Индекс на рационалност за одржување хигиена во внатрешни работни површини

  • 02/2018

Цената што се плаќа за одржување хигиена во внатрешните работни простори во државните институции се движи од 30 до 103 денари за еден метар квадратен месечно. Соодносот на најниската и највисоката цена изнесува дури 1:3,43, што значи дека највисоката цена, што за одржување хигиена ја плаќа Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, е за 243% повисока од цената што за истата услуга ја плаќа Државниот испитен центар. Притоа, највисоките цени ги плаќаат токму институциите кои имаат и најголеми договори. Договорот на Јавното претпријатие за државни патишта е за период од 2 години и изнесува 5.777.280 денари (94 илјади евра), а на Дирекција за технолошки индустриски развојни зони е во времетраење од 1 година и изнесува 2.949.764 денари (48 илјади евра). Сите набавки на оваа услуга се спроведени преку јавно огласени постапки со критериум за избор – најниска цена. Она што е забележливо е дека во тендерите каде што се постигнати цени пониски од просечната конкуренцијата била повисока, наспроти тендерите каде што цената за одржување на хигиена е повисока.

Во изработката на индексот на рационалност за одржување хигиена се вклучени сите договорни органи кои за овој вид набавка објавиле оглас во период јануари 2016 година до јуни 2017 година. Преку Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН) беа евидентирани 10 договорни органи што објавиле оглас за овој вид набавка. Сепак, за да се обезбеди споредливост на податоците, од индексот се исклучени Центарот за социјални работи Ресен, Дом за стари лица „Сју Рајдер“ Битола, Универзитетска клиника за државна кардиохирургија и НУ Македонскиот народен театар Скопје, бидејќи беа констатирани одредени разлики во спецификациите кои ќе ги ставеа договорните органи во нерамноправна положба. Во насока на обезбедување на споредливост на податоците, во цената што за одржување хигиена во внатрешни работни површини ја плаќа Дирекција за технолошки индустриски развојни зони исклучен е трошокот што произлегува од користење на услугите за ангажирање на извршители во кујна. Во однос, пак, на Јавното претпријатие за државни патишта, пресметката е направена со исклучување на дел од надворешни површини.

Како што може да се забележи од индексот, постојат големи разлики меѓу државните институции во набавката на оваа услуга. Најниската цена е за 213,33% пониска од просечно постигнатата, а највисоката цена е за 37,86% повисока од просечната. Притоа, три договорни органи за услугата плаќаат цена што е пониска од просечната, а три склучиле договори со цени повисоки од просечно постигнатата од страна на вклучените институции.

Големите разлики во цената не можат да се објаснат со спроведените постапки за јавни набавки. Имено, сите договорни органи спровеле постапки за јавни набавки соодветни на вредноста. Па така, Државниот испитен центар и Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување спровеле постапка со барање за прибирање понуди до 5.000 евра. АД за приредување на игри на среќа Државна лотарија на Македонија и Државна комисија за спречување корупција спровеле постапка со барање за прибирање на понуди над 5.000 евра. Додека, пак, Јавното претпријатие за државни патишта и Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони спровеле отворени постапки. Разликите се воочени во бројот на добиени понуди. Притоа, во постапката каде што е постигната најниска цена (Државен испитен центар) биле добиени 7 понуди, наспроти постапката каде што е добиена највисоката цена (Дирекција за технолошки индустриски развојни зони), каде што биле добиени најмал број на понуди, односно само 2. Оттука, со право може да се оцени дека и овој индекс на рационалност го потврдува значењето на конкуренцијата.

Она што зачудува во овој индекс на рационалност е што разликите во цените целосно ја негираат економската логика дека цената треба да е обратно пропорционална со, во овој случај, големината на површината за чистење, односно вредноста на набавката.

 

Големина на работните површини опфатена со договорите*  

                    Договорен орган                                                           Површини за чистење во м2 Разлика на поединечната цена во однос на просекот
Државен испитен центар 980 -213.33%
АД за приредување на игри на среќа Државна лотарија на Македонија  650 -33.33%
Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување 400 -25.49%
Државна комисија за спречување корупција 684 +7.25%
Јавно претпријатие за државни патишта 3.344 +20.99%
Дирекција за технолошки индустриски развојни зони 1.721 +37.86%

*Површините се утврдени според тендерските документации

 Како што може да се види од табеларниот приказ, токму институциите што имаат најголеми површини за одржување (ЈП за државни патишта и ДТИРЗ) имаат набавки со цени што се повисоки од просечно постигнатата цена. Од друга страна, токму институцијата со најмала површина има цена што е пониска од просечно постигнатата (Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување).