Индекс на рационалност за одржување на хигиeна во внатрешни работни површини

  • 11/2012

Цената која се плаќа за одржување на хигиена во внатрешните работни простори во државните институции се движи од 24 до 66 денари за еден метар квадратен месечно. Соодносот на најниската и највисоката цена изнесува дури 1:2,75 што значи дека највисоката цена која за одржување на хигиена ја плаќа Државна лотарија на Македонија е за 175% повисока од цената која за истата услуга ја плаќа Советот за радиодифузија на РМ. Разликите во цените не можат да се објаснат со применетите постапки за јавни набавки, со користениот критериум за избор на најповолна понуда, ниту пак со големината на работните простории. Ревизиското тело за ревизија на инструментот за претпристапна помош кое има најмали работни површини од анализираните институции, постигнало цена која е пониска од просечно постигнатата, додека пак институцијата со најголеми работни површини Служба за општи и заеднички работи на Владата на РМ за услугата плаќа цена која е повисока од просечно постигнатата.  

Во изработката на индексот на рационалност за одржување на хигиена се вклучени сите договорни органи кои за овој вид набавка објавиле оглас во првите шест месеци 2012 година. Преку Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН) беа евидентирани 14 договорни органи што објавиле оглас за овој вид набавка. Сепак, во индексот се вклучени 9 договорни органи бидејќи Училишниот дом Здравко Цветковски-Скопје не одговори на доставеното барање, од Агенција за вработување информираа дека постапката за оваа јавна набавка им е поништена, но притоа не објаснија како тековно ја одржуваат хигиената во нивните простории, ниту колку тоа ги чини, додека пак Економскиот факултет-Прилеп, ЈП Македонска Радиотелевизија и Агенцијата за регулирање на железничкиот сектор доставија податоци со кои не можеше да се обезбеди споредливост со останатите институции. Оттука, индексот вклучува рангирање на 9 институции и е изработен врз основа на цената за одржување на хигиена по 1 м2 месечно со вклучен ДДВ. Како што може да се забележи од индексот, постојат големи разлики меѓу државните институции во набавката на оваа услуга. Најниската цена е за 51,02% пониска од просечно постигнатата, а највисоката цена е за 34,69% повисока од просечната. Притоа, четири договорни органи за услугата плаќаат цена која е пониска од просечната, а пет склучиле договори со цени повисоки од просечно постигнатата од страна на вклучените институции. Големите разлики во цената не можат да се објаснат со спроведените постапки за јавни набавки. Оваа констатација ја потврдуваат неколку факти. Прво, институциите кои плаќаат најниска и највисока цена, Советот за радиодифузија и Државна лотарија примениле постапка „барање за прибирање на понуди“ со објавување на оглас користејќи критериум за избор ‘најниска цена‘. Второ, сите институции спровеле транспарентна постапка за јавна набавка, односно не е евидентиран случај на примена на постапка со прибирање на понуди без објавување на оглас што беше можно до јули 2012 година, ниту пак постапките за преговарање со или без оглас. Трето, сите институции со исклучок на Фондот на пензиско и инвалидско осигурување на Македонија (ФПИОМ) примениле критериум за избор ‘најниска цена‘. Притоа е значајно да се нагласи дека ФПИОМ кој применил критериум за избор ‘економски најповолна понуда‘ каде цената се бодувала со 80, а квалитетот носел 20 бода, постигнал цена за услугата која е пониска од просечната. Четврто, во постапките за избор на 9 најповолна понуда на институциите кои имаат најниска и највисока цена е користена е-аукција, односно негативно наддавање на понудите цените. Оттука произлегува дека не постојат рационални објаснувања за констатираните разлики во цените. Разликите во цените не можат да се објаснат ниту со големината на работните површини што се одржуваат, односно со економската логика дека цената треба да е обратно пропорционална со, во овој случај, големината на површината за чистење. 

Големина на работните површини опфатена со договорите 

Договорен орган Површини за чистење во м2
Совет за радиодифузија на РМ 1.071 
Фонд на пензиско и инвалидско осигурување на Македонија 9.785 
Ревизиско тело за ревизија на инструментот за претпристапна помош 425
Дирекција за технолошки индустриски развојни зони 1.054 
Дирекција за заштита и спасување 2.896 
Служба за општи и заеднички работи на Владата на РМ  82.168
Агенција за катастар на недвижности-Скопје  2.600 
ЈЗУ Психијатриска болница Скопје 3.888 
АД за приредување на игри на среќа Државна лотарија на Македонија  3.888 

Како што може да се види од претходната табела Ревизиското тело за ревизија на инструментот за претпристапна помош, кое има најмали работни површини (425 м2) од анализираните институции, постигнало цена која е под просечната, додека пак институцијата со најголеми работни површини, Службата за општи и заеднички работи на Владата на РМ за услугата плаќа цена која е повисока од просечно постигнатата.