Индекс на рационалност за зимско одржување на улици и патишта

  • 03/2011

Во изработката на индексот на рационалност за зимското одржување на улици и патишта се вклучени сите договорни органи што во 2010 година спровеле ваков вид на набавка. Овде треба да се има предвид дека оваа услуга ја бараат општините што немаат основано јавни претпријатија кои се задолжени за одржување на улиците и патиштата, вклучувајќи го и нивното чистење во зимски услови. Исто така, овој вид на набавка го спроведуваат и дел од самите јавни претпријатија поради немање доволно сопствена механизација за чистење на улиците од снег и подмразица. Поради различните методологии кои ги применуваа општините за плаќање на овој вид на услуга, во изработката на индексот се користеше најчесто применуваниот‌‌ параметар – цена за ефективен час зимско одржување на улици и патишта. Оттука, во самиот индекс за рационалност се вклучени 16 договорни органи. Кај останатите договорни органи, кои трошоците за зимско одржување ги пресметуваат според други методологии, во рамките на овој извештај се објавени одделните цени што ќе ги плаќаат за овој вид услуга и вкупната вредност на склучените договори.

Просечно постигната цена за ефективен час зимско одржување на улици и патишта во индексот за рационалност изнесува 3.435 денари. Девет договорни органи имаат пониска цена од просечната, а седум повисока од просечната. 

Соодносот меѓу најниската и највисоката цена за оваа услуга изнесува 1 : 2,5. Дел од разликите во цените за зимско одржување на улици и патишта може да се должат на големината на самата набавка, како и на видот, квалитетот и ефикасноста на механизацијата што фирмите ја користат во реализацијата на договорите, но големата разлика меѓу најниската и највисоката цена отвора простор за преиспитување на рационалноста во трошењето на јавните парите за овој вид на услуга. Постои можност разликите во цените меѓу договорните органи да се и уште поголеми имајќи предвид дека институциите користат дури четири сосема различни методи за пресметка на цената на чинење на овој вид на услуга, поради што и не беше возможно вклучување во индексот на сите институции кои имале ваква набавка. Нивните цени се дадени во одделни пресметки во рамките на оваа анализа.