Индекс на рационалност за системи за инфузија

  • 02/2018

Цената по којашто здравствените институции во земјата го купуваат системот за инфузија, како дел од потрошниот медицински материјал, се движи од 5,78 до 9,98 денари. Соодносот на најниската и највисоката цена изнесува дури 1:1,73, што значи дека највисоката цена, што за системот за инфузија ја плаќа Психијатриската болница Негорци, е за 73% повисока од цената што за истиот медицински материјал ја плаќа Општата болница од Струга. Станува збор за систем за инфузија за една употреба, со цевка од поливинилхлорид со должина од 150 см ± 5%, со бактериолошки филтер за воздух, транспарентна комора од ПВЦ за следење на капките, со регулатор за проток, адаптер со заштитник и навој за игла. Констатираните разлики во цените само делумно можат да се објаснат со купените количини. Имено, болницата која ги купила системите за инфузија по најниска цена реално купила најголеми количини, додека, пак, здравствените установи со повисоки цени ги купиле најмалите количини.

Во изработката на Индексот на рационалност за системи за инфузија беа вклучени 12 договорни органи коишто набавувале санитетски материјали во период од 6 месеци (декември 2016 година- мај 2017 година). Побараните податоци не ги достави само Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија. По анализата на добиените податоци, сепак, беше констатирано дека Градска општа болница „8 Септември“ Скопје, Специјална болница за белодробни заболувања и туберкулоза „Јасеново“ – Велес, Здравствен дом Прилеп, Психијатриска болница „Скопје“ и Универзитетска клиника за дигестивна хирургија не набавуваат од горенаведениот вид на систем за инфузија. Оттука индексот е изработен за 6 здравствени институции кои набавиле ист вид на систем за инфузија.

Како што може да се види од приказот на индексот на рационалност, четири институции системите за инфузија ги купувале по цени пониски од просечно постигнатата од 12,89% до 30,28%, додека, пак, две институции системите за инфузија ги платиле по повисоки цени, и тоа за 23,86% односно 24,55%. Вака констатираните разлики не можат да се објаснат со примените постапки за јавни набавки. Имено, сите здравствени институции тендерите ги спровеле во транспарентни постапки за кои објавиле оглас. Кај сите институции тендерите биле составени од повеќе делови, што е впрочем и обврска што произлегува од Законот за јавни набавки кога станува збор за лекови и медицински материјал.

Воедно, сите институции користеле критериум за избор на најповолна понуда ’најниска цена‘. Разликите можат да се лоцираат само во големината на спроведените тендери. Општа болница Струга системите ги набавила во голем тендер вреден над 165 илјади евра, составен од 380 делови и спроведен во „отворена постапка“. Отворена постапка спровеле и Здравствен дом Скопје, Здравствен дом Гостивар и Специјалниот завод Демир Капија. Универзитетската клиника за неврохирургија, пак, во согласност со помалата вредност на тендерот (17 илјади евра), ја спровела постапката – „барање за прибирање понуди“. Најмалиот по вредност тендер го спровела Психијатриска болница Негорци, и тоа во износ од 2.600 евра.

 

Купени количини на системи за инфузија*  

                             Договорен орган                                                           Количини Разлика на поединечната цена во однос на просекот
Општа болница Струга 35.000 -30.28%
Здравствен дом Скопје 16.000 -18.03%
Универзитетска клиника за неврохирургија 6.000 -16.74%
Здравствен дом Гостивар 15.000 -12.89%
Специјален завод Демир Капија 800 +23.86%
Психијатриска болница Негорци 1.000 +24.55%

*Количините се утврдени според тендерските документации

 

Како што може да се види од претходниот табеларен приказ, купените количини влијаеле врз цените. Општа болница Струга, чија цена за набавка на системите е најниска, ги купила најголемите количини, наспроти Психијатриска болница Негорци, која заедно со Специјалниот Завод Демир Капија, ги купила најмалите количини од овој потрошен медицински материјал.