Индекс на рационалност за електрична енергија

  • 05/2017

Цената по којашто државните претпријатија и институции ја купуваат електричната енергија се движи од 2,74 до 5,89 денари за 1 киловат час (KWh). Соодносот на најниската и највисоката цена изнесува 1:2,15, што значи дека ЈП Македонски железници Инфраструктура електричната енергија ја купува по цена што е за 115% повисока од цената на јавното комунално претпријатие Дервен од Велес.

Индекс на рационалност за електрична енергија се изработува по вторпат во изминатите 3 години, со цел да се утврдат ефектите од либерализацијата на пазарот на електрична енергија. Првиот индекс беше изработен во 2014 година, по отпочнувањето на втората фаза од либерализацијата на пазарот на електрична енергија (април 2014 - април 2016 година), од кога како купувачи на слободниот пазар се јавуваат и државните претпријатија (оние коишто имаат повеќе од 50 вработени и обрт од повеќе од 10 милиони евра). Од 1 јули 2016 година започна третата фаза од процесот на либерализацијата на пазарот на електрична енергија, со што право на набавка на струја на слободниот пазар добиваат вкупно 158 фирми и државни институции коишто претходната година имале вкупна потрошувачка од над 1.000 мегават-часови електрична енергија. Либерализацијата треба да заврши во 2020 година со либерализација на пазарот и за домаќинствата. Во пресрет на оваа трета фаза, во изработката на овој индекс на рационалност се вклучени 12 договорни органи коишто за овој вид набавка објавиле оглас во периодот јануари 2016  – јуни 2016 година.Сепак, индексот е изработен од цените за набавка на електрична енергија од 11 договорни органи, бидејќи ЈКП Водовод Битола не достави цена или договор, туку само фактура за месец октомври 2016 година. Индексот на рационалност изработен за електричната енергија што договорните органи ја купуваат во 2016 година покажува пад на цените во однос на 2014 година. Просечната цена што институциите ја плаќаат сега за набавка на струја изнесува 3,23 за 1KWh електрична енергија, што е 28,70% помалку од просечната цена што државните претпријатија ја плаќаа во 2014 година и којашто изнесуваше 4,53 денари за 1 KWh. Подетални податоци за претходните индекси има на веб страницата opendata.mk.

Во изработка на индексот на рационалност за електрична енергија се вклучени 12 договорни органи коишто за овој вид набавка објавиле оглас во периодот јануари 2016 – јуни 2016 година.Сепак, индексот е изработен од цените за набавка на електрична енергија од 11 договорни органи, бидејќи ЈКП Водовод Битола не достави цена или договор, туку само фактура за месец октомври 2016 година.

Сите институции ги спровеле тендерите за да обезбедат електрична енергија за задоволување на потребите во период од 12 месеци, со исклучок на Казнено-поправната установа Идризово, за период од 6 месеци, и Собрание на РМ, за 24 месеци.

 

Како што може да се види од табеларниот приказ на индексот на рационалност за електрична енергија, девет институции ја плаќаат струјата под просечно постигнатата цена, и тоа од 1,57% до 17,88%, додека две ја плаќаат по повисоки цени од просечната, и тоа за 1,52% односно 45,16%.

Олку големите разлики во цените не можат да се објаснат со применетите постапки за јавни набавки. Имено, сите институции спровеле т.н. отворена постапка за доделување договор, во која била планирана електронска аукција,и сите, без исклучок, како критериум за избор на најповолен понудувач ја користеле најниската цена. Разликите се јавуваат во однос на бројот на понудувачи. Имено, во двете постапки каде што се постигнати највисоките цени имало по само 2 понуди, но со оглед на тоа што станува збор за електронски водени постапки, од известувањата за спроведените електронски аукции на ЕСЈН не може да се види дали и двата понудувачи учествувале на негативното наддавање на цените или, пак, во текот на евалуацијата само една понуда била оценета како прифатлива. Постигнатите цени за набавка на електрична енергија не можат да се доведат во корелација ни со купените количини.

 

Планирани количини за набавка на струја

                 Договорен орган                                                               Количини на електрична          енергија во kw/h  Разлика на поединечната цена во однос на просекот
ЈКП Дервен Велес 1.150.000 -17.88%
Македонска Радио-телевизија 3.045.000 -16.19% 
Спортски центар „Борис Трајковски“ 3.000.000 -15.36%
ЈП Комунална хигиена Скопје 590.500 -14.13%
Казнено-поправна установа Идризово 1.613.500 -9.86%
Јавно соовраќајно претпријатие (ЈСП) Скопје 1.500.000 -8.75%
Водовод и канализација Скопје 18.158.734 -6.25%
Македонски шуми 980.000 -3.86%
ЈП Водовод Куманово 3.248.000 -1.57%
Собрание на РМ 4.014.000 +1.52%
ЈП Македоонски железници Инфраструктура 7.690.126 +45.16%

 

За отсуството на влијанието на количините на купената електрична енергија врз цените најдобро говорат податоците дека ЈП Комунална хигиена Скопје, којашто ги има купено најмалите количини, спаѓа во групата на институции со пониски цени од просечните, додека, пак, ЈП Македонски железници Инфраструктура, којашто ја има убедливо највисоката цена, е на второ место според купените количини од 7.690126 kw/h, зад Водовод и канализација Скопје, којшто има купено 18.158.734 kw/h.