Индекс на рационалност за системи за трансфузија

  • 03/2011

Разликата меѓу најниската и највисоката цена по која е купен овој производ изнесува 22%, што е меѓу најмалите разлики констатирани досега. Сите анализирани набавки се спроведени во отворени постапки, со објавување оглас за доделување на договор за јавна набавка, кои биле деливи по ставки, што се покажува како поповолно за намалување на цените отколку кога набавката не е делива. Индексот на рационалност за набавка на системи за трансфузија е изработен врз основа на набавките на овие системи од страна на општите болници. Цените се добиени со барања за пристап до информации од јавен карактер што беа доставени до 13 градски општи болници. Одговори на барањата се добиени од 11 болници, со тоа што две од нив, ЈЗУ Општа болница Куманово и ЈЗУ Општа болница Гостивар, одговорија дека немаат информации за цените на системите бидејќи нив ги набавува Институтот за трансфузиона медицина од Скопје. По доставено барање и низа усни инсистирања, Институтот достави официјален одговор дека тој не користи системи за трансфузија и оттука не поседува таква информација. Тоа не соодветствува со одговорот од двете болници, дека нивните Центри за трансфузиологија се предадени на управување на Институтот за трансфузиона медицина од Скопје, каде што располагаат со информацијата за цената на системите за трансфузија што ги користат овие две болници. Никаков одговор не пристигна од две болници: ЈЗУ Општа болница Велес и ЈЗУ Општа болница Кавадарци. Индексот на рационалност за набавка на системи за трансфузија е направен врз основа на цените за 100 системи за инфузија купени од страна на 9 општи болници во Република Македонија. 

Просечната цена по која болниците купувале 100 системи за трансфузија изнесува 983 денари. Шест договорни органи ги купиле системите поевтино од просечната цена, а три поскапо. Соодносот меѓу најниската и највисоката цена изнесува 1 : 1,22 што е една од најмалите разлики констатирани досега во изработката на индексот на рационалност. Сите набавки се спроведени во отворени постапки, со објавување оглас за доделување на договор за јавна набавка, кои биле деливи по ставки, што очигледно се покажува како поволно за намалување на цените. Анализата покажува дека и при оваа набавка – на системи за трансфузија, постигнатата цена не е секогаш правопропроционална на набавените количини, што би значело постигнување пониски цени за набавка на поголеми количини. Сепак, одредено влијание на големината на набавените количини врз цената можеби може да се препознае кај договорниот орган што системите за инфузија ги плаќа најскапо (ЈЗУ Општа болница Дебар), а кој реално купил и најмала количина од овој производ.

Купени количини на системи за трансфузија

Договорен орган Број на системи за трансфузија
ЈЗУ Општа болница Струга  36 000
ЈЗУ Општа болница Кочани 10 000
Градска општа болница „8 септември“ Скопје 10 000
ЈЗУ Општа болница Прилеп 20 000
ЈЗУ Општа болница Гевгелија 2 400
ЈЗУ Општа болница Струмица 10 000
ЈЗУ Општа болница Кичево 1500 
ЈЗУ Општа болница Охрид  20 000
ЈЗУ Општа болница Дебар  500

Во однос на критериумите за избор на најповолна понуда, само една болница (ЈЗУ Општа болница Охрид) како критериум за избор ја користела најниската цена, а останатите осум болници изборот го спровеле со критериумот ,економски најповолна понуда‘. Притоа, како што може да се види од индексот на рационалност, токму единствената институција која го користела критериумот ,најниска цена‘ спаѓа во групата болници кои набавиле по цени повисоки од просечната. Со ова несомнено се потврдува констатацијата дека изборот на финансиски поволна понуда секако не зависи само од применетиот критериум за избор, туку и од многу други фактори (критериумите за квалификација на фирмите, тендерската спецификација, начинот на кој е направена деливоста на набавките и сл.). Оние болници, пак, што купувале системи за трансфузија според критериумот ,економски најповолна понуда‘ доминантно го користеле елементот ,рок и начин на плаќањето‘, а мал дел и елементот ,квалитет‘.