Индекс на рационалност за масло за горење-екстра лесно ЕЛ-1

  • 03/2017

Третина од институциите вклучени во овој индекс маслото за горење-екстра лесно ЕЛ-1 го плаќаат по највисоките малопродажни цени, утврдени од Регулаторната комисија за енергетика, без ниту еден денар попуст иако купувале големи количини, и тоа од 2.000 до 90.000 литри.

Според наодите од овој индекс, институциите добивале попуст од 0,05 денари до 2,30 денари за еден литар масло за горење екстра лесно. Просечниот попуст што го добиле институциите изнесува само 54 дени за еден литар. Олку малите попусти, како и целосното отсуство на намалување на цените кај значаен дел од тендерите се исклучително неповолни ако се има предвид дека институциите имале трошоци за спроведување на постапките за јавна набавка, и тоа трошоци за задолжително објавување на оглас на ЕСЈН, a во случај на поголемите набавки и во Службен весник, трошоци за плаќање на стручните лица за добивање согласност од Советот за јавни набавки и трошоци што произлегуваат од користењето на човечките и материјални ресурси за спроведување на тендерите.

Вака добиените сознанија покажуваат влошување на состојбите ако се направи споредба со наодите од индексите за рационалност изработени за истиот производ во 2011 и 2012 година. Имено, Индексот на рационалност за масло за горење-екстра лесно ЕЛ-1во 2012 година покажува дека просечниот попуст што го добиле институциите изнесувал 3,16 денари, што е значително над сегашниот попуст од само 0,54 денари. Во 2011 година индексот е изработен врз основа на процентот на добиените попусти на највисоките малопродажни цени утврдени од Регулаторната комисија за енергетика. За да се обезбеди споредливост, ако износот на попустите се пресмета како процент од највисоката малопродажна цена, тогаш произлегува дека попустите значително се намалиле, и тоа од 11% од највисоките малопродажни цени во 2011 година, преку 5% во 2012 година, на само 2,8% сега во 2016 година. 

Во изработката на овој индекс беа вклучени сите договорни органи коишто објавиле оглас за јавна набавка на масло за горење-екстра лесно ЕЛ-1 во јануари 2016 година. Во изработката на индексот беа вклучени 24 договорни органи, но по обработката на добиената документација, сепак индексот е изработен за 21 институција, бидејќи тендерот за набавка на овој производ спроведен од Казнено-поправниот дом Штип беше поништен, додека, пак, Државниот архив на РМ и Спортски центар „Борис Трајковски“-Скопје беа исклучени поради несовпаѓање на податоците што беа доставени од овие институции по барањата за пристап до информации од јавен карактер и податоците што ги имаа доставено до Електронскиот систем за јавни набавки.

Како што може да се види од табеларниот приказ на индексот, само 6 договорни органи добиле попуст во однос на највисоките малопродажни цени, којшто е поголем од просекот постигнат од сите институции (54 дени), додека, пак, 7 договорни органи добиле попуст понизок од просечниот, а 8 договорни органи воопшто не добиле попуст.

Анализата на документацијата за спроведените тендери покажува дека сите институции спровеле постапка за јавна набавка со објавување оглас со постапки пропишани со Законот за јавни набавки (барање за прибирање понуди, ако вредноста на набавката е до 20.000 евра, и отворена постапка, ако е вредноста на набавката над тој праг). Во сите постапки критериум за избор е ’најниска цена‘ и во сите била планирана електронска аукција. Сепак, со оглед на отсуството на конкуренција, е-аукција била спроведена во 13 постапки, а во 8, каде што била добиена по само една понуда, немало услови за електронско намалување на цените. Притоа, она што е апсурдно е дека е-аукции, односно можност за намалување на првично дадените цени имало дури и во оние тендери каде што не е добиен никаков попуст во однос на максималните малопродажни цени определени од Регулаторната комисија за енергетика, а тоа се Општина Студеничани и Средно училиште „Неготино“-Неготино. Но, кај сите други тендери во кои не е добиен попуст всушност и немало конкуренција, а тоа се тендерите на Основно училиште „Јонче Смугрески“ – Кривогаштани, Средно училиште „Шаип Јусуф“ Скопје, ЈП Билјанини извори – Охрид, ЈП ХС Злетовица Пробиштип, Средно училиште „Гостивар“ – Гостивар и Основно училиште „Гоце Делчев“ – Илинден. 

 

Количини на купено масло за горење - екстра лесно ЕЛ-1

                         Договорен орган                                      Количини во литри Отстапување од просечната цена 
 Управа за хидрометеоролошки работи 35.000 +1,76
Основно училиште „Рајко Жинзифов“ - Скопје    66.000 +1,73
Детска градинка „Брешиа“ - Дебар 25.000 +1,71
Детска градинка „Планински цвет“ Вевчани  6.000 +1,20
Основно училиште „Страшо Пинџур“ Вевчани 12.000 +0,09
Детска градинка „Фемо Кулаков“ Неготино 48.000 +0,06
ДСУ „Митко Пенџуклиски“ - Кратово  35.000 -0,17
ОУ „Кочо Рацин“ Кратово  52.000 -0,26
АД Македонска пошта 75.000 -0,26
Општина Росоман 20.000 -0,26
ЈЗУ Здравствен дом Кавадарци 11.000 -0,32
Природно-математички факултет, Универзитет Св. Кирил и Методиј  6.000 -0,48
Општина Боговиње 10.000 -0,49
ОУ „Јонче Смугрески“ - Кривогаштани  23.000 -0,54
Средно училиште „Шаип Јусуф“ Скопје 10.000 -0,54
ЈП Билјанини извори - Охрид 2.000 -0,54
Општина Студеничани 85.000 -0,54
ЈП ХС Злетовица Пробиштип 4.000 -0,54
Средно училиште „Гостивар“ - Гостивар 90.000 -0,54
Срено училиште „Неготино“ - Неготино 26.483 -0,54
ОУ „Гоце Делчев“ - Илинден 25.000 -0,54

 

Отсуството на влијание на купените количини врз постигнатите цени е евидентно и во овој индекс на рационалност. Имено, токму договорните органи коишто ги имаат купено најголемите количини (Средно училиште „Гостивар“ – 90.000 литри и Општина Студеничани – 85.000 литри) всушност спаѓаат во групата на набавувачи која маслото за горење ќе го плаќа по највисоките малопродажни цени.

Сумарно гледано, институциите вклучени во изработката на овој индекс во 2016 година, во согласност со склучените договори, ќе купат 666.483 литри масло за горење. Притоа, 401.000 литри од нафтениот дериват ќе се купат со мали попусти во однос на највисоките малопродажни цени, и тоа од 0,05 до 2,30 денари за литар, додека, пак, количини од 265.483 литри ќе се купат по највисоките пазарни цени.