Индекс на рационалност за пилешки стек

  • 07/2015

Цената која институциите ја плаќаат за набавка на еден килограм пилешки стек се движи од 172 до 315 денари. Соодносот меѓу најниската и највисоката цена изнесува 1:1,83 што значи дека детската градинка „Распеана младост“ од Карпош пилешкиот стек го купила по цена која е за 83% повисока од онаа што ја платил Државен ученички дом „Мирка Гинова“- Битола.

Највисоките цени на пилешкиот стек се добиени во тендерите каде што се јавил само по еден понудувач.

Во изработката на овој индекс првично беа вклучени десет договорни органи, кои објавиле оглас за ваков вид набавка од јануари до април 2015 година.

Сепак, индексот е изработен врз основа на цените на осум договорни органи бидејќи државниот училиштен дом „Здравко Цветковски“ од Скопје информираше дека во набавката на месо не бил предвиден пилешки стек, додека, пак, државниот ученички дом „Крсте П. Мисирков“ – Кавадарци не ги достави побараните информации.

Како што може да се види од табеларниот приказ на индексот на рационалност, просечната цена за еден килограм пилешки стек изнесува 244 денари, што е на рангот на некои цени од малопродажбата. Тоа е сосема нелогично ако се имаат предвид купените количини, како и помалите трошоци што фирмите ги имаат од продажбата на големо. Притоа, четири договорни органи пилешкото месо го купувале по цени кои се пониски од просечно постигната, и тоа од 4,72% до 41,86%, додека, пак, четири договорни органи платиле повисоки цени од просечната од 5,43% до 22,54%.

Разликите во цените не можат да се оправдаат со примените постапки, ниту, пак, со купените количини. Имено, сите институции вклучени во индексот на рационалност пилешкиот стек го купувале како дел од тендери за набавка на месо. Три договорни органи користеле отворени постапки, што значи дека тендерите им биле со поголема вредност, и тоа се Државен ученички дом „Мирка Гинова“ – Битола, Служба за општи и заеднички работи на Владата и Детска градинка „Мајски Цвет“ од Карпош – Скопје. Сите останати институции пилешкото месо го купувале користејќи ја постапката – барање за прибирање понуди. Критериум за избор на најповолната понуда во сите постапки е „најниската цена“. Сепак, иако условите биле исти, разликите се јавиле во текот на спроведување на постапките. Имено, за разлика од тендерот спроведен од страна на Државен ученички дом „Мирка Гинова“ – Битола, каде што имало пет понудувачи и оттука е спроведена е-аукција за намалување на цените, во сите детски градинки од Карпош кои се на листата со највисоки цени имало по еден понудувач и немало услови за спроведување на е-аукција. Ова е несомнено уште еден доказ за негативните ефекти од планирањето на е-аукција во услови на отсуство на конкуренцијата.

Разликите во цените секако не можат да се доведат ниту во директна врска со купените количини. Како што може да се види од табеларниот приказ на количините, произлегува дека Службата за општи и заеднички работи на Владата, која ја купила најголемата количина месо, има натпросечно висока цена. Воедно, во прилог на отсуството на влијанието на количините врз цените говори и податокот дека Државно средно училиште „Искра“ – Штип и Детската градинка „Распеана младост“ Карпош – Скопје кои купиле иста количина од пилешкото месо има разлика во цената од 35%.

Количина на купен пилешки стек

Договорен орган Купени количини во килограми Отстапување од просечната цена
Државен ученички дом „Мирка Гинова Битола“ 1500 -41,86%
Општински ученички дом „Бранко Станоевиќ“ – Гостивар 310 -22,50%
Државен студентски дом „Браќа Миладиновци“ – Штип 500 -8,44%
Државно средно училиште „Искра“ – Штип 150 +4,72%
Служба за општи и заеднички работи на Владата 2000 +5,43%
Детска градинка „Орце Николов“ Карпош – Скопје 300 +6,15%
Детска градинка „Мајски цвет“ Карпош – Скопје 300 +15,86%
Детска градинка „Распеана младост“ Карпош – Скопје 150 +22,54%