Индекс на рационалност за зимски работни униформи

  • 02/2018

Цените по кои комуналните претпријатија ги купувале зимските работни униформи како дел од личната заштитна опрема (ХТЗ-опрема) се движат од 1.124 до 4.602 денари. Работните униформи набавени од претпријатијата вклучуваат панталони со прерамки и палто во состав полиестер и памук од 60-80%:40-20%. Исклучок е само ЈП Комуналец – Битола, каде што е побарано 100% полиестер. Соодносот на најниската и највисоката цена за набавка на работните униформи изнесува дури 1:4,09, што значи дека највисоката цена, што ја плаќа Јавното претпријатие за комунална дејност „Маврово“, е за трипати (309%) повисока од цената што ја плаќа претпријатието „Нискоградба“ Битола. Вака големите разлики се нелогични ако се земе предвид дека изгледот на униформите и составот на материјалот (соодносот на памукот и синтетиката) е речиси идентичен. Разликата може да се идентификува само во барањето на Комуналното претпријатие „Маврово“ работните униформи да бидат од материјал што е водоотпорен. Но, од друга страна, пак, КЈП „Нискоградба“ од Битола барало зимската работна униформа да биде фатирана во согласност со следните стандарди MKC EN 342:2007, MKC EN 342:2007/АС:2012, MKC EN ISO 13 688:2014 или еквивалентен на нив. Значајно е да се нагласи и дека Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ од Куманово униформите ги купило со заштитна капа. Сепак, вака констатираните разлики во техничките спецификации не можат да бидат основа за олку големите разлики во цените. Воедно, сите претпријатија спровеле и соодветни тендерски постапки применувајќи го критериумот за избор ‘најниска цена’. Во тендерот каде што е постигната највисоката цена, сепак, евидентирано е отсуство на конкуренција, односно добиена е само една понуда, за разлика од другите тендери во коишто бројот на понудувачи се движел од два до четири. Овој индекс дури и ја негира основната економска логика дека цените треба да се намалуваат пропорционално со купените количини. Анализата на цените наспороти купените количини на зимски работни униформи покажува дека комуналното претпријатие кое купило најмал број на униформи (КЈП Нискоградба Битола) ја добило и најниската цена за зимските униформи.

Исто како и во изработката на индексот за летните работни униформи, и во овој индекс првично беа вклучени 15 комунални претпријатија кои во периодот јануари 2016-мај 2017 година објавиле оглас за јавна набавка на ХТЗ опрема, вкучувајќи и работни униформи. По анализа на тендерските документации и добиените податоци од претпријатијата, индексот на рационалност за зимски работни униформи е изготвен со вклучување на 8 комунални претпријатија. Како што може да се забележи од индексот, постојат големи разлики меѓу цените меѓу јавните претпријатија во набавката на овој производ. Просечната цена за набавка на зимски работни униформи изнесува 2.373 денари. Притоа, четири договорни органи за униформите плаќаат цена пониска од просечната, а четири склучиле договори со цени повисоки од просечно постигнатата. Најниската цена е за 111,12% пониска од просечно постигнатата, а највисоката цена е за 48,44% повисока од просечната.

Големите разлики во цената не можат да се објаснат со спроведените постапки за јавни набавки. За сите тендери биле објавени огласи за јавни набавки, што значи дека се спровеле транспарентни постапки. Притоа, во сите тендери како критериум за избор на најповолна понуда се користела најниската цена, а на крајот, освен во постапката на ЈПКД Маврово, кај сите е спроведена и електронска аукција за намалување на цените од понудувачите. Само во тендерот на мавровското комунално претпријатие била добиена една понуда, додека кај останатите тендери се јавиле од две до четири фирми, по што следувала е-аукција. Тендерот на комунално претпријатие од Маврово се разликува и по тоа што целата ХТЗ опрема е купена во еден дел, додека кај другите претпријатија набавките се деливи, со тоа што облеката е одвоена од обувките и од другите делови од заштитната опрема за работниците.

Сите претходно констатирани разлики во постапките за јавни набавки не се доволни да ги објаснат разликите во цените. Такво нешто не е можно ниту преку споредба на купените количини.

 

Купени количини на зимски работни униформи*  

                    Договорен орган                                                                             Број                    на униформи Разлика на поединечната цена во однос на просекот
КЈП Нискоградба Битола 20 -111.12%
ЈП Комуналец - Битола 250 -84.38%
ЈП Комуналец – Неготино 25 -43.64%
ЈП Коминалец Пехчево 20 -13.98%
ЈП Плаваја Радовиш 110 +9.46%
ЈП Чистота и зеленило Куманово 170 +11.65%
ЈП Комуналец Гостивар 100 +18.90%
ЈПКД Маврово-Маврови Анови 70 +48.44%

 *Количините се утврдени во согласност со тендерските документации 

 

Како што може да се види од табеларниот приказ, комуналното претпријатие кое купило најмал број на униформи (КЈП Нискоградба Битола) ја добило и најниската цена за зимските униформи. Со овој податок станува повеќе од очигледно дека купените количини немале влијание врз цената на униформите.