Индекс на рационалност на хартијата за фотокопирање

  • 07/2012

Соодносот на најниската и највисоката цена за набавка на хартија за фотокопирање изнесува 1:1,88 што значи дека највисоката цена од 293 денари која за набавка на еден топ хартијата ја плаќа Спортскиот центар „Борис Трајковски“ е повисока за 88% од најниската цена од 156 денари која за истиот производ ја плаќа Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Гледано во однос на пазарните цени произлегува дека дел од институциите користат исклучително скапа хартија за фотокопирање. Сепак, во споредба со индексот на рационалност на хартијата за фотокопирање изработен на почетокот од 2011 година се забележуваат минимални позитивни поместувања. Имено, ако тогаш просечната цена платена за овој производ од страна на институциите изнесуваше 211 денари сега таа е спуштена на 196 денари за топ хартија. Евидентирано е и мало намалување на разликата на најниската и највисоката цена и тоа за 12 процентни поени. Во 2011 година соодносот на најниската и највисоката цена изнесуваше 1: 2 додека, пак, сега изнесува 1:1,88.

 

За изработка на овој индекс на рационалност за хартија за печатење и фотокопирање, изборот на институции е направен врз основа на објавените огласи за набавка на канцелариски материјал во првиот квартал од 2012 година од страна на институции на национално нивно. Оттука барањата беа доставени до 15 договорни органи. Сепак индексот е изработен врз основа на цените на 11 институции бидејќи побараниот одговор не беше добиен од Управа за водење на матичните книги и Универзитет „Св.Кирил и Методиј“. Со образложение дека податокот е достапен на ЕСЈН, побараната цена не ја достави ниту Апелационен суд - Скопје. Нејасно е зошто Апелационен суд Скопје го даде ова образложение ако се знае дека на ЕСЈН не се објавуваат поединечни цени од купените стоки, услуги и работи. Побараната цена за набавка на еден топ хартија не беше доставена ниту од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство со објаснување дека конкретниот тендер бр. 26-13826/2011 за набавка на канцелариски материјал е поништен. Како што може да се види од табелата за индексот на рационалност, седум институции ја купиле хартијата за фотокопирање под просечно постигнатата цена од институциите (196 денари) додека пак четири институции ја платиле над просекот. Просечната цена која е пресметана врз основа на цените за набавка на хартија за фотокопирање од страна на сите институции е во групата на повисоки цени за овој вид производ што можат да се најдат на пазарот. Констатираните разлики во цените за набавка на хартија за фотокопирање не може да се објаснат со применетите постапки за јавни набавки ниту, пак, со критериумите за избор на најповолна понуда. Хартијата е купувана како дел од канцеларискиот материјал и институциите доминантно ја користеле постапката за прибирање на понуди со објавување на оглас – тоа е случај и со институциите кои хартијата ја купиле по најниска и по највисока цена. Дека применетите постапки не се одразиле на цената говори и споредбата на двете институции кои ја примениле отворената постапка, Агенцијата за катастар на недвижности и ЈП Македонски шуми п.о. - Скопје. Притоа, тие примениле иста постапка, а разликите во нивните цени се големи. Цените по кои што е купувана хартијата за фотокопирање не може да се доведе ниту во директна врска со применетите критериуми за избор на најповолна 8 понуда. Фонд за пензиско и инвалидско осигурување, каде е постигната најниска цена, го применил критериумот за избор 'економски најповолна понуда' (цена - 80 бода, квалитет - 15 бода и рок на испорака - 5 бода), додека пак Спортскиот центар „Борис Трајковски“ ДООЕЛ Скопје каде хартијата е купувана по највисока цена од институциите вклучени во индексот, како критериум за избор ја користел 'најниската цена'. Како што може да се види од следната табела разликите во цените не можат да се објаснат ниту со купените количини на хартијата. Сепак не е можно прецизно споредување на купените количини бидејќи Спортскиот центар „Борис Трајковски“ ДООЕЛ Скопје во тендерот не ги прецизирал количините што планира да ги купи, додека пак ЈП Македонски шуми п.о. - Скопје и Филозофски факултет Скопје не го доставија побараниот податок за купените количини. 

Купени количини на хартијата за фотокопирање

 

Договорен орган Број на топови хартија 
Фонд за пензиско и инвалидско осигурување  /
Агенција за катастар на недвижности  1.000 
Ревизорско тело за ревизија на инструментот за претпристапна помош 190
КПУ Идризово  1.500 
ЈП МЖ Инфраструктура  2.500 
Државен Студентски Центар „Скопје“  200 
МАНУ 600
Агенција за цивилно воздухопловство  700 
Филозофски факултет Скопје  /
ЈП Македонски шуми п.о. - Скопје  /
Спортски центар „Борис Трајковски“ ДООЕЛ Скопје  /