Индекс на рационалност за електрична енергија

  • 08/2014

Во пресрет на законската можност од 1 април 2014 година електричната енергија да ја набавуваат на слободниот пазар, дел од државните институции, уште во јануари годинава, почнаа да ги објавуваат огласите за јавна набавка на струја. Право да ја купуваат електричната енергија на слободниот пазар од 1 април годинава добија над дваесетина јавни претпријатија, односно оние кои имаат повеќе од 50 вработени и обрт од повеќе од 10 милиони евра. Со оглед на тоа дека државните институции на национално и на локално ниво првпат добија можност за набавка на струја преку постапки за јавни набавки, претставуваше предизвик да се изработи и индекс на рационалност за електрична енергија. Целта е да се согледаат првите ефекти од либерализацијата на трговијата со струја. Како што може да се види од табелата, постојат значајни разлики во цените за набавка на струја. Притоа, тие се движат од 3,46 денари до 6,25 денари за 1 киловат час (KWh) електрична енергија. Соодносот на најниската и највисоката цена изнесува 1:1,81, што значи дека ЈП Македонски железници Инфраструктура струјата ја купува по цена која е за дури 81% повисока од онаа која ја договорило ЈП Македонска радиодифузија.

Во изработката на овој индекс беа вклучени сите 16 договорни органи кои во првите четири месеци од 2014 година објавиле оглас за набавка на електрична енергија. Сепак, индексот е изработен од цените за набавка на електрична енергија од 11 договорни органи, бидејќи ЈП Македонски шуми, ЈП Македонија пат и ЈП Водовод Куманово ги поништија тендерите, а ЈП Македонски железници Транспорт и ЈКП Тетово не одговорија на доставените барања за информации. Сите институции ги спровеле тендерите со цел да обезбедат електрична енергија за задоволување на потребите во период од 12 месеци. Како што може да се види од табеларниот приказ на индексот на рационалност за електрична енергија, просечната цена што институциите ја плаќаат за струја изнесува 4,53 денари за KWh електрична енергија. Притоа, осум институции струјата ја плаќаат под просечно постигната цена, додека три од нив ја плаќаат по повисоки од просечната цена.  Олку големите разлики во цените не можат да се објаснат со применетите постапки за јавни набавки, но разликите се јавуваат во однос на бројот на понудувачите и можноста тендерот да заврши со електронска аукција, како што било планирано. Имено, сите институции спровеле т.н. отворена постапка за доделување договор, во која била планирана електронска аукција, и сите без исклучок како критериум за избор на најповолен понудувач ја користеле најниската цена. Но, и покрај тоа што спровеле ист вид постапка, разликите се јавуваат во однос на бројот на понудувачите и можноста да се одржи е-аукција како модел за негативно наддавање. Притоа, во тендерите на ЈП Македонска радиодифузија, ЈП Водовод и канализација Скопје и АД за стопанисување со деловен простор во државна сопственост – Скопје, кои и ги добиле најниските цени за набавка на струја, понуди доставиле по 4 добавувачи и биле одржани електронски аукции. Додека, пак, кај трите институции (ЈП Комунална хигиена Скопје, ЈП Стрежево Битола и ЈП Македонски железници Инфраструктура) кои струјата ќе ја купуваат по највисоки цени, само по еден понудувач бил оценет како прифатлив и не се спроведувале е-аукции. Во тендерот спроведен од страна на ЈП Македонски железници Инфраструктура, единствениот прифатлив понудувач, кога ја доставувал конечната цена, одбил да ја намали 9 првично понудената цена. Притоа, значајно е да се нагласи дека во тендерските услови поставени од страна на ЈП Македонски железници Инфраструктура, од понудувачите се бараше да докажат дека не работат со загуба во последните три години. Можеби овој услов се јавил како ограничувачки за фирмите кои имаат лиценци за вршење на енергетска дејност, трговија со електрична енергија или снабдување со електрична енергија. Постигнатите цени за набавка на електрична енергија не можат да се доведат во корелација со купените количини.

Планирани количини за набавка на струја

Договорен орган Количини на ел.енергија во kw/h1
ЈП Македонска радиодифузија 10.000.000
ЈП Водовод и канализација Скопје 43.000.000
АД за стопанисување со деловен простор во државна сопственост – Скопје 204.060
ЈКП Дервен Велес 1.300.000
КЈП Водовод Кочани 5.000.000
ЈКП Водовод Битола 3.000.000
ЈПКД Комуналец Струмица 1.500
Јавно сообраќајно претпријатие (ЈСП) Скопје 1.430.000
ЈП Комунална хигиена Скопје 1.5000.000
ЈП Стрежево Битола 383.280
ЈП за железничка инфраструктура МЖ Скопје 9.300.000

Како што може да се види од табеларниот приказ, двете институции (ЈП Македонска радиодифузија и ЈП за железничка инфраструктура МЖ Скопје), кои за струјата плаќаат најниска и највисока цена купиле приближно еднакви количини. Воедно, ЈПКД Комуналец Струмица, кој ги купил најмалите количини на електрична енергија, постигнал цена што е малку пониска од просечната. Оттука, станува повеќе од очигледно дека купените количини на електрична енергија немале речиси никакво влијание врз постигнатите цени.