Индекс на рационалност за работни обувки-кломпи
Сите детски градинки вклучени во изработениот индекс на рационалност купиле анатомски кожени кломпи. Купувани се кломпи од природна говедска кожа, со исклучок на детската градинка „Ацо Караманов“ од Радовиш, каде што се купени кломпи од телешка кожа. Анализата на техничките спецификации покажа дека градинките барале кломпите да бидат изработени од кожа со дебелина од 1.0-2.2 мм, а воочени се и мали разлики во однос на дебелината на ѓонот. Но, вака констатираните разлики се покажаа како нерелевантни за цената на обувките. Соодносот на најниската и највисоката цена е 1:3,04, што значи дека градинката „Буба Мара“, општина Аеродром, за кломпите платила 204% повисока цена од градинката „25 Мај“ од општина Гази Баба. Разликите во цените не можат да се оправдаат со разлики во применетите постапки бидејќи сите градинки работните обувки ги купиле со транспаретно објавени постапки за јавни набавки.
Во Индексот на рационалност за работни обувки – кломпи се вклучени десет детски градинки кои за овој вид на набавка имале објавено оглас од јануари 2016 до јуни 2017 година. Сите градинки ги доставија побараните податоци, иако за дел од нив мораше да се достават жалби до надлежната Комисија за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Како што може да се види од приказот на Индексот на рационалност за работни обувки – кломпи, четири детски градинки кломпите ги купиле под просечно постигната цена од 1.450 денари, а шест од нив над таа цена. Најниската цена е за дури 101,95% пониска од просечната постигната од самите институции, а највисоката цена е за 33,58% повисока од просечната.
Олку големите разлики во цените не можат да се објаснат со применетите постапки, бидејќи сите градинки работните обувки ги купиле преку законски предвидената постапка со барање за прибирања понуди со објавување оглас и со критериум за избор – најниска цена. Разликите во цената можат да се објаснат единствено со конкуренцијата. Имено, иста фирма е добавувач на кломпите на двете градинки кои имаат најголема ценовна разлика, која изнесува дури 204%. Притоа, во тендерот на градинката „25 Мај“ од Гази Баба се добиени 3 понуди и спроведена е електорнска аукција за намалување на цените, наспроти тендерот на градинката „Буба Мара“ од Аеродром, каде што била добиена само една понуда. Оттука со овие тендери е потврдено непишаното правило дека фирмите во очекување на електронската аукција секогаш доставуваат повисоки цени и доколку нема конкуренција за да се одржи е-аукција, тогаш е зголемен ризикот договорот за јавна набавка да се склучи по цена што е повисока од вообичаената.
Причина за разликите во цените не се купените количини. Наспроти економската логика цените да паѓаат со зголемување на количините, во конкретниот случај токму градинките кои купиле најголем број на женски работни обувки – кломпи платиле и највисоки цени. Имено, како што може да се види од следниот табеларен приказ, токму детските градинки „8 Март“ од Кисела Вода и „Буба Мара“ од Аеродром, според тендерската документација, набавиле најголеми количини.
Купени количини на зимски работни униформи*
Договорен орган | Купени количини | Разлика на поединечната цена во однос на просекот |
Детска градинка „25 Мај“, Гази Баба – Скопје | 123 | -101.95% |
Детска градинка 11 Октомври, Бутел – Скопје | 106 | -95.15% |
Детска градинка „Наша иднина“ Прилеп | 122 | -84.71% |
Детска градинка „Ацо Караманов“ Радовиш | 62 | -65.90% |
Детска градинка „Раде Јовчевски Корчагин“, Центар – Скопје | 70 | +15.35% |
Детска градинка „13 Ноември“, Центар- Скопје | 130 | +18.08% |
Детска градинка „Кочо Рацин“, Центар- Скопје | 110 | +23.20% |
Детска градинка „Весели цветови“, Кисела Вода – Скопје | 125 | +23.20% |
Детска градинка „8 Март“, Кисела Вода - Скопје | 160 | +25.26% |
Детска градинка „Буба Мара“, Аеродром - Скопје | 148 | +33.58% |
*Количините се утврдени според тендерските документации
Градинката која ги купила најмалите количини платила цена што е пониска од просечната, и тоа за дури 65,90%. Притоа, градинката „Ацо Караманов“ од Радовиш кломпите ги набавила на тендер којшто бил делив на два дела, еден за работни обувки и еден за работна облека.