко обезбедување и со вредноста на склучените договори. Имено, вредноста на договорот склучен од институцијата која ја постигнала најниската цена изнесува 715.116 денари, а на договорниот орган што ја плаќа највисоката цена за услугата има годишен договор од 154.000 денари. Сепак, во табелата во која е даден приказ на вредноста на договорите за обезбедување може да се забележи дека одредени институции чии поединечни договори се меѓу највисоките не можат да се пофалат со најниската цена, а некои од нив дури ги има и во листата со натпросечно висока цена. 

 

                                                      Вредност на договорите за обезбедување

Договорен орган Вредност на договорот
 ЈЗУ Клиничка болница „Трифун Пановски“  Битола  715.116
 ОЈУДГ „Астибо“ Штип 300.000 
 Управа за заштита на културното наследство за музеј  на вода 4.010.678 
 ЈЗУ Општа болница Кавадарци
 ЈКП „Дервен“ Велес 1.000.000
 ЈЗУ - Универзитетска клиника по хируршки болести „Св.  Наум Охридски“ Скопје 351.168
 Факултет за ветеринарна медицина Скопје 1.416.000
 ЈЗУ Психијатриска болница „Скопје“ 1.121.742
 Н.У. Спомен-куќа на Мајка Тереза 1.040.400
 ЈЗУ Завод за физикална медицина и рехабилитација – Скопје 389.664
 АД „Електрани на Македонија“ (обезбедување на  Дирекцијата) 4.916.352 
 Општина Вевчани 154.000

Во однос на применетите постапки за јавни набавки, отворена постапка за доделување на договор е спроведена кај три институции (ЈЗУ Клиничка болница „Трифун Пановски“ - Битола, Управа за заштита на културното наследство за потребите за Музејот на вода во Охрид и АД „Електрани на Македонија“ за потребите на Дирекцијата). Постапката со прибирање понуди без објавување оглас е применета од два договорни органи (ОЈУДГ „Астибо“ Штип и Општина Вевчани) додека сите останати институции (ЈЗУ Општа 16 болница - Кавадарци, ЈКП „Дервен“ Велес, Универзитетска клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ - Скопје, Факултет за ветеринарна медицина - Скопје, ЈЗУ Психијатриска болница „Скопје“, Н.У. Спомен-куќа на Мајка Тереза, ЈЗУ Завод за физикална медицина и рехабилитација - Скопје) ја примениле постапката за прибирање понуди со објавување оглас. Анализата на применетите постапки и постигнатите цени упатува на заклучокот дека самите постапки не биле гаранција за постигнување приближно исти цени во набавката на услугата за физичко обезбедување. Сепак, доколку се навлезе подлабоко во анализа на начинот на кои се спроведени постапките и на користените критериуми за избор на најповолна понуда може да се констатира дека најниската цена при набавка на оваа услуга е постигната со примена на отворена постапка со критериум ,најниска цена‘ и со спроведување електронска аукција. Додека, пак, највисоката цена е добиена во постапка со прибирање понуди без објавување оглас. Воедно, за влијанието што критериумите за избор на најповолна понуда можат да го имаат врз цената говори примерот на АД „Електрани на Македонија“ и ЈЗУ Завод за физикална медицина и рехабилитација - Скопје. Во случајот на АД „Електрани на Македонија“, изборот на најповолна понуда се извршил со примена на ,економски најповолна понуда‘, каде што цената носела максимални 60 бода, а по 20 бодови се давале за број на службени легитимации и за број на вработени над бараниот минимум, додека пак Заводот за физикална медицина и рехабилитација во изборот применувал критериум ,економски најповолна понуда‘ со елементите: цена која носи максимум 70 бода и квалитет до 30 бода.