Индекс на рационалност за летни работни униформи

  • 02/2018

Летните работни униформи, како дел од личната заштитна опрема (ХТЗ-опрема), од страна на комуналните претпријатија се купувани по цени кои се движат од 424 до 2.773 денари. Работните униформи вклучуваат панталони со прерамки и палто во состав полиестер и памук од 65-67%:33-35%. Од вклучените комунални претпријатија, единствено Комуналец Струмица барало доминација на полиестерот.

Соодносот меѓу најниската и највисоката цена во набавката на летни работни униформи изнесува дури 1:6,54, што значи дека највисоката цена, што ја платило јавното претпријатие „Маврово“ од Маврови Анови, е за пет и пол пати (554%) повисока од цената што за летни работни униформи ја платило „Комуналец“ Струмица. Значајните разлики во цените не можат се објаснат со констатираните разлики во техничките спецификации на униформите, ниту со применетите постапки за јавни набавки. Високите разлики во цените и во овој индекс не можат да се објаснат ниту со купените количини.

Во изработката на индексот беа вклучени 15 комунални претпријатија кои во периодот јануари 2016-мај 2017 година објавиле оглас за јавна набавка на ХТЗ опрема, вкучувајќи и работни униформи. Притоа, јавното претпријатие „Комуналец“ од Кавадарци не ги достави побараните податоци, и покрај решението на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер. Побараните податоци во овој индекс не ги достави ни ЈП Комуналец Прилеп со образложение дека иако има склучено договор за набавка на летни работни униформи, до моментот на доставеното барање за информации за тој договор не е извршена нарачка на униформите. Други две, пак, комунални претпријатија извршиле набавки на „комбинирани работни униформи“, односно униформи што ќе се користат и во лето и во зима. Станува збор за јавното претпријатие за комунална дејност „Брегалница“ Делчево и јавното претпријатие „Комунално“ Струга. Цената на униформите кај комуналното претпријатие од Делчево изнесува 2.254 денари и договорот предвидува набавка на 150 униформи. Комунално Струга, пак, склучило договор за набавка на 40 униформи по цена што е рекордно висока и изнесува 5.062 денари.

Имајќи ги предвид сите претходно изнесени податоци, индексот на рационалност за летни работни униформи е изработена за 10 претпријатија. Како што може да се забележи од индексот, постојат исклучително големи разлики меѓу јавните претпријатија во набавката на овој производ. Притоа, пет договорни органи за униформите плаќаат цена што е пониска од просечната која изнесува 1.480 денари, а пет склучиле договори со цени повисоки од просечно постигнатата. Најниската цена е за 249,06% пониска од просечно постигнатата, а највисоката цена е за 46,63% повисока од просечната.

Големите разлики во цената не можат да се објаснат со спроведените постапки за јавни набавки. За сите тендери биле објавени огласи за јавни набавки, што значи дека се спровеле транспарентни постапки. Притоа, во сите тендери како критериум за избор на најповолна понуда се користела најниската цена. Единствената значајна разлика меѓу двете институции што ја плаќаат најниската и највисоката цена за набавка на работна облека е во (не)одржувањето електронски аукции (е-аукции) за намалување на цените.

Притоа, во тендерот спроведен од Комуналец Струмица, којшто бил делив на два дела (работна облека и работни обувки), во делот за работната облека учествувале 3 фирми и била одржана е-аукција. Од друга страна, на тендерот спроведен од страна на комунално претпријатие Маврово била добиена една понуда и поднесувањето на конечната цена завршило без да биде понудена нова намалена цена.

 

Купени количини на летни работни униформи*  

                    Договорен орган                                                                             Број                    на униформи Разлика на поединечната цена во однос на просекот
ЈПКД Комуналец Струмица 230 -249.06%
КЈП Нискоградба Битола 100 -84.31%
ЈП Комуналец – Неготино 85 -39.31%
ЈП Комуналец - Битола 250 -27.81%
ЈКП Сопиште – Сопиште 12 -8.11%
ЈП Коминалец Пехчево 20 +0.47%
ЈКП Никола Карев Пробиштип 65 +15.91%
ЈП Комуналец Гостивар 100 +22.59%
ЈП Плаваја Радовиш 110 +27.84%
ЈПКД Маврово-Маврови Анови 70 +46.63%

 *Количините се утврдени во согласност со тендерските документации 

 

Како што може да се види од претходната табела, најниската цена за набавка на униформите е постигната од страна на комунално претпријатие (ЈПКД Комуналец Струмица) кое ги набавило најголемите количини. Но, директната поврзаност на цените и количините ја побиваат другите договорни органи. Имено, најмалите количини ги има купено комуналното претпријатие од Сопиште, чии цени се сепак во групата на пониски од просечните.