Индекс на рационалност за ПВЦ прозорци

  • 11/2012

Соодносот на најниската и највисоката цена за поставување на ПВЦ прозорец изнесува 1:2,11 што значи дека највисоката цена е за 111% повисока од најниската. Со оглед на тоа што прозорците можат да имаат различна димензија, за да се обезбеди споредливост на податоците, индексот е изработен врз основа на цена за еден метар квадратен ПВЦ прозорец. Разликите во цената само делумно можат да се објаснат со применетите постапки и со бројот на купени прозорци.

Во индексот на рационалност за ПВЦ прозорци иницијално беа вклучени 11 договорни органи кои овој вид на набавка го реализирале во 2011 и првата половина од 2012 година. Сепак, на крајот индексот е изработен со 6 институции бидејќи набавените прозорци од страна на Министерство за здравство и општина Карпош не беа споредливи со останатите, односно не беа ПВЦ, петкоморни прозорци. Понатаму, Економски факултет-Скопје информираше дека немал побарано ПВЦ прозорци во набавката која сме му ја посочиле, ОЈУ Детска градинка Димче Мирчев-Велес информираше дека договорот за овој вид набавка им е раскинат, а од СОУ Коста Сусинов- Радовиш известија дека постапката за таа набавка им е поништена. Како што може да се види од Индексот на рационалност за ПВЦ прозорци разликите во цените се навистина значајни. Просечната цена која институциите ја постигнале за еден метар квадратен прозорец изнесува 4.125 денари. Притоа три институции за прозорците платиле цена која е пониска од просечно постигнатата, додека пак други три институции платиле повисоки цени.  Разликите во цената можат само делумно да се објаснат со применетите постапки и со избраните критериуми за избор на најповолна понуда. Имено, сите институции ја примениле постапката ‘барање за прибирање на понуди со објавување на оглас‘, со исклучок на општина Демир Капија која за набавка на прозорците за потребите на ЈОУДГ Борис Трајковски во првата половина од 2012 година применила постапка ‘прибирање на понуди без објавување на оглас‘. Потоа, само општина Сарај применила критериум за избор ‘економски најповолна понуда‘ (цена 80 бода, квалитет 10 бода и рок на изведба 10 бода), додека пак останатите четири договорни органи примениле критериум за избор ‘најниска цена‘. Оттука крајно контрадикторно е што токму договорниот орган што ги бодувал и квалитетот и рокот на изведба постигнал втора најниска цена за разлика од другите каде примарна била само цената. 

Број на инсталирани прозорци

Договорен орган Број на инсталирани прозорци
ЈЗУ Општа болница Велес  16
Општина Сарај  /
Министерство за образование  47
Општина Гостивар 7
О.У. Сами Фрешери“ с.Глумово-Сарај  39
Општина Демир Капија 6

 

Гледано од аспект на купените количини од производот, на постиганите цени делумно влијаела вредноста на вкупниот договор. Општина Демир Капија која за прозорците платила највисока цена и навистина купила најмал број на прозорци, но слични количини има купено и општина Гостивар со цена која е пониска од онаа на општина Демир Капија.